Јордановска: Знаеме дека не сме сите подеднакво третирани во овој трул здравствен систем

Новинарката Мери Јордановска вели дека најмалку што можат да направат властите по смртта на 5-годишната Јана од битолско е комплетно, целосно, до последна точка да го истражат овој случај и до последен детаљ да им дадат објаснување на овие луѓе зошто починало нивното дете.

Ова следи откако родителите со потресно сведоштво за Сител ТВ раскажаа што се случувало во битолската болница. 

-Ова се ликовите на нашето општество. Кој успева да не прсне во плач, не е човек. Скромни, луѓе кои немаат врски за да можат со амбулантно возило и доктор да бидат пренесени во Скопје, луѓе кои стојат во ходник два часа, во празно, чекајќи да им соопштат дека нивното девојче е починато, иако веќе знаеле, луѓе кои немале познати да ги свикаат најдобрите доктори за да се види како е можно девојче да влезе во болница на нозе, а да биде покриено со бел чаршав само неколку часа подоцна. Луѓе кои и покрај најголемата загуба, ги отвораат вратите од својот дом и имаат сила и доблест да кажат „ова го правиме за да не се случи на никој друг“, вели новинарката Јордановска. 

-Ова е светот што го живее обичниот македонски граѓанин. И на овој свет, може само да се плаче. Не знаеме дали станува збор за лекарска грешка, но во случајов, како лаици со сигурност знаеме дека болницата (а богами и сите останати) не располагаат ниту со доволно кадри ниту пак со доволно опрема. Со уште поголема сигурност знаеме дека не сме сите подеднакво третирани во овој трул здравствен систем. И ако властите имаат малку доблест, најмалку, ама најмалку што можат да направат е комплетно, целосно, до последна точка да го истражат овој случај и до последен детаљ да им дадат објаснување на овие луѓе зошто починало нивното дете. До  толку заслужиле овие скромни луѓе - да не живеат во прашалници цел живот. Во неподнослива болка ќе живеат секако, наведува Јордановска во својата објава на фејсбук.