
Христина Станојковска Златковиќ е дипломиран психолог и сертифициран музикотерапевт при A.M.B. – Atelier de Musicothérapie de Bourgogne од Дижон, Франција (Атеље за музикотерапија од регионот Бургондија).
Таа поседува повеќе од 15 години професионално искуство во работа со деца, стекнато во Франција и во земјава. Речиси девет години живеела, студирала и работела во градот Безансон, Франција, каде што нејзиниот интерес и посветеност кон работата со деца се развиле и продлабочиле преку ангажманот како лидер на предучилишни и воннаставни активности во Основното училиште „Кондорсе“ во Безансон.

- Овој период претставуваше клучна основа за мојата понатамошна професионална насока и интерес за работа со деца со типичен и атипичен развој. Покрај студиите по музикотерапија, имав можност да бидам примена и во Регионалниот конзерваториум во Безансон, каде што го продлабочив моето музичко образование преку изучување на виолина и пијано, како и солфеж и теориски предмети. Тоа искуство дополнително ја зацврсти мојата врска со музиката како терапевтски јазик. Во моментот, веќе речиси четири години сум вработена како училишен психолог во ООУ „Браќа Рибар“ – село Табановце, каде што активно работам на поддршка на емоционалниот, социјалниот и образовниот развој на учениците, како и на советодавна работа со родители и наставен кадар. Покрај тоа, хонорарно сум ангажирана во логопедско-едукативниот центар „Логолино“ во Куманово, каде што работам со деца со различни развојни и комуникациски потешкотии, во мултидисциплинарен пристап. Дополнително, применувам музикотерапија во дневен престој со деца од предучилишна возраст со дечиња од типичен развој, каде што преку музика, ритам и креативен израз се поттикнува емоционалниот развој, вниманието, говорно-јазичните вештини и социјалната интеракција, вели Христина во интервју за нашиот портал.
Имате големо искуство со работата со деца. Се чини, еден од основните проблеми со кој се соочуваат родителите во денешно време е „зависноста“ од смарт-уредите. Практично од 8-месечна возраст им се даваат телефони за да јадат, да бидам мирни... Кој е вашиот став по ова прашање, конкретно за децата до предучилишна возраст?
Прекумерната и несоодветно контролирана употреба на смарт-уреди кај децата од најрана возраст претставува значаен ризик-фактор за нивниот целокупен развоен тек. Во периодот на раното и предучилишното детство, централниот нервен систем се карактеризира со изразена невронска пластичност, при што развојот на вниманието, извршните функции, говорно-јазичните способности и социјалната когниција е силно зависен од квалитетот на срединските стимули. Реалните, мултисензорни искуства – како телесното движење, тактилната интеракција, визуелниот контакт, симболичката игра и директната комуникација со значајни возрасни – се клучни за формирањето на функционални невронски мрежи. За разлика од тоа, дигиталните екрани обезбедуваат претежно пасивна, брза и сензорно ограничена стимулација, која може да придонесе кон намалена способност за одржување на внимание, послабо развиени механизми на саморегулација и застој во говорно-јазичниот и социоемоционалниот развој.
Зависноста од смарт-уредите кај најмалите деца е еден од најсериозните предизвици со кои се соочуваат родителите. Кај децата до предучилишна возраст, мозокот е во фаза на интензивен развој и му се потребни реални стимули – движење, допир, контакт со очи, игра и интеракција со возрасните. Екранот не може да го замени тоа. Согласно развојно-психолошките и педијатриските препораки, изложеноста на смарт-уреди кај децата под двегодишна возраст не се смета за развојно соодветна и не се препорачува. Кај децата до шестгодишна возраст, употребата на дигитални медиуми треба да биде строго лимитирана, структурирана и под континуирана родителска супервизија, со јасно дефинирана едукативна или интерактивна цел. Нивната употреба како средство за емоционална регулација, смирување, олеснување на хранењето или пасивна окупација на детето може да доведе до нарушување на развојот на саморегулациските капацитети и да го ограничи спонтаното учење преку директно искуство и социјална интеракција.

Дали и како е правилно да се постапи, со оглед дека родителите не можат да воспостават целосна контрола и речиси е невозможно да се стави целосна забрана кога станува збор за децата кои одат во училиште бидејќи дел од училишните задачи е и да се истражи нешто на Интернет?
Кога станува збор за училишна возраст, целосна забрана навистина е нереална и вистински предизвик на секој родител. Затоа фокусот треба да биде на градење дигитални навики, а не на забрани – јасно време за користење, заедничко истражување, разговор за содржините и поттикнување активности без екран. Детето треба да научи дека технологијата е алатка, а не замена за односот со родителот.
