
Од Општина Карпош денеска преку објава на Фејсбук информираа дека ЈП „Лајка“ ќе заловува бездомни кучиња во општината.
„Локалната самоуправа ќе воспостави меѓуопштинска соработка со Град Скопје, за заловување и собирање на бездомни односно нерегистрирани и регистрирани кучиња, кои ќе бидат затекнати на јавните површини на подрачјето на Карпош“, посочија од Општината.
Поддршка за оваа Одлука дадоа советниците од Општина Карпош, кои во рамки на денешната 10-та седница одлучуваа по 13 точки кои се најдоа на дневниот ред.
„Поврзано со оваа Одлука, Градот Скопје ќе учестувува во меѓуопштинската соработка со обезбедување трајно и квалитетно вршење на заедничката надлежност на целото подрачје на главниот град, преку Јавното претпријатие „Лајка“ – Скопје, како и со сопствени финансиски средства за таа намена. Во случајов, Општина Карпош ќе учествува во меѓуопштинската соработка со предвидени финансиски средства во износ од 2.000.000 денари поединечно за таа намена. За реализација на оваа Одлука, градоначалникот на Општина Карпош ќе склучи договор со градоначалникот на Град Скопје и директорот на јавното претпријатие во форма и содржина пропишана со Законот за меѓуопштинска соработка, во кој детално ќе се уредат прашањата за начинот и условите за вршење на заедничката надлежност, начинот на исплата на финансиските средства и други прашања од значење за меѓуопштинската соработка“, се вели во објавата на Општина Карпош.