Јовановски за Арсовска: Ви се смее, во очи ве гледа и дрско лаже

Директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски објави видео со кое, како што вели, ги разоткрива патолошките лаги на Данела Арсовска, чиј поддржувач беше во изборната кампања.

Од видеото може да се види како градоначалничката на Скопје вели дека во видеото направено за време на нејзината изборна кампања се возела во автобус на ЈСП, а, според снимките, сепак се возела во автобус на „Слобода превоз“.

„Ви се смее, во очи ве гледа и дрско лаже. На прашањето на новинарот дека во кампањата се возеше со приватен автобус без срам и перде му реплицира: 'напротив се возев со автобус на ЈСП Скопје'. А еве на протестите видете го и автобусот (со рег.табл. и гаражен број) и возачот од Слобода Превоз и сите други кои ги лажеше. Сега по 33 години работа и нив ги остави без пари, а скопјани без превоз кој сега и за пари го нема“, напиша Јовановски на Facebook, објавувајќи видео од „патолошките лаги“ на градоначалничката.

Пред неколку дена, Јовановски соопшти дека е зачуден од изјавата на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која ги обвини приватните превозници дека не пријавиле ниту еден продаден билет во изминатите пет години.

„Не знам како сме ги продавале билетите, јас ли сум одел низ град и сум продавал карти за јавен превоз. Само болен во мозокот може да смисли ваква лага. Ни беше понудено, но не прифативме да продаваме билети бидејќи не добивме фискални апарати од ЈСП“, соопшти тој пред новинарите.

Приватните превозници добиле ветување од Советот на град Скопје дека ќе стори сè што е во негова надлежност за да се надмине проблемот со кој се соочуваат превозниците. Дотогаш, нема да возат.

Јовановски беше дел од изборната кампања на Арсовска како нејзин голем поддржувач, а заедно ја славеа и победата на изборите. Тогаш Јовановски ги убедуваше скопјани да гласаат за неа, поддржувајќи ги нејзините главни ветувања во кампањата за бесплатен јавен превоз и 250 еколошки автобуси.