Италијанска вечер на Охридско лето со ансамблот „Маре Нострум“

Во црквата „Св. Софија“ во Охрид вечерва во 21 часот концерт ќе одржи ансамблот „Маре Нострум“ од Италија. Ќе настапат: Џулија Болкато, сопран, Данило Пасторе, контратенор, Масаши Томосуги, баритон, Анџело Тестори, тенор, Маргерита Буратини, харфа, Џулио Фалцоне, теорбо, Томас Чигиони, виолончело, Серена Сегетини, виола да гамба, Амлето Матеучи и Аучија Аделаиде ди Никола, клавичембало и оргула. На програмата е „Санта Пелагија“, ораториум за четири гласа и контиуо од Алесандро Страдела.

Ансамблот „Маре Нострум“ во Рим го основал диригентот и уметнички раководител Андреа де Карло и важи за еден од најоригиналните и изненадувачки барокни ансамбли кои се посветени на изведбата на „стара“ музика со особен афинитет кон музиката од италијанските композитори, особено на оперите на Алесандро Страдела. По нивните високо оценети и наградувани снимени изданија, во 2013 година се раѓа проектот „Страдела“, колекција на ЦД-а со комплетните дела од овој композитор снимени за издавачката куќа Аркана. Сите посебни ЦД-а (серенади, опери и ораториуми) добиваат одлични критики и се признати од страна на меѓународната музичка јавност. Својот иновативен и истражувачки пристап Маестро Де Карло го презентира на бројни семинари, мајсторски курсеви и конференции и тој наскоро ќе биде издаден во печатено издание. Ансамблот на своите интерпретации им приоѓа студиозно и со долгогодишно посветено музиколошко истражување, кое резултира со нови печатени изданија на досега непознат нотен материјал, како и на критички едиции на веќе објавени музички дела.