Како да ја заборавите поранешната љубов?

Кога ќе прекинеме врска во која имало љубов, обично доживуваме шок, но потоа следува и период кога треба да ја преболиме поранешната љубов и тој период може да биде многу тежок и емотивно хаотичен.

Сакате да заборавите. И сакате да простите. Но, едноставно не можете. Колку и да се трудите да ги заборавите спомените, сите работи ве потсеќаат на поранешната љубов што дополнително може да го отежне целиот процес. Еве низ кои фази се поминува за време на преболувањето со цел да се заборави и преболи поранешната љубов.

Ова не се случи

Прва реакција на загубата на врската е негирање на реалноста. Тоа е одбранбен механизам кој ве спречува да се носите со болните чувства. Се обидувате да се преправате дека сè е во ред, но знаете дека не е тоа така. Кога ќе се почувствувате така, би требало да се фокусирате на прифаќање на вистината. Дозволете си себеси да поминете низ болката, плачете, пишувајте дневник, не ги поттиснувајте негативните чувства.

Лутина и бес: Како можеше да ми го направи тоа?

Болката со текот на времето се пренасочува и се изразува во вид на лутина. Потребно е да најдете некој за да го обвините за болката, па покрај личноста која ве повредила, се осудувате себеси, други луѓе и околностите. Рационално, знаете дека не треба никого да обвинувате, но едноставно во оваа фаза не можете да ги контролирате чувствата. Во вакви моменти најдобро е да се обидете да простите за да можете да се ослободите од тие отровни чувства.

Зар не можеме да се обидеме?

Кога ќе станете свесни дека навистина е крај, тогаш почнувате панично да се фаќате за сламки на спас. Би направиле сè за да ја промените ситуацијата. Барате начини како да се смирите со поранешната љубов, само за да не чувствувате болка. Но, во поголемиот дел од случаите, работите не одат онака како вие сакате, па најдобро е да се опуштите и да избегнувате контакт во оваа фаза.

Бран на тага

Кога конечно ќе сфатите дека не можете ништо да промените, постои ризик дека ќе се чувствувате депресивно: постојано се чувствувате уморно, не сакате ништо да правите, ги избегнувате пријателите, не можете да спиете. Доколку симптомите стануваат посилни и влијаат на секојдневниот живот, побарајте помош!

Прифаќање на ситуацијата и помирување

Кога ќе почнете да ја прифаќате реалноста на ситуацијата, со тек на време ќе можете да постигнете мир со себе и да се помирите со загубата. Ова не гарантира среќа, затоа што уште ќе бидете во фаза на преболување, но нема да бидете толку емотивни и ќе почнете да пронаоѓате светлина во животот. Работи кои предизвикаат спомени и натаму можеби ќе ги потресат вашите чувства, но тоа можете да го спречите до одреден степен:

  • Старите фотографии ставете ги на место каде што не можете лесно да ги најдете

  • Не одете на места кои ќе ви предизвикуваат чувства и ќе ви ги разбудат спомените

  • Сосредоточете се на предностите на раскинувањето

  • Верувајте дека сè ќе биде во ред... и дека е во прашање на време кога ќе се случи тоа.

Во тешки времиња е тешко да се пронајде оптимизам, но кога ќе се навратите на оваа ситуација по некое време, ќе сфатите колку лекции сте научиле, колку посилни сте станале и дека сте добиле многу нови можности.