Извозот намален за една четвртина во првата половина од годинава

Вкупната вредност на извозот на стоки од државава во периодот јануари ‒ јуни годинава изнесува 2,45 милијарди евра и бележи пад од 22,3 проценти во однос на истиот период од претходната година, објави денеска Државниот завод за статистика.

Вредноста на увезената стока, во истиот период, изнесува скоро 3.35 милијарди евра, што е за 18,1 проценти помалку во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во првите шест месеци од годинава изнесува 895 милиони евра. Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица.

Во увозот, пак, се најмногу застапени платината и легурите на платина, нафтените деривати и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик.

Во првите шест месеци од годинава, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу сме тргувале со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.

Трговската размена во првата половина од годинава е намалена поради пандемијата на коронавирус.

Извор - www.slobodnaevropa.mk