Стресот и нервозата се насекаде околу нас.
Ве бара шефот, ви ѕвони сопругот со прашањето што има за вечера, а децата се дома и веќе знаете дека ве чека хаос кога ќе се вратите дома. Тешко дишете и си велите дека ви е потребно нешто да ви помогне да се опуштите.
Јогата докажано помага против нервозата и постојаното чувство на загриженост. Зборот јога произлегува во хинду зборот јоке што значи нешто да дојде заедно, да се спои. Токму и тоа се постигнува преку неа - таа овозможува поврзување на умот, духот и телото.
Таа претставува пракса која вклучува физички движења, контролирано дишење и медитација. Затоа и е толку ефикасна против нервозата. Со неа се намалува и крвниот притисок, но и забрзаниот крвоток кој е честа последица на постојаниот стрес.
Јогата е одличен избор за борба против нервозата бидејќи може да се практикува преку различни дисциплини, а сите тие имаат за цел - да ги смират нашиот ум и тело.
Можете да ја вежбате дома или пак во студио со инструктор, но секогаш треба да бидете внимателни како ги изведувате вежбите. Особено внимание треба да посветите ако имате одредени здравствени проблеми, како што се остеопороза, спондилоза, болки во грбот и вратот, проблеми со балансот, проблеми со очите како глаукома, згрутчувања во крвта, многу висок крвен притисок и тн.
Освен смирување на умот и телото, јогата придонесува и за:
Намалување на стресот и анксиозноста,
Подобар сон
Намалување на нивоата на кортизол во нашето тело
Подобрување на симптомите кај алергиите и астмата
Намален крвен притисок
Намалување на тензијата во мускулите
Зголемена сила и флексибилност
Забавено стареење на телото и умот
Не постои време во денот кога е најдобро да се практикува јога, бидејќи тоа зависи од она што сакате да го постигнете. Можете да го започнете денот со јога доколку би сакале опуштено да го започнете денот и да се разбудите, а можете и да вежбате јога пред спиење со цел да се опуштите и заспиете подобро.
Бенефитите од вежбањето јога доаѓаат брзо, но тие најдобро се чувствуваат доколку ја практикувате јогата редовно.