Јаневска: Изработивме нова Стратегија за образование, објавена е на јавен увид

Работна група составена од претставници на Министерството за образование и наука, Делегацијата на ЕУ, УНИЦЕФ, Светска банка, ГИЗ, УНДП, Бирото за развој на образованието, Центарот за развој на стручното образование, Државниот испитен центар, Државниот просветен инспекторат и граѓанскиот сектор изработи нова Стратегија за образование која ќе се применува од 2026 до 2032 година.

Пред да биде усвоена од Владата, ќе биде ставена на увид на јавноста преку владиниот ЕНЕР систем со цел да се даде можност за коментари и сугестии во насока на унапредување на содржината.

За ова денес информираше министерката за образование и наука, Весна Јаневска, пред почетокот на валидациската работилница за Стратегијата, изразувајќи благодарност до сите кои дадоа придонес во нејзината подготовка во изминатите шест месеци.

„Постигнавме широк консензус во кој правец ќе делуваме за развој на македонското образование во иднина и сметам дека отстапки не треба да има. Сакам да напоменам дека оваа стратегија не насочува кон целосно спротивна страна, напротив, таа е надополнување на досегашната, но се фокусира на предизвиците кои не беа надминати и на следење на новите глобални образовни трендови“, рече Јаневска.