Јаневска: Нема да се сведуваме на проекти, целта е стабилен систем против врсничкото насилство

Создавање систем кој постојано ќе го спречува и навреме ќе го препознава врсничкото насилство е целта на мерките што ги подготвува Министерството за образование и наука.

Министерката Весна Јаневска најави дека активностите ќе се спроведуваат континуирано, наместо да се сведуваат на поединечни и краткорочни проекти.

Според Јаневска, досега се преземени повеќе чекори во оваа насока, меѓу кои и законски измени, проекти и промени во функционирањето на училиштата. Во мерките е опфатен и начинот на организација на работата на наставниците и грижата за учениците.

Еден од предвидените механизми се и санкциите за родителите чии деца повторно манифестираат насилно однесување кон свои врсници.

„Предвидовме исклучително многу активности за сузбивање на врсничкото насилство. Ова е прва Влада која посвети толку внимание на оваа појава“, изјави Јаневска.

Министерката најави и продлабочување на соработката со Град Скопје. Засега разговорите се водат меѓу надлежните служби, а дополнително се очекува координација со градоначалникот околу конкретните активности што треба да се реализираат. Целта, како што посочи Јаневска, е превенцијата да стане траен дел од функционирањето на образовниот систем.

„Тоа ќе бидат континуирани проекти, за да не бидат само проекти како проекти, туку да воспоставиме стабилен систем кој континуирано ќе дејствува во спречувањето на врсничкото насилство“, рече таа.