Многу денешни генерации на родители се презаштитнички настроени во воспитувањето на сопствените деца. Дали ова е добро? Дали и колку е нормално децата да чувстваат и негативни емоции, да се соочуваат со проблеми во комуникацијата со врсниците, да преживуваат некои ситуации „трагично“...?
Современите пристапи во родителството сè почесто се карактеризираат со амбивалентност помеѓу потребата за заштита на детето и стравот од потенцијална емоционална повреда. Меѓутоа, негативните емоции претставуваат составен и функционален дел од емоционалниот и психосоцијалниот развој. Афективните состојби како тага, лутина, разочараност и фрустрација имаат клучна улога во процесот на емоционална диференцијација, развојот на емоционална регулација и формирањето на адаптивни копинг-механизми. Преку нив, детето постепено развива капацитет за интроспекција, разбирање на надворешната реалност и изградба на стабилен личен идентитет. Децата треба да научат дека е во ред да бидат тажни, лути, љубоморни или разочарани.
Проблемите во комуникацијата со врсниците, конфликтите и „драматичните“ доживувања се дел од учењето како да се справуваат со реалниот живот. Континуираната и прекумерна родителска интервенција го ограничува просторот на детето за автономно искуствено учење, при што се попречува развојот на емоционална резилиентност, самодоверба и ефикасни вештини за решавање проблеми. Ваквиот модел на родителско однесување може да резултира со намалена саморегулација и зависност од надворешна поддршка при соочување со развојни предизвици.
Нашата улога како родители не е да ги отстраниме сите пречки, туку да бидеме присутни, да ги разбереме и да ги научиме како сами да се справат. Како сопруга и мајка на две момчиња на возраст од 5 и 7 години, со сопругот секојдневно се трудиме да најдеме рамнотежа меѓу заштитата и дозволата детето да биде дете. И покрај знаењето и искуството, родителството постојано нè става пред нови предизвици. Тоа не е улога што еднаш се совладува, туку процес што се учи, се преиспитува и се надградува. Се обидуваме да не ги заштитиме децата од секоја болка, туку да бидеме покрај нив кога им е тешко – да ги сослушаме, да ги прифатиме нивните емоции и да им дадеме чувство на сигурност. Веруваме дека токму преку таквите моменти се гради емоционална сила, самодоверба и внатрешна стабилност, кои остануваат со нив целиот живот.

Во општеството имаме „пандемија на разводи“. Како децата да се заштитат со оглед дека им се менува рутината, во многу случаи (им се менува атмосферата дома, живеалиштето, па дури некогаш и училиштето...)? Дали е правило дека кај секое дете разводот на родителите може да биде тригер за трауми и/или последици по менталното здравје?
Иако ова не е мојата примарна област на стручност, како некој што секојдневно работи со деца, сметам дека најважно за детето не е самиот развод, туку дали и понатаму се чувствува сакано, слушнато и безбедно. Разводот на родителите претставува значаен психосоцијален стресор во развојот на детето. Иако разводот како правен чин не мора нужно да има негативни последици, начинот на кој се одвива процесот, квалитетот на родителската соработка и нивото на конфликт се клучни фактори што ја одредуваат благосостојбата на детето. Разводот сам по себе не мора да биде траума за секое дете.
Многу поголем ризик претставуваат конфликтите, тензијата и нестабилната атмосфера во домот пред и по разводот. Кај децата често се забележуваат различни емоционални реакции, кои зависат од возраста, развојната фаза и семејната динамика:
• чувство на несигурност и страв од напуштање
• тага, анксиозност и емоционална збунетост
• вина и самообвинување
• лутина и амбивалентни чувства кон родителите
Помалите деца имаат ограничена когнитивна способност да го разберат разводот, додека адолесцентите можат да покажат отпор, дистанцирање или зголемена чувствителност. На децата најмногу им е потребно чувство на сигурност, предвидливост и емоционална достапност од двата родитела. Кога тие ќе продолжат да се чувствуваат сакани, слушнати и поддржани, шансите за долгорочни последици значително се намалуваат.
Важно е разводот да не се користи како поле за манипулација, детето да не биде ставено „на страна“, и рутината колку што е можно повеќе да се зачува. Секое дете реагира различно, па затоа е важно да се следат неговите емоции и доколку е потребно, навреме да се побара стручна помош. Како стручен соработник – психолог во основно образование, може да се истакне дека оваа професионална улога има значајно место во раното препознавање на ризични развојни и психосоцијални состојби кај учениците.
Преку систематско набљудување, проценка и соработка со наставниот кадар, се овозможува навремена идентификација на потенцијални потешкотии, како и спроведување на психоедукативни интервенции насочени кон родителите, особено во ситуации кога тие побаруваат стручна помош и поддршка. Истовремено, стручниот соработник обезбедува континуирана психолошка поддршка на децата, со цел унапредување на нивната емоционална благосостојба, адаптација и целокупен развој. Разводот претставува предизвик, но не мора да биде трауматичен настан за детето. Квалитетот на родителските односи по разводот и навремената стручна поддршка се одлучувачки фактори за здрав психосоцијален развој на детето.
Работите и со музикотерапија за што имате стекнато образование во Франција. Што всушност претставува таа и за кои деца е наменета?
Музикотерапија е еден тип на не-вербална психотерапија која ги користи звукот, движењето/говорот на нашето тело за да ја развиеме и зајакнеме релацијата помеѓу музикотерапевтот и клиентот / или група клиенти, со цел да се подобри квалитетот на живеење.
Преку преку употреба на музиката да се постигнат терапевтски цели: рехабилитација, одржување и подобрување на менталното и психичкото здравје. Ова е концепт кој го застапуваат Кенет Брусција и Роландо О.Бенензон, едни од основачите на модерната музикотерапија.
Музикотерапија е систематски процес за подобрување на: социо-емоционален контакт, рамнотежа, контакт со другите.
Примената на музикотерапија е многу широк поим благодарение на универзалниот јазик - музика. Таа има една цел - да се помогне со помош на музиката обнови, одржи и подобри физичкото и психичкото здравје на личноста.

Какви се резултатите, дали помага за проблеми со концентрација и хиперактивност?
Музикотерапијата е терапевтска метода која ја користи музиката како средство за емоционален, социјален и когнитивен развој. Таа не подразбира учење музика, туку користење звук, ритам и движење за подобро изразување и регулација на емоциите. Покажува добри резултати кај деца со потешкотии во концентрацијата, хиперактивност и емоционална нестабилност.
Применлива е од најрана возраст, со методи прилагодени на развојните потреби на детето.
Во музикотерапија има два основни метода:
Активна музикотерапија - Овој вид на метод се користи кај лица кои имаат потешкотии во изразувањето на нивните емоции. Рецептивна музикотерапија - Овој вид на метод се користи кај лица кои се во состојба да ги искажуваат своите емоции
Основни музикотерапевтски техники
● Импровизациска техника (вклучување на ритмички инструменти) во зависност од возраста
● Пеење ( без обзир на способноста, но исто така може да се прави и анализа на текстот)
● Свирење ( Orff - овиот инструментариум)
● Водена имагинација - медитација ( предизвикување на визија и чувства со одредена музика)
● Танцување
● Слушање на музика
Музикотерапија може да се примени во група, во група е добро да се применува кога активностите се наменети да се вклучат неколку личности и индивидуално. Индивидуална работа е организирана кога личноста не може да работи во група или има потреба од индивидуална работа.
Како да им се помогне на децата со попреченост со музикотерапијата?
Преку музичко доживување во 3 нивоа: 1. Ниво на моторика 2. Ниво на медијација 3. Ниво на свесност
На пример: за превенција, охрабрување, мотивација, автономија и сл. Организација на една сесија по музикотерапија во група или индивидуално имаме Ритуал - почеток (Подготовка на просторијата, пристигање и пречек на децата, ритуална песна за почеток на сеансат, вежби за загревање Срце на сесијата односно главниот дел (Повторување, Активна музикотерапија (свирење, танцување…, рецептивна музикотерапија (слушање на музика) ) Ритуал – крај или завршен дел (релаксација (слушање на музичко дело), песна за крај на сесијата Средување на користениот материјал (инструменти, столчиња и сл)
Од која до која возраст на деца е препорачлива?
Музикотерапијата служи како поддршка или реедукација не само за деца со тешкотии во комуникацијата или социјалните релации, туку нејзината примена е неопходно широка – од преднатален период па сè до палијативна нега. Таа опфаќа различни возрасти и состојби, помагајќи да се олеснат предизвиците кај деца со аутистичен спектар, да се подобри нивниот когнитивен и физички развој, да се намали анксиозноста и да се зголеми општото расположение.
Музикотерапијата истовремено ги поттикнува емоционалните и социјалните вештини, гради посилна врска со околината и служи како средство за изразување, смирување и терапевтска поддршка и кај возрасни лица со различни здравствени или емоционални потреби. Таа покажува дека музиката е многу повеќе од уметност – таа е моќен инструмент за развој, регулација и квалитетен живот, присутна во секоја фаза од човечкиот живот.
Што Ви причинува најголемо задоволство во оваа работа?
Од мое професионално искуство, најголемото задоволство во работата со деца произлегува од малите, но суштински промени кои постепено се манифестираат во нивното функционирање. Подобрената комуникација, зголемената емоционална смиреност и развиеното чувство на сигурност претставуваат јасни показатели за позитивен развоен напредок. Кога детето ќе покаже дека се чувствува разбрано, прифатено и поддржано, тоа претставува најсилен мотив и потврда за значењето на стручната работа со деца.