Искрената вистина за осаменоста

Од никаде-некаде се појавуваат тие мисли и чувства. Одеднаш добиваш лошо чувство во срцето, желудникот. Те напаѓаат еден куп лоши мисли и никој не може да ти помогне. Дури ни пријателите.

Знаеш што ќе ти кажат. Прекрасни мисли и совети, но знаеш дека ништо од тоа нема да ти помогне и дека сето тоа е само привремено решение. Чувството ќе се врати и ете си пак. Сама. Во кревет. Зјапајќи во таван. 

Чувството на осаменост е многу почесто отколку што сфаќаме. Денес постои опсесивна потреба за поврзување, создадена во најголем дел од социјалните медиуми и технологијата. Чувствуваме дека мораме да бидеме „поврзани“ цело време со буквално секој. Постојано го отвораме и затвораме Инстаграм, само за да гледаме слики и „сториња“ од луѓе кои не ги ни познаваме или не ги познаваме добро. Проверуваме пораки да видиме дали веднаш ни одговориле на коментарот и пораката. Нашите телефони се ставени на „нечујно“, но нашите прсти кликаат по нив на секои неколку минути за да видиме кој што кажал на која социјална мрежа. Гледаме видеа кои ни ги праќаат роднините, за работи кои не ни се интересни. Работните состаноци траат многу подолго од потребно, затоа што луѓето не сакаат да се исклучат и да седат во тишина или уште подобро, состаноци кои можеле да бидат еден едноставен мејл, се редовни средби за да се види кој што прави, а често немаме што да кажеме. 

Пораката прави да се чувствуваме важни, поканата за состанок прави да се чувствуваме важни, „лајк“ прави да се чувствуваме важни. Вистината е дека сета оваа поврзаност е само привремена. Состанокот завршува, пораките пресушуваат, лајковите не значат ништо освен ако не се од мајка ти или најдобрите другари. Групните разговори ги ставаш на „мјут“ затоа што пораките што порано беа смешни, сега се досадни. Не можеш да најдеш радост во телефонот или компјутерот. Никаде нема радост. Еден од најголемите причинители за осаменоста е зголемениот број на луѓе кои се во парови. Особено кога се чувствуваш осамено, тогаш насекаде гледаш парови: од птици, до постари пензионери како заедно шетаат, одеднаш Нетфликс ќе ти предложува само такви филмови и буквално секаде каде што гледаш – гледаш само парови. И да, логично знаеш дека не е само колку да најдеш некој.  Ама сепак, не можеш да го тргнеш чувството дека си осамен и дека сакаш некој да те гушне. Сега се случува и по две години да бидеме сами без некој воопшто да не допре. Дури ни е срам да признаеме колку долго време поминало. А сепак имаме потреба некој да не допре. 

Долго време размислував за ова и сфатив дека таа моја осаменост произлегува од мене. Јас си недостасувам на себеси. Тоа го сфатив откако во разговор со една пријателка дојдов до заклучок дека имам прекрасни пријатели, но немам секогаш енергија да се гледам со нив. Имам различни хобија кои повеќе не ми носат радост. Имам прекрасно семејство кое исто така во последно време не го посетувам често. На хартија, имам сè. Но, сепак, толку сум осамена. Во што е проблемот?

Проблемот е што со години се затрупувам себеси и своите чувства и не памтам кога сум седнала последен пат да бидам искрена со себе околу она што навистина го сакам. Да се запознаам себе и да откријам што е следно во мојот живот. И да почнам да работам на тоа да ги остварам тие работи. Да, супер би било кога би се заљубила и би нашла некој и сигурно би се чувствувала помалку осамено, но сум била и во врски каде исто така сум се чувствувала осамено. На крајот на краиштата, јас живеам во моето тело и со своите мисли и можеби овој период ќе го искористам да се запознаам подобро себеси и да живеам поотворен живот. И засега, решив да го следам тој пат, па ќе видиме.