Интервју со психолог Стојановска: Булингот не е „детска работа“, туку прашање на јавно ментално здравје

Деспина Стојановска е жената која им помага на родителите полесно да „пловат низ родителските води“. Таа е психолог кој со својата стручност, на едноставен начин, ги насочува возрасните како да им помогнат на децата да научат како да се однесуваат, да ги валидизираат своите емоции, да ги надминат проблемите во комуникацијата со врсниците и крајно, да го превенираат и/или решат проблемот кој станува сѐ поактуелен низ македонските училишта и паркови - врсничкото насилство или булингот.

Стојановска е авторка на прирачниците за справување со врсничкото насилство, изработени како дел од општествено одговорната кампања на „Макпетрол“ - „Крени глас против врсничко насилство“, а во текот на кампањата ги предводеше едукативните работилници со учениците, родителните и наставниот кадар. 

Во продлжение интервјуто со Стојановска кое несомнено треба да биде четиво за секој родител! 

Бевте дел од едукативните работилници во повеќе од 150 основни училишта. Може ли да направите пресек, каква е состојбата со булингот низ македонските училиште, од аспект на стручно лице? Кои се најчестите проблеми/поплаки и како тоа влијае (би блијаело) врз колективната ментална состојба во нашето општество?

Кампањата „Крени глес против врсничко насилство“ на Макпетрол е прва од ваков тип во нашата земја и преку неа можевме да видиме каква е состојбата помеѓу учениците во однос на насилство и истовремено да ја потенцираме неопходноста од активно работење на оваа тема.

Од она што го видовме на терен, врсничкото насилство не е изолиран проблем, туку појава која се јавува во различни форми и во различни средини, позачестено во урбани, но и во помали места. Добрата вест е што успеавме да ја подигнеме свеста за сериозноста на проблемот, па денес децата многу похрабро пријавуваат насислтво отколку порано. Лошата е што насилството станува посуптилно и често потешко се препознава.

Најчесто учениците не се жалат само на физичко насилство. Многу почести форми на малтретирање се исмевање, исклучување од групата, закани, навредување, снимање и споделување содржини без согласност, ширење гласини, понижување на социјални мрежи.

Последиците не се само индивидуални. Кога едно дете долго време живее во средина каде што се чувствува небезбедно, тоа влијае врз самодовербата, анксиозноста, довербата во другите, а понекогаш и врз целокупниот однос кон училиштето и општеството.

Ако една генерација расте со чувство дека мора да молчи, да трпи или да се брани преку агресија, тоа подоцна го гледаме и кога ќе пораснат во комуникацијата, во партнерствата, на работното место, во начинот на справување со предизвици, па и во јавниот говор.

Затоа инвестирање во најрана возраст кон посакувани однесувања, мирољубивост, другарство и пред сѐ емпатија, е вистинското решение за иднината. Затоа булингот не е „детска работа“, туку прашање на јавно ментално здравје.

Врсничкото насилство отсекогаш било присутно, но се чини дека сега, во денешно време, дојдовме до момент конечно повеќе се внимава на оној момент врзан со психичкото здравје од најмала возраст. Некои велат се претерува со „хипер-заштита“ на децата наместо да им се остави простор „сами да се изборат“ за некои нешта. Па, има обвинувања дека денешните родители прават „фама“ од булиног? Има ли точна граница, до каде треба да бидат заштитени децата од родителите кога станува збор за булинг. Каква треба да е поддршката... со оглед дека има специфични моменти, како игра, детски шеги, меѓусебна врсничка комуникација, додека образовниот кадар има свои методи на справување во врсничкото насилство....?

Важно е да направиме разлика меѓу конфликт, детска расправија и систематско врсничко насилство. Не секое несогласување е булинг. Многу е важно децата да учат да се справуваат со фрустрација, различности и конфликти. Но, кога постои намера, повторливост, понижување, исклучување или нерамнотежа на моќ – тогаш веќе зборуваме за насилство.

Поддршката од родител не значи „претерана заштита“. Поддршка значи детето да знае дека има безбедно место каде ќе биде слушнато и разбрано.

Родителот не треба веднаш да влегува во улога на „спасител“, но не смее ни да испрати порака: „Издржи, така е во животот“.

На децата им е неопходна емоционална сигурност, учење на граници, развивање социјални вештини и јасна порака дека насилството не е прифатлив начин на комуникација. Многу е важно и училиштето да реагира на соодветен начин, а не само казнено. И детето што трпи и детето што врши насилство често преку своето однесување испраќаат порака дека нешто не е во ред во нивниот внатрешен свет и дека им е потребна поддршка, разговор, заштита.

Кој е вашиот конкретен совет за праксата децата да се воспитуваат во стилот „да вратат (возвратат) на секој напад“, вербален или физички?

Разбирливо е родителот да сака да го заштити своето дете. Но, кога учиме дете дека единствен одговор на напад е напад, ризикуваме да му испратиме порака дека силата и агресијата се главно средство за решавање проблеми. Тоа не значи дека детето треба да биде пасивно. Напротив. Треба да учи да поставува граници, јасно да каже дека не прифаќа таков однос кон себе, да побара помош, да се заштити и да препознае кога ситуацијата е опасна.

Самоодбраната и агресијата не се исто. Целта не е детето да стане посилно од другите, туку доволно стабилно за да не мора да се докажува преку насилство. Сепак, ги разбирам родителите кога на тој начин го насочуваат детето затