Кај 33-годишен скопјанец пронајдени бомба, оружје и муниција – и клуч од мотор што се поврзува со убиство

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против 33-годишен скопјанец, откако при претрес во неговиот дом биле пронајдени поголемо количество оружје и муниција, рачна бомба, марихуана, како и клуч од мотор за кој постојат оперативни сознанија дека бил користен при извршување убиство.

Осомничениот се товари за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, како и за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Според Обвинителството, при претресот полицијата пронашла и запленила рачна бомба „М75“ со метални кугли и шрапнелско дејство, чие поседување е забрането за граѓаните, како и вкупно 240 куршуми од различен калибар.

Пронајдени биле и два пиштола – „Црвена Застава“ со калибар 7,65 милиметри, со рамка во која имало седум куршуми, како и „Берета“ со рамка со шест куршуми.

Во домот биле откриени и околу седум грама марихуана.

Посебно внимание во истрагата привлекува и клучот од мотор пронајден во станот. Според Обвинителството, за моторот постојат оперативни сознанија дека бил употребен при извршување кривично дело убиство. Засега не се соопштува за кое убиство станува збор, ниту дали осомничениот се поврзува со неговото извршување.

Јавниот обвинител побарал од судот на 33-годишникот да му биде определен притвор.

Како основи за најстрогата мерка се наведуваат опасноста од бегство и можноста осомничениот да продолжи со вршење кривични дела.