Калина Коси со жестока реакција: Град Скопје да ги собере буквално сите кучиња скитници до последно

Бездомните кучиња повторно во фокусот на скопјани. Ова следи откако скопјанка деновиве посведочи дека била нападната од глутница кучиња додека утрински трчала на кејот. Вчера во јавноста се појави и случај за нападнато двегодишно дете, исто така, од кучиња скитници. 

Минатата недела Град Скопје најави дека ќе ги прошири капацитетите на ЈП ,„Лајка", што конечно ќе значи конечно хумано, одговорно и системско решение за бездомните кучиња. 

Инфлуенсерката Калина Коси со „радикален“ став на темава. 

- Вчера двегодишно девојче, денес девојка искасапена од улични кучиња! Што треба уште да се случи, некој да умре?! Град Скопје под итно да ја прошири Лајка со капацитет да ги собере буквално сите кучиња скитници ДО ПОСЛЕДНО! Или нека отвори нов стационар, не ми е гајле што ќе прават! Што има да ги заловуваш, третираш и да ни ги враќаш пак на улица?! Собери ги и снаоѓај се! А вие што ги жалите кучињата скитници, греота биле, мрднете подалеку од смејуријава од држава во некоја поразвиена - маче нема да видите на улица, за кучиња да не зборам! - порача Коси. 

Таа упати и порака до оние кои шетаат миленици низ градот, додека другите имаат страв од нив. 

- А пак вие што си ги шетате кучињата ко да сте го ослободиле Скопје: 500 евра казна ако кучето е на ремен, а не носи маска, а трајно одземање на секое „мирно куче“ од оние „не се плаши, не каса“ од сопственикот ако го шета пуштено пред него да си трча! - децидна е Коси. 

Неодамна градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски се осврна и на прашањето за носење бездомни кучиња од други градови во Скопје.

- Со воведувањето на системот „Сејф Сити“, сите кои несовесно ги носат животните во главниот град ќе бидат откриени и санкционирани, порача Ѓорѓиевски. Тој упати апел до скопјани да бидат партнер во оваа борба.

- Секоја појава да се пријавува бидејќи само со заедничка акција можеме да воведеме ред и да изградиме систем што функционира, порача првиот човек на Скопје.