Изминатото деноноќие регистрирани 28 пожари - активни нема во моментов

Во текот на изминатото деноноќие до утрово до 7:30 часот, во Македонија биле регистрирани 28 пожари на отворен простор, од кои 27 се изгаснати, додека еден пожар останал под контрола. Активни пожари во моментот нема, информира Центарот за управување со кризи.

Пожарот што е под контрола се наоѓа на подрачјето на општините Македонски Брод и Сопиште. Зафатена е нискостеблеста и мешана шума кај селото Белица, во местото викано Кајорец, на територијата на Македонски Брод, а пожарот се проширил кон Јасен, во општина Сопиште.

Од 27 изгаснати пожари, дел биле регистрирани на подрачја со ниска вегетација, дел на депонии и места со отпад, како и на стрништа и шумски површини.

Пожари имало во општините Илинден, Куманово, Виница, Прилеп, Демир Капија, Градско, Гостивар, Липково, Старо Нагоричане, Сарај, Карпош, Гази Баба, Радовиш, Босилово, Струга, Кичево, Охрид, Штип и Бутел.