Ја претепал и повредил сопругата, па нападнал полицаец, а бил и добро наоружан - уапсен 72-годишен валандовец

Лишено од слобода едно лице од Валандово за физички напад и поседување огнено оружје и муниција.

Од МВР информираат дека на 24.03.2026 во 17:40 часот во Валандово, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Валандово лишиле од слобода 72-годишен жител на Валандово, постапувајќи по претходна пријава дека околу 16:00 часот во семејниот дом физички ја нападнал неговата 68-годишна сопруга и ѝ нанел повреди на телото.

При преземање на службени дејствија, лицето агресивно се однесувало и кон полициските службеници, при што нападнал еден од нив.

Лицето било задржано во Полициска станица, а подоцна со негова дозвола е извршен и претрес во неговиот дом, каде се пронајдени и одземени три пиштоли, една ловечка пушка, 45 куршуми и седум ловечки патрони, кои нелегално ги поседувал.

„За настанот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија и по документирање на настанот, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава“, посочија од МВР.