Камери, редари, полициски казни...што е решението за вандализмот на јавните простори во Скопје?

Три клупи за седење од Градскиот парк завршија во езерото, неколку беа превртени, а во паркот беше превртена и мобилна тоалетна кабина изминатиов викенд кога обично ова место е попосетено за разлика од работните денови.

Ваквата слика од скопскиот градски парк наиде на низа критики од граѓаните, кои најостро го осудија вандалскиот чин.

Предлагаат камери, редари и/или полициски патроли и се разбира високи казни за оние кои не се грижат за уреденоста и хигиената на јавниот простот. Важно е и да се работи на домашното воспитување, сметаат голем број граѓани.

Еве што коментираат граѓаните:

-Само што помислив дека на некои луѓе им дошол памет и Скопје е почисто од вообичаено, но не. Далеку сме од културно однесување надвор од домот. Ужас!

-Викенди кога има гужва треба да има зголемено присуство на полицијата во паркот.

-Што повеќе полиција да патролира преку ден па и навечер кога е потопло времето пошто младинава седи по парковите, пијат алкохол, пушат се дрогираат и после сите овие работи предозирани прават вакви вандалски работи.Само казни!

-Градски парк треба да се огради и да има чуварска служба 24/7. Инаку ќе се дешаваат вакви глупости нон стоп.

-Казни... Ама, високи казни... 200 еу... 500 еу... Но, само доколку има кој да го набљудува и санкционира однесувањето на "граѓаните"... А, бидејќи нема?!

-Поставете веќе еднаш камери, цел свет така функционира. Треба прво и основно секоја улица, уличка, парк, игралишта со љуљашки и све што е јавен простор да бидат под видео надзор за да има малце од малце ред . Ова не е убаво

-Ова е вистинското лице, менталната матрица, домашното воспитување и општата култура. Народ кој сам себе и своето го уништува!