
Бура од реакции во јавноста предизвика изјавата на министерката за образование и наука Весна Јаневска, покрај знаење, првачињата да побараат и братче или сестриче.
По контроверзната изјава, таа порача дека немала намера да навреди или да влијае врз личните одлуки на граѓаните, туку само да алармира за демографскиот пад.
„Ако продолжиме вака, постојано ќе затвораме училишта. Ние пред три години направивме сликовница за прво, второ и трето одделение што се вика ‘Јас, мама, тато, дада и бато’. Оттука порака за првачињата: освен тоа што ќе побараат да стекнат знаење, можеби треба да побараат да стекнат и братче и сестриче, за да можеме повторно овие привремено затворени училишта во иднина да ги отвораме“, изјави вчера Јаневска при посетата на ООУ „Ацо Шопов“ во Бутел.
Оваа нејзина изјава наиде на жестоки реакции, но речиси сите се едногласни во пораката - Потребен е подобар стандард за семејствата да се одлучуваат за повеќе деца.
Еве дел од коментарите на социјалните мрежи:
- Не е решение само да се роди детенце. Тоа е најмал проблем. Потрудете се вие политичарите на младите да им обезбедете пристојни плати и стамбено прашање за да можат да формираат семејство. Не туку ни филозофирајте.
- „Побарајте братче или сестриче“ звучи убаво, но пред тоа треба да се обезбедат услови родителите да можат достоинствено да ги издржуваат тие деца. Да има редовни плати и редовно исплаќање на породилното, затоа што со една плата и нередовни примања, како ќе се гледаат и издржуваат тие деца.
- Нема детски додаток како секаде низ Европа, над 50% од учители се партиски полтрони и појма немаат од пренесување знаење на децата... Насилството по училиштата е на највисоко ниво. Кочани не Ви беше лекција да се превземе нешто...
- За таква желба министерке, вие и вашите ќе треба мнооогуу да работите. Не е тоа сипи, напиј се. Јас имам 2 деца, и третото е на пат, ама има семејства кои преживуваат месец за месец. Како тие да створат и изведат на пат дете, без основни услови за живот? Договорете се, помалку за политичарите, повеќе за народот, и ќе се оправи Македонија, ќе има деца, ќе има работа, ќе има просперитет...
Јаневска ли ќе ги храни? https://t.co/4AfTohYPk0
— Scarlett O'Hara (@Scarlett_O_5) September 2, 2026