
Оркестарот на Филхармонијата вечерва, со почеток во 21 часот, во Градскиот парк ќе ја изведе монументалната музичко-сценска кантата „Кармина Бурана“ од германскиот композитор Карл Орф.
Со овој спектакуларен концерт ќе биде заокружена концертната сезона „Без Филтер“, а на сцената ќе настапат повеќе од 200 музичари од Македонија, Бугарија и Грција.
Покрај Оркестарот на Филхармонијата на РСМ, во проектот учествуваат музичари од Софиската филхармонија и Државниот симфониски оркестар од Солун, како и хорот на Македонската опера и балет, детскиот хор „Пиколо“ и хорот од Музичкото училиште од Солун. Диригент на концертот е маестро Најден Тодоров од Бугарија, иницијатор на проектот, кој претходно беше реализиран во Софија и Солун.
Како солисти ќе настапат светски познатата македонска сопранистка Ана Дурловски, тенорот Николас Спанос од Грција и баритонот Иво Јорданов од Бугарија.
Директорот на Филхармонијата, Мустафа Имери, истакна дека концертот претставува симбол на соработката меѓу трите балкански оркестри и уште една потврда за моќта на музиката да обединува и да ги надминува границите.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, нагласи дека културата има најголема вредност кога е достапна за сите, посочувајќи дека бесплатниот концерт е подарок за граѓаните и можност за заедничко доживување на врвна уметност.
Организаторите најавуваат незаборавна вечер под отворено небо, во која музиката на Орф ќе испрати силна порака за пријателство, соработка и културно поврзување на регионот.