Јаневска открива: Диплома од Славјанскиот универзитет од 2016-та со печат со Република Северна Македонија

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска вчера изнесе шокантни детали од нерегуларностите поврзани со дипломите, во случајов од Славјанскиот универзитет.

Таа посочи дека две дипломи биле поништени, додавајќи дека има многу нерегуларности – од полагање 14 или 17 испити во една сесија, правење несоодветни еквиваленции на четири ЕКТ-системи, од еден предмет на четири ЕКТ-системи, признаени два по седум ЕКТ-кредити и диплома од 2016, на која има печат со Република Северна Македонија, иако тогаш државата се уште го немаше променето старото име, Република Македонија. 

„Вие знаете дека тогаш ние го имавме нашето омилено име. Името е променето во 2018 година“, вели Јаневска.

Таа порача дека факултетот ќе има сериозни последици доколку се докаже фалсификатот.

„Доколку се докаже, а сигурно ќе се докаже фалсификатот, универзитетот ќе има сериозни последици“, изјави Јаневска одговарајќи на новинарско прашање пред последната панел-дискусија во рамките на кампањата „Магијата е во знаењето“.