Источна Европа „зацрвенува“ поради новите случаи на коронавирус

Иако за Македонија, со особена претпазливост, може да се каже дека е во постабилна ковид-состојба споредено со август и септември, сепак новите бројки се се уште загрижувачки, смртноста висока, а процентот на вакцинирани значајно незадоволителен. 

Од друга страна, нашите соседи Србија и Бугарија се соочуваат со сериозни бројки, полни болници и висока смртност. Неодамна Србија воведе и ковид-пропусници и слични мерки на оние кои се на сила кај нас. Источна Европа е во т.н. црвена зона, нивото на вакцинација е прениско, односно помалку од 50% од населението се вакцинирани. 

Во Русија изминатите 24 часа имало 37.930 нови случаи на коронавирус. Неодамна, од институтот Гамалеја открија лажни сертификати за примена вакцина Спутник В. Путин најави дека од 30 октомври до 7 ноември ќе им се даваат платени слободни денови на работниците кои ќе се вакцинираат. Оваа бројка е највисока за еден ден за Русија, од почетокот на пандемијата. Од четврток, во Русија ќе работат само маркети и аптеки, а ќе се зголеми обемот на тестирање, но и ќе се набават сите потребни лекови за лечење и третирање ковид-пациенти. 

Во Бугарија се соочуваат со исцрпени болнички ресурси, бидејќи четвртиот бран се шири со голема брзина. Тамошното министерство за здравство најавува барање помош од странство, за лекови, лекари, но и испраќање на заразените да се лечат во соседни земји каде има слободни болнички кревети. Бугарија исто така има низок опфат на вакцинација, а слична е состојбата и во Романија. Училиштата ќе преминат на онлајн настава, се затвораат кината, музеите, клубовите и рестораните, а ковид-пропусници ќе бидат барани дури и од здравствени работници и негуватели. 

Во Романија се забележуваат по десетици илјади нови случаи секој ден, а болничките капацитети се веќе при крај. Кревет се ослободува само ако некој пациент почине. Во Украина пак, се забележани досега највисоки бројки на новозаразени, а степенот на вакцинација и понатаму е пренизок. Во Полска пак, е најавено дека ако бројот на заразени во 24 часа надмине 7000, ќе мора да се преземаат построги мерки и да се ограничат многу „слободи“. Чешка исто така воведува ковид-сертификати за ресторани и јавни објекти. 

Во сите овие земји најголем проблем е нискиот опфат на вакцинација, кој во некои од нив е помал и од 30% од целокупното население.