К-15 од најмалку 8.900 денари до крајот на годинава

Вработените во приватнот сектор и оваа година имат право на регрес за годишен одмор, попознат како К-15, и тоа во минимална висина од околу 8.900 денари.

Еден дел од вработените во стопанството веќе заминаа на годишен одмор со овие средства на сметките, додека, пак, повеќето ќе треба да причекаат до крајот на годината, кога истекува законскиот рок за исплата на регресот.

Претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров објаснува дека правото на К-15 продолжува и покрај тоа што Општиот колективен договор за стопанстовото со кој е утврдена неговата исплата истече минатиот месец.

Тоа што продолжува примената на одредбите на стариот Колективен договор значи и дека за К-15 и годинава ќе се применува ланското правило, според кое и покрај утврдената минимална сума од 40 проценти од просечната нето-плата во државата, што сега е нешто над 8.800 денари, некои работодавачи имаат право на работниците да им поделат и помалку, доколку фирмата е во финансиски тешкотии, но со согласност од синдикалниот претставник, или избраниот претставник на работниците. Ова во изминатите две години на дел од работодавачите им остави простор на работниците да им дадат и по 100 денари, со што ги избегнаа високите парични казни за неисполнување на обврската за исплата на К-15.

Инаку, во самиот Колективен договор, според ОРМ има нејаснотии во делот за тоа како се одредува дека компанијата која сака да исплати К-15 помалку од минималната сума има финансиски тешкотии. Нејасно е и тоа дали еден работник кој шест месеци работел во една, а потоа уште шест месеци во друга фирма во иста календарска година, треба да добие К-15 од двете или само од едната. Но, за да се седне и да се разговара за овие и другите дилеми со партнерите прво треба да се средат состојбите во Сојузот на синдикатите на Македонија, каде од завчера на местото на претседателот Живко Митревски е Дарко Димовски, но само како вршител на должност, со задача да свика вонреден конгрес на Синдикатот на кој ќе се избере нов претседател и органи на ССМ.

- Доколку ниту една од договорните страни, односно работодавачите и синдикатот, не поднесат барање за корекција на Колективниот договор, тој ќе продолжи да важи, така што овој Договор може да се применува и во наредните две години. Тоа го овозможува членот 228 од Законот за работни односи, вели тој.