Владата и Министерството за транспорт речиси секој месец најавуваат нови инвестиции во железничката инфраструктура, реконструкција на пругите и поврзување со европските транспортни коридори, но состојбата на терен покажува една поинаква, очајна слика и отвора едно едноставно, но важно прашање – кој се грижи за она што веќе постои?

Во изминатиот период, Владата и Министерството за транспорт во повеќе наврати најавија реконструкција на железничката инфраструктура, нови инвестиции во пругите, модернизација на Коридорот 8 и Коридорот 10, како и подобро железничко поврзување со соседните држави и европските транспортни мрежи. Железницата повторно е претставена како еден од стратешките приоритети на државата. Но, сликата на терен е сосема поинаква.
Фотографиите се направени на железничката станица во Волково – објект кој некогаш бил дел од железничката линија што ги поврзувала Скопје, Полошкиот регион, Кичево и Охрид. Изградбата на оваа железничка траса започнала пред повеќе од еден век, а првите делници биле пуштени во употреба во 1923 година.
Волково се наоѓа на железничката линија Скопје – Волково – Генерал Јанковиќ (граница со Косово), која претставува единствена железничка врска меѓу Македонија и Косово. Истовремено, таа е дел од железничката мрежа што со децении ги поврзувала Скопје, Тетово, Гостивар и Кичево, а во минатото и Охрид преку теснолинејката. Оваа линија има и домашно и меѓународно значење. Со децении, на оваа пруга минувале патници, земјоделски производи, дрва и стока. Во тој период кога автомобилите биле реткост, возот бил главната врска меѓу градовите и селата. Дел од жителите кои ги сретнавме покрај пругата, нѐ информираа дека во осумдесетите и деведесетите, на оваа пруга сообраќал шинобус со кој секојдневно оделе на работа.

Наместо инфраструктура која остава впечаток на безбедност и функционалност, затекнавме обраснати пруги, неискосена трева, отпад, оштетени станични објекти, искривени столбови и простор кој остава впечаток дека со години никој не се грижи за него. Особено впечатливо е искинатото државно знаме, кое очигледно со месеци или години стои без да биде заменето, оставајќи дополнителен впечаток на негрижа кон јавниот простор и државниот имот.

Слична слика може да се види и на бројни железнички станици и постојки низ државата. Заклучена железничка станица, запуштени перони, објекти со искршени прозорци и оштетени фасади, неисправно осветлување, дива вегетација и куп ѓубре покрај пругите кои изгледаат како со години да не се одржуваат. Впечатокот е дека времето едноставно застанало и дека ова место е заборавено од државата.

Особено загрижува фактот што станува збор за инфраструктура која и понатаму е дел од железничката мрежа на државата. Дел од овие пруги имаат регионално и меѓународно значење, вклучително и врската со Косово. Но, додека се планираат капитални инвестиции, останува неодговорено прашањето кој се грижи за секојдневното одржување.
Кој е задолжен да ја коси тревата покрај пругите? Кој треба да ги чисти железничките станици и перони? Кој треба да ги санира оштетените објекти и да се грижи тие да бидат безбедни за патниците и вработените? Но, и кога последен пат е извршен увид во состојбата на овие објекти?

Според законските надлежности, со железничката инфраструктура управува ЈП Железници на Република Северна Македонија – Инфраструктура, кое е задолжено за одржување на пругите, станиците, сигнализацијата и другите инфраструктурни објекти. Токму затоа се поставува прашањето дали редовното одржување воопшто се спроведува и дали постои план за санација на запуштените железнички станици низ државата. Граѓаните кои ги затекнавме блиску до пругата, прашуваат ако оваа институција е нефункционална, дали општината е таа која треба да преземе надлежност со цел да се заштитат и околните куќи од влекачите во големите треви кои тие веќе ги забележале во летниот период?
Граѓаните се радуваат на најавите за модерна железница и можно користење на возовите како превозно средство, но, сепак за нив, во моментот најважно е решавање на овие проблеми, чистење на просторот и одржување на она што веќе постои.