Иритирачки звуци на мотоцикли и автомобили - секојдневие за скопјани

Иритирачките звуци на мотоциклите и автомобилите што со голема брзина се движат по скопските булевари се секојдневје за скопјани. Бучавата што ја прават возилата, особено од туража при трки по улиците, носат задоволство само за оние неколкумина што се дрзнале да се мерат кој е побрз или повешт возач на мотор или автомобил. За сите други – тие се проблем.

Борбата на полицијата како да не вродува со плод. Постојано пристигнуваат поплаки од жителите чии куќи или станови гледаат кон булевар. 

Вознемирувањето со бучава или со звук може да создаде сериозни проблеми по здравјето на луѓето, а влијае и врз работоспособноста на населението.

По дефиниција, вознемирувањето со бучава е онаа бучава што константно постои и секојдневната изложеност може да предизвика многу штетно влијание врз луѓето и врз животинскиот свет. Најчесто изворите на вознемирување со звук се предизвикани од фреквентните сообраќајници, но и од машините, возовите, авионите… Изложеноста на бучава може да предизвика анксиозност, стрес, но да има и сериозно влијание врз крвниот притисок, како и на различни начини да го наруши психофизичкото здравје.

Законското ограничување за дозволена бучава изнесува 78 децибели, а брзите возила во ноќните часови често можат да ги надминат и границите од 100 децибели, со што вознемируваат многу жители на главниот град. Полицијата често ги зголемуваа сообраќајните патроли и контроли во главниот град, во летните месеци. Сепак, во текот на изминатите четири дена во Скопје и околината се регистрирани 187 возачи кои се движеле со поголема брзина од дозволената со сообраќаен знак, што зборува дека преземените мерки не се доволни и дека треба нешто повеќе од контрола и поефективни казни.