„Добро е кога на настани посветени на состојбите во образованието и на креирање идни политики присутни се голем број фактори на општеството. Тоа покажува колку сите ние силно веруваме дека образованието е основниот постулат на кој треба да ја развиваме државата и гарантира утврдување добар правец на дејствување за остварување на целта“.
Ова го истакна министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, на конференцијата „Осигурување на одржливост на реформите за подобрување на образовниот систем“, во организација на проектот „Зголемување на атрактивноста, инклузивноста и релевантноста на стручното образование и обука и образованието за возрасни“, кој е финансиран од ЕУ.
„Благодарност до сите присутни на оваа конференција и што ќе дадеме заеднички придонес кон градењето поквалитетен образовен систем затоа што ова не е обврска само на еден човек или само на една институција. Обврската е заедничка на сите нас, кои живееме, работиме и ја гледаме својата иднина тука во Македонија, а чест е што имаме партнери, како Европската Унија и повеќе други, што постојано ни обезбедуваат поддршка, ефективна и видлива“, потенцира Јаневска.
Се надевам, рече министерката, дека таа поддршка ќе продолжи за приоритетите на новата Влада во делот на образованието.
„Важни ни се сите сегменти на образованието и одеднаш и еднакво ќе дејствуваме и во основното и во средното образование, но и во високото и науката. Нови наставни програми и учебници за седмо, осмо и деветто одделение, а потоа навраќање и на подолните одделенија. Нови наставни програми и учебници во средното гимназиско образование. Во стручното останува проширувањето на концептот на дуалното образование, од кој верувам сите сме исклучително задоволни, но и продолжување на развојот на регионалните центри за стручно образование и обука“, додаде Јаневска.
За сите промени, потребна е квалитетна законска регулатива, односно почната е јавна дебата за менување повеќе законски решенија – за основно и средно образование, за средно стручно образование, за образование на возрасните и за националната рамка на квалификации.
„Чекорите што ги преземаме ќе бидат посмели и порешителни знаејќи дека имаме партнери на кои можеме да се потпреме во секое време. Нема лесни промени, но и нема откажување од иднината на нашите деца„“, истакна Јаневска во обраќањето пред присутните на конференцијата.