Кампањата „Учи паметно, работи стручно“ промовирана во средното училиште „Димитар Влахов“

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири денеска го посети средното стручно училиште „Димитар Влахов“ во Скопје каде се одржа отворен ден за идните средношколци, како и промоција на втората фаза од кампањата „Учи паметно, работи стручно“.

– Овој денешен состанок е од голема важност, бидејќи ние како Министерство имавме прилика со претставниците од локалната самоуправа и бизнис комората да извршиме увид во потребите на општините, а врз основа на тие барања и информации работевме на нови насоки за уписот во новата учебна 2022/2023 година, изјави Шаќири.

Тој посочи дека проектот е презентиран во 17 општини за идните средношколци, а исто така и професорите имаа прилика да ги промовираат учебните програми за идните генерации кои ќе се одлучат за стручно образование.

Директорката на средното училиште „Димитар Влахов“, Јасминка Гудоманова истакна дека училиштето е подготвено за претстојниот упис и вратите се отворени за 350 ученици коишто ќе бидат распределени во 13 паралелки, а наставата ќе ја следат на македонски, на албански и на турски наставен јазик соодветно образовните профили.

– Се надевам дека денеска пријатно ќе се чувствувате овде, тука се нашите ученици, нашите наставници коишто ќе ви ги покажат сите изработки и достигнувања на учениците коишто за денес несебично дадоа придонес за овој настан, изјави Годуманова.

Проектот „Учи паметно, работи стручно“ МОН го спроведува од минатата година за да го зголеми бројот на дуални паралелки и да го унапреди средното стручно образование. Согласно со објавениот конкурс за следната учебна година, пријавени се околу 220 дуални паралелки.