Како да оставите силен и позитивен впечаток на луѓето околу вас?

Нема двоумење околу тоа дека говорот на телото е важен. Без ниту еден изговорен збор можете да  фатите и задржите нечие внимание, барем така тврди Лејл Лоундес во својата книга „Како да разговарате со сите?“.

Кога се поздравувате со некого, немојте веднаш да се насмевнувате. Ако упатите насмевка уште во истиот момент, тоа значи дека истата е наменета на секој кој ќе се најде во вашиот видеокруг. Направете пауза, погледнете ја другата личност во очи, а потоа извлечете ја својата најдобра и најтопла насмевка која ќе го осветли целото ваше лице. Иако ова се ќе се одигра во неколку секунди, токму таа мала задршка ќе ги убеди луѓето дека вашата насмевка е искрена и наменета токму на личноста на која сте и ја упатиле насмевката. Таа „побавна“ насмевка ќе додаде повеќе длабочина во тоа како ве доживуваат луѓето.

Лоундес советува: „Замислете дека очите ве се залепени за личноста со која раговрате. Дури и кога ќе завршите со зборувањето, не го прекинувајте контактот со очите. Кога ќе треба да го тргнете погледот од соговорникот, направете го тоа побавно.“  Оваа техника ќе ви помогне да се истакнете како интелигентни и проникливи личности.

Кога се наоѓате во група од неколку луѓе, гледајте во личноста која ве интересира, без оглед на тоа кој зборува во групата. Кога на овој начин набљудувате некого, покажувате дека исклучително ве интересира реакцијата на таа личност.

Луѓето се многу свесни за тоа како реагирате на нив. Кога запознавате некого за првпат, вашето тело свртете го во целост кон таа личност и дајте и го целото ваше внимание. Целосното свртување кон новата личност кажува „мислам дека си многу посебна личност“.

Ако сакате да оставите впечаток дека сте личност со кредибилитет, обидете се да се смирите додека зборувате. Не покажувајте вознемиреност, не се вртете, не се чешајте. Чести потези со рацете во пределот на лицето оддава впечаток дека лажете или дека сте вознемирени. Наместо тоа, усмерете го вашиот поглед кон соговорникот и покажете му дека сте потполно концентрирани на тоа што го зборувате.

Кога запознавате некого за прв пат, замислете дека се работи за некој ваш стар пријател. Според Лоундес, тоа ќе предизвика многу подсвесни реакции во телото: од помеко поставени веѓи, до позицијата на вашите прсти на нозете. Ако се однесувате како некој да ви се допаѓа, тоа можеби и навистина ќе се случи.