Како да се пронајдеш себеси откако ќе се изгубиш...

Јас имав се: дом, прекрасен сопруг, две преубави ќерки, финансиска стабилност. Ништо не ми недостасуваше. Со години имав прекрасен живот.

Се чувствував сигурно. Но, со текот на времето, сигурноста не ми беше доволна. Сигурноста за мене стана кафез, затвор и се чувствував мизерно и празно.

Бев комплетно изгубена без никаква идеја како да се вратам назад.

Мојот живот беше неудобно предвидлив. Во секое време знаев што ќе се случи следно, во секој момент и секој ден.

Монотонијата на мојот живот го уништуваше мојот дух. Јас повеќе не бев јас и знаев дека патот додека се вратам назад ќе биде страшен и непредвидлив, но во одреден момент јас немав избор. Не можев да живеам далеку од самата себе, па почнав да лутам без идеја за тоа каде одам. Ова се случи пред 3 и пол години.

Денес го пишувам ова од дома, од истиот стар, добар кауч.

Која е разликата? Јас и илјадниците километри кои ги поминав оттогаш. Илјадниците искуства кои ги собрав и кои ме донесоа назад, таму каде што припаѓам.

Се случија многу страшни моменти, моменти кога мислев дека нема да се извлечам. Правев грешки по грешки, кои ме катапултираа во точната насока по која требаше да одам. Не се каам за ништо, затоа што сите погрешни избори ме водеа кон вистинското место.

Ако има еден совет кој би можела да им го дадам на луѓето, би им рекла да се изгубат. Да се пронајдеш себеси не е баш многу удобен процес, ниту пак треба да биде. Престрашно е.

Овој период на збунетост е катализатор за преиспитување, евалуирање на вашиот живот и вашето место во него. Кога ќе почнеш да ги прашуваш прашањата, ќе ги најдеш и одговорите. Само бидете подготвени дека  одговорите кои ќе ги добиете нема да ви се допаднат, но тоа се одговорите кои ви требаат.

Ако веќе се чувствувате изгубено, слушајте внимателно. Вашата душа се дере на цел глас: „Помош! Мене ми е здодевно и изгубена сум. Овие околности повеќе не ме задоволуваат. Почни да бараш пак. Пребарај го секој агол. Пробај нови работи. Направи ужасни процени, доживеј страшни неуспеси и пробај нешто ново пред да ме најдеш. Продолжи да одиш додека не почнеш повторно да се смееш, додека не откриеш разбирање, прифаќање, среќа, задоволство и што е најважно ЦЕЛ.“

Кога се чувствувате изгубено, тоа значи дека сте ја изгубиле вашата цел.

Паметам дека имав неверојатна грижа на  совест затоа што не си го ценев совршениот живот.  За време на овие неколку години, сфатив дека моите надворешни околности, колку и да изгледаат совршено, не се важни ако моите внатрешни околности се скршени, изгубени и лишени од аспирации. Ако немам цел, моите околности ќе изгледаат бесцелни.

Како да ја најдете својата цел?

Правете нешто, што било. Правете се што е спротивно од тоа што го правите моментално.

Нека ви биде неудобно, страшно, повторно бидете почетник. Ако мислите дека знаете се, најдете нешто за коешто не знаете ништо и научете го добро.

Забележете како одговарате и реагирате. Ќе научите нешто ново за себеси, не само за вашиот карактер, туку за она што ве поттикнува да сјаете. Откако ќе го пронајдете тоа, ќе ја пронајдете и вашата цел.

Кога се ставате себеси во непознати ситуации, тогаш сте најконцентрирани. И секогаш ќе се пронаоѓате себеси во непознатото.

Најтешкиот дел од овој процес е осаменоста.  Не можете да се потпрете на никој да ве води во вистинската насока. Плус ова е мисија за еден човек. Да се прави сам е целата поента на патувањето.

Слушајте се себеси без оглед на тоа што може другите да зборат. Се што е важно е вашиот сопствен поттик, а не обесхрабрувањето на другите.

Она што ме поттикнуваше мене беше вербата. Верував дека во секој момент сум таму каде што треба да бидам и дека ќе завршам таму каде што треба да бидам.

Ова е вашиот единствен живот и би било трагедија ако не се откриете себеси.

Не можете да се откриете себеси доколку не се барате себеси, па затоа изгубете се...