Изгубив многу пријатели во текот на животот...

Изгубив многу пријатели во текот на животот, навистина многу. До пред некое време мислев дека ме слушаат затоа што биле тука за мене, а јас навистина им ја отворив својата душа. 

Денес... денес сфатив дека ме слушале затоа што тие мои маки беа душевна храна за нив. Тие не беа моја поддршка, туку едноставно ме слушаа затоа што се хранеа со мојата негативност, уживаа да гледаат како не знам што да правам сама со себе, барајќи и наивно верувајќи во нивната добрина и помош. 

Денес, кога сум позитивна и среќна, овие луѓе не се тука или едноставно полека исчезнуваат. Физички можеби постојат тука некаде, но душевно... душевно се далеку од мене. За многу луѓе велев дека се како дел од моето семејство. Имаше многу луѓе кои ги нарекував искрени пријатели. Некои од нив ги нарекував и сестри, иако не бевме во крвно сродство. Но, јас бев искрена и навистина ги сметав за толку блиски. 

Денес се распрснуваат илузиите. Сфаќам дека тие не се она што јас го сакам за себе. Сфаќам дека тие луѓе се толку негативни и дека јас сум им само храна и тоа храна која самата себе се сервира на маса и вели: „Дојди, изеди ме, засити се.“ Сфаќам дека не им одговара мојата позитивност, позитивност која секогаш сум ја имала во себе, само можеби не сум ја изразувала секогаш. Овие луѓе сега се одвојуваат од мене, си заминуваат, еден по еден заминуваат во бескрајот.

Јас останувам сама... И во ред е да си заминат. Им ја посакувам сета среќа на овој свет, навистина. Не велам дека не ме боли. Многу ме боли. И не велам дека е лесно, затоа што воопшто не е лесно. Имам чувство како секоја коска во моето тело да се распаѓа. Овој процес е бавен и силен. Сѐ што постоеше во мене како да не постои повеќе и сфаќам дека пронаоѓам нешто друго, нешто што длабоко било закопано и поттиснато – се пронаоѓам себеси. 

Можеби претходно се плашев, можеби немав доволно сила. Тоа сега е сосема неважно, го прифаќам денешниот ден онаков каков што е и гледам напред. Повеќе не се плашам, сосема е океј и да останам целосно сама, но знам дека нема. Прво, се имам себеси. Ќе дојдат оние кои треба да дојдат, а дотогаш ќе работам на себе и ќе го сакам целиот свет. Разликата е што овојпат сум малку попаметна, овој пат можам да препознаам кога нешто е навистина добро, овојпат не сметам дека е лошо ако внимавам и се грижам за себеси. 

Сигурна сум дека повеќето нема да разберат зошто се оттуѓив. Нема да сфатат дека морав да ги отстранам од мојот живот за јас да можам да почнам да живеам исполнет живот. Нема да ја разберат мојата безусловна љубов кон животот. Некои и ќе се налутат, можеби и ќе ме мразат. Тоа повеќе воопшто не ми е важно, навистина не ми е важно. Јас знам. Јас сум важна. Јас ја знам својата цел. Овојпат нема да дозволам нешто да застане на мојот пат кон личен развој. 

Имам чувство дека оние кои не разбираат самите ќе си заминат, исто како и сите други, а јас ќе им посакам љубов и среќа. Од дното на срцето ви испраќам најпозитивни пораки, да ве следи светлина секој ден во вашиот живот, ви ја испраќам мојата безусловна љубов. 

Но, ќе морам да бидам што подалеку од вас, затоа што тоа е добро за мене. Ќе работам на себе, а посакувам и вие да го направите истото. Ќе му помогнам на секој кој ќе побара помош. Но, нема никому да се наметнувам. 

Изборот е ваш. Сите имаме избор. Јас го направив мојот!