„Каде се Берлин и Париз, па каде Скопје“ - далеку ли сме од европска метропола?

Скопје не секогаш изгледа како вистинска метропола. За впечатокот пресудни се повеќе параметри.

За жал, главниот град не може да се пофали со чист воздух, но и општа хигиена. Додека едни депонии се расчистуваат, други никнуваат. Ниту сообраќајната култура е на некое завидно ниво, коментираат дел од граѓаните на социјалните мрежи.

Многумина прават паралела со Берлин, Париз и други европски метрополи и споредбата, изгледа, е поразителна за нас како општество.

Еден скопјанец го пренесува својот впечаток од Берлин, коментирајќи фотографија од Скопје каде сметот завршил среде улица во центарот на градот.

-Сега се вратив од Берлин и тотално сум под позитивен шок. Нема пластични пакувања, се е картон и стакло. Низ центар нема возила, скоро па ич. Сите се возат со метро, бус, трамвај и најмногу точаци и тротинети електрични. Отпад по улици нема, нема пикавци, смет....Ништо! Реката чиста ко солза. Индустрија дислоцирана од градот. Воздухот чист и ветренце пирка цело време. Во метро станици можеш да јадеш од под. А толку има народ и туристи, од сите страни на светот. Ние сме дно дна, констатира тој алудирајќи на нашата култура, менталитет, конзумеризам или што и да е – деструктивно за средината во која живееме.

Француската метропола, Париз, функционира во сличен ритам.

-Париз има пишана стратегија која ја спроведува, наречена „Париз дише“. Скопје и скопските општини имаат непишана, но спроведена стратегија „Скопје паркира“, констатираат од иницијативата „На точак“ чија цел e помалку сообраќај во Скопје по примерот на европските метрополи.