Како да ја подобрите комуникацијата со партнерот?

Дали ви звучат познато следниве изрази: „Аха, добро“, „Сеедно ми е“, „Како што ќе кажеш“? Тие најчесто се составен дел од долгите врски или долгогодишните бракови. Овие „одговори“ понекогаш се резултат на невнимание, но најчесто сигнализираат нарушена комуникација во врската. Таквата нарушена комуникација води до нездрави, „отровни“ модели на однесување, преку кои партнерите се поврзуваат еден со друг на лош начин.

Чести проблеми во комуникацијата

  1. Презирање. Презирот има за цел да го навреди и понижи партнерот. Оној што го користи пренесува порака „Јас сум подобар од тебе“. Презирот е показател дека не постои заемно почитување и може да биде отровен за врската, затоа што најчесто ги потиснува позитивните чувства меѓу партнерите и комуникацијата се сведува само на војна со зборови.
  2. Заземање одбранбен став. Се појавува кога и двајцата партнери се чувствуваат како жртви, заземаат став „Не сум јас виновен/на“ и ниту еден не се обидува да го реши конфликтот. Заземањето дефанзивен став е деструктивно, затоа што најчесто станува рефлексно, т.е. при појавата на проблем партнерите по автоматизам започнуваат да се бранат со најразлични аргументи, и ги оставаат проблемите да растат од ден на ден.
  3. Незаинтересираност. Со појавата на незаинтересираноста врската го достигнува своето дно. Секој од партнерите едноставно престанува да реагира на она што го прави или вели другиот. Во оваа состојба, нема ниту обвинување, ниту одбрана. Двајцата се повлекуваат во себе и не реагираат на проблемите, избегнуваат контакт со очите и имаат вкочанет говор на телото кој укажува дека не се ислушуваат. Ова се јасни знаци дека партнерите целосно ги пресекле сите линии за комуникација.
  4. Критизерство. Добронамерните критики не само што не треба да се избегнуваат, туку и се пожелни во секоја врска. Но, од друга страна, неконструктивните критики кои само го навредуваат партнерот треба да останат подалеку од врската. Едно е да му укажете на вашиот партнер за некоја негова негативна особина и да му предложите како да ја промени, а сосема друго е да го критикувате без да имате цврста основа, ниту пак совети.
  5. Премолчување. Премолчувањето на проблемите може да биде фатално за врската. Малите проблеми ќе се трупаат и пред да се свестите, може да се најдете исправени пред куп од испреплетени проблеми кои направиле толку цврста пајажина, што ќе ви биде многу тешко да ја расплетете.

Се разбира дека овие проблеми можат да се појават во секоја врска. Дури и најсреќните парови понекогаш имаат нарушена комуникација во напрегнат период. Но, опасноста за врската се појавува кога проблемите во комуникацијата стануваат секојдневие од кое партнерите не можат да избегаат.

Совети за подобрување на комуникацијата со партнерот

Комуникацијата има клучна улога во градењето на здрава и успешна врска. Преку неа ние ги споделуваме нашите интереси, одлуки и грижи, ја изразуваме поддршката и љубовта кон партнерот, ги надминуваме разликите, ги решаваме проблемите итн. Способноста ефективно да комуницираме претставува вештина, а секоја вештина може да биде научена. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат во тоа:

  1. Издвојте си време за разговор. Со денешното темпо на живот многу лесно може да станете роб на секојдневните рутински активности и да заборавите дека до вас постои личност на која ѝ е потребно вашето внимание. Вашиот партнер сигурно нема да признае, но нему му е потребен некој што ќе го ислуша. Затоа, секојдневно издвојувајте барем малку време само за него. Не е важно дали тоа ќе биде за време на вечерата или пак додека заедно ги извршувате домашните обврски, важно е постојано да разговарате.
  2. Научете се да слушате. Слушањето е основен дел од секоја комуникација. Иако изгледа како многу лесна задача, влегувањето во улогата на добар слушател и не е толку едноставно. Ако додека партнерот зборува, вие размислувате што да кажете наредно, тоа не е ефективно слушање. Ислушувајте го што има да каже, концентрирајќи се на секој негов збор. За да му докажете дека внимателно го слушате, повторете дел од она што го кажал и прашајте го дали добро сте разбрале, на пример „Значи, ти мислиш дека...(неговото размислување)..., така?“, а потоа кажете го вашето мислење.
  3. Бидете отворени и искрени. Да имате здрава врска значи да бидете отворени и искрени кон својот партнер. Многу жени ги кријат своите емоции, чувства и потреби, затоа што се плашат од реакцијата на партнерот или затоа што сметаат дека нивниот партнер би требало да претпостави што ги мачи. Но, како што знаете, вашиот партнер не е суперхерој кој може да чита мисли. Затоа, започнете да зборувате отворено со него, дури и ако тоа значи да му кажете нешта за вас кои никој друг не ги знае. Тоа ќе ја подобри вашата комуникација и ќе го поттикне и него да споделува повеќе и повеќе.
  4. Користете реченици кои ја содржат личната заменка „Јас“. Ефективен начин на разговор е користењето на „Јас“ пораки. Тоа се ставови кои ги опишуваат вашите чувства и кажуваат како влијае однесувањето на партнерот на вас, без да го навредат или обвинат него за тоа. На пример, подобро е да кажете „Јас сметам дека треба повеќе да излегуваме“ отколку „Ти никогаш не ме носиш никаде“. На тој начин меѓу вас ќе се создаде позитивна атмосфера за комуницирање, во која тој ќе добие желба да ве ислуша и да го искаже своето мислење, без да треба да се правда зошто постапил на одреден начин.
  5. Не правете се дека знаете сè. Фрустрирачки е да разговарате со некој кој „знае сè“. Добрата комуникација се состои од слушање и поставување прашања, без тврдоглаво наметнување на мислења. Добро е да дадете совет и да го поткрепите својот став со аргументи, но празното зборување зачинето со непопустливост и тврдоглавост може да биде контрапродуктивно.
  6. Фокусирајте се на сегашноста. Веројатно ви се случило да започнете да се расправате за еден проблем, а да се префрлите на сосема друг и дури и трет. Навраќањето на минатите проблеми само дополнително ја прави комуникацијата покомплицирана. За да го избегнете тоа, обидете се да останете фокусирани на сегашниот проблем, на вашите чувства и ставови кон него и на пронаоѓање на решение за него. Редовното разрешување на проблемите ќе ви помогне да го избегнете расправањето за 100 проблеми одеднаш.
  7. Научете се да правите компромис. Наместо да се обидувате да излезете како победник од секоја расправија, обидете се да најдете компромисно решение. Здравата комуникација вклучува пронаоѓање на решение кое ќе ги задоволи и двете страни.