Јасмина Делчева-Диздаревиќ: Потребни се промени во процесот на описменување на децата од прво до трето одделение

Професорката на Институтот по педагогија при Филозофскиот факултет, Јасмина Делчева – Диздаревиќ на „Саемот на книга“ ги претстави „Тетратка за почетно пишување“, „Вежбанка за почетно пишување: графомоторички вежби“ и воедно најави уште едно дело кое наскоро ќе биде достапно, „Дидактика на јазичното подрачје“. Овие три изданија се надополнуваат едно со друго и се насочени кон тоа да се подобри процесот на описменување на децата од прво до трето одделение. „Тетратка за почетно пишување“ и „Вежбанка за почетно пишување: графомоторички вежби“ веќе може да се најдат на во книжарниците „Литература.мк“, а овој комплет наскоро ќе биде збогатен со „Дидактика на јазичното подрачје“ кој, пак, е наменет како учебник за студентите на сите наставнички факултети.

Во издание на „Арс Ламина“ веќе ги имате „Тетратка за почетно пишување“ и „Вежбанка за почетно пишување: графомоторички вежби“. Но, наскоро ќе се појави и книгата „Дидактика на јазично подрачје“. Може да ни кажете нешто повеќе за оваа нова книга која ќе може да се најде во книжарниците „Литература.мк“?

Книгата „Дидактика на јазично подрачје“ е всушност теоретско и научно дело кое се занимава со почетната писменост. Во неа се образложени дидактичките методи, како правилно и лесно да се описменуваат децата. Нашиот македонски јазик, кој има фонетски правопис, има свои специфики и тие треба да се почитуваат. Книгата, исто така, е компатибилна на наставната програма по македонски јазик, и согласно неа, покрај почетното описменување, се третирани културата на усното и писменото изразување, јазик или граматика, лектирното и воннаставното читање, медиумската култура итн.

 Кое е значењето на „Тетратка за почетно пишување“ и „Вежбанка за почетно пишување: графомоторички вежби“ и зошто би ги препорачале на родителите кои имаат деца во претшколска возраст или, пак, веќе се влезени во образовниот систем?

 „Тетратката за почетно описменување“ не е нова, таа постои на пазарот многу одамна, уште со првиот буквар на Ѓорѓи Делчев, а сега е само сменета корицата. Се надевам дека овој пат конечно ќе престане нејзината злоупотреба. Инаку, нејзините предности во однос на обичните тетратки со тесни и широки празнини се големи. Имено, оваа тетратка со својот линиски систем е приспособена на нашата азбука, па оттука пишувањето во неа го олеснува процесот на описменување за постепено ученикот да се оспособи и да го дефинира својот ракопис кој ќе ја отсликува неговата индивидуалност.

„Вежбанката за почетно пишување“, пак, овозможува, според дидактичкиот принцип на постапност, фината моторика кај децата постепено да се развива, од вежби за пишување на отворен простор, со интересни и забавни илустрации, па сè до пишување во ограничен простор идентичен со „Тетратката за почетно пишување“. На овој начин овие две дидактички помагала се поврзуваат и надополнуваат.

Голем дел од вашата методологија и пристап доаѓаат од таканаречената француска школа. Може ли да ни кажете кои се нејзините специфики и кој дел од нив се обидувате да го пренесете во нашата земја?

 Ако ја препознавате активната француска школа, тоа значи дека при процесот на описменувањето е користен и глобалниот метод кој е применуван во јазиците со етимолошки правопис како што е францускиот. Оттука, покрај примената на аналитичко-синтетичкиот метод се применуваат и елементи на глобалниот метод, кој му овозможува на ученикот при процесот на читањето да не прави грешки кои се многу присутни во наставата по македонски јазик. Глобалното читање или читање на цели зборови му овозможува на ученикот да се оспособува да чита онака како што зборува.

Вашиот татко е Ѓорѓи Делчев, кој воедно во 1978 година го има направено букварот со кој се имаат описменето 37 генерации. Колкаво значење во вашата работа имаше вашиот татко и дали сметате дека и вие со вашата стручност и работа ја продолжувате неговата мисија?

Влијанието на татко ми во мојата понатамошна професионална определба е големо, да не кажам и клучно, затоа што моето детство и младост поминаа заедно со него гледајќи како ги составува букварите, и кај мене природно се роди љубов кон таа работа. Можам слободно да кажам дека сум горда на него затоа што од него многу научив за сите прашања поврзани со почетната писменост. Неговиот буквар неслучајно со секое негово ново издание сè до 2005 година описмени 37 генерации македонски ученици. Многу често ми се случува дел од оддленските наставници да ми го побараат истиот буквар за да работат по него, незадоволни од денешните понудени учебници.

Каде ги наоѓате и дали воопшто наоѓате слабите точки во македонскиот образовен систем конкретно во делот на описменувањето на учениците од прво одделение?

Кога ќе ги погледнете реформите на нашиот воспитно-образовен систем ќе забележите дека реформите се направени во сите наставни предмети освен по предметот македонски јазик, па оттука и логично е да ги најдете слабостите во процесот на описменување. Како пример ќе ви посочам дека учениците во прво одделени ги препознаваат само големите печатни букви (а само три мали печатни букви се разликуваат од големите: Аа, Бб и Ее). Затоа е и непотребно да се изучуваат одвоено. Од друга страна, пак, во другите наставни предмети, како на пример математика, од учениците се бара да ги пишуваат бројките и да решаваат задачи. Затоа, сметам дека повеќе од итно е да се реформираат наставните програми по македонски јазик, иако по мое видување е веќе и доцна, од причини што описменувањето ако е погрешно или задоцнето остава трајни последици врз развојот на ученикот и неговото понатамошно образование. Македонскиот јазик покрај тоа што е застапен како наставен предмет е и наставен јазик и од овие причини не се дозволени никакви импровизации.