
По вчерашниот пожар пред зграда во Кисела Вода предизвикан од дефект на струјна инсталација, се огласи и компанијата „Трим и Лум“ која е инвеститор на објектот.
Од компанијата велат дека засегнатите кабли и електро-ормари не биле дел од внатрешната инсталација на Трим & Лум.
„Станува збор за инфраструктура на дистрибутивната мрежа, која не е изведена, одржувана ниту управувана од наша страна. Нашите инсталации на објектот се изведени согласно проектна документација, со сите потребни атести и дозволи, и не беа извор на инцидентот“, истакнаа од „Трим и Лум“.
Од таму исто така посочија дека изјавите што се појавиле во медиумите дека пожарот настанал „од непознати причини” на надворешна изолација не одговарале на целосната фактичка состојба.
„Затоа бараме независна и целосна техничка истрага од надлежните институции, која прецизно ќе утврди како дошло до напојување на каблите што го предизвикаа пожарот. Трим & Лум ќе ѝ ги стави на располагање на истрагата сите технички документи, мерења и снимки со кои располага“, нагласија од компанијата.
Најважно од сè, велат од таму, е дека нема повредени лица и порачаа дека безбедноста на станарите и на нивните соседи била нивен апсолутен приоритет.