Како знаеме дека љубиме некого?

Љубов. Нѐ преплавува неоддоливо чувство. Нѐ погодува како вреќа цигли. Или како силна стрела. Кога знаеме, знаеме. Зарем не?

Не баш. Со своите 38 години и еден неуспешен брак зад себе, повеќе не ја гледам љубовта со исти очи. Купидон го ставив во ист кош со Дедо Мраз.

Љубовта е серија на избори. Првиот избор е втемелен на многу работи како што се: хемијата, вредностите, логиката, хуморот, интелигенцијата, желбите, потребите, изгледот...

Таа листа продолжува и тежината на секој фактор зависи од поединецот. Врз основа на тие фактори ние избираме дали ќе го започнеме процесот на љубов или не. Ако одлучиме да влеземе во тој процес, може да се случат тие моменти кога се чувствуваме како да нѐ погодила стрела.

Начинот на кој нѐ гледа. Како нѐ засмејува. Начинот на кој повторно прави да чувствуваме прекрасни чувства.

Но, исто како и авионскиот лет, и тука постојат турбуленции. Борби. Несложувања. Мали работи кои ни пречат. Неговите чорапи. Нејзиниот шопинг. Почнуваме да се прашуваме дали сме го направиле вистинскиот избор.

Откако ќе почнеме да се сомневаме, мораме да направиме уште еден избор: да продолжиме да летаме со таа личност или да „скокнеме“ од авионот. Овој избор се темели на 1000 други фактори, повторно во зависност од поединецот и каде се наоѓа на тој пат.

Ако се одлучите за скок, страшниот слободен пад ќе ве направи посилни (ќе ви донесе развој) или ќе ве направи понесреќни (депресивни).

Но, порано или подоцна, ние повторно ќе се вратиме на аеродромот чекајќи да се качиме на друг авион. И повторно ќе ја искусиме турбуленцијата. Или можеби нема турбуленции. Можеби во умот сме ја промениле крајната цел.  Како и да е, пак имаме избор: да летаме или да скокаме?

Љубовта е секојдневно носење одлука: Да сакаме или да не сакаме. Тоа е тоа. Тоа е толку едноставно. Да го продолжиме процесот или не. Ние се заљубуваме и се одљубуваме. Дури и во односите, особено тогаш. Тоа не значи дека не ја сакаме личноста. Тоа значи дека сме направиле избор.

Постои разлика помеѓу тоа да имате чувства на љубов кон некого (да се грижите за таа личност) и кога сакате некого (вашиот избор да ја сакате таа личност). Можеме засекогаш да чувствуваме љубов кон некого, но тоа не значи дека сме одбрале да ја сакаме таа личност засекогаш. Кога ќе избереме да сакаме – тоа не е чувство, тоа е дејствување.

Тоа е причината поради која е толку тешко. Од нас се бара да направиме нешто и не зборуваме тука за купување подароци. Тоа би можело да подразбира да ги оставиме нашите барања на страна. Како и хемијата, така и способноста за љубов не е константа: променлива е. Таа варира, во зависност од тоа во кој стадиум од животот се наоѓаме и со што се бориме.

Понекогаш е лесно да се сака. Понекогаш е тешко. Но, на крајот на краиштата, секогаш се работи за избор. Иако љубовта варира, таа истовремено се продлабочува. Тоа значи дека што подолго остануваме на тој лет, ќе научиме полесно да поднесуваме некои работи. Нашата инвестиција се исплатува. Нашите избори стануваат полесни.

Ние не само што стануваме посилни како пар, туку и како поединци, под претпоставката дека процесот на љубење е здрав, а тоа значи дека и двајцата се трудат.

Како ќе знаете дали е љубов? Тоа не е прашање кое треба да си го поставите. Прашањето е: Дали сте одлучиле да ја сакате таа личност или не? Сега. Не утре. Денес. Направете избор. Да или не.

Ако одговорот е „Да“, сакајте со цело срце. Сакајте со целиот свој капацитет кој моментално го имате во вашиот живот. Ако одговорот е „Не“, ветете ми само една работа.

Падот нека ве направи посилни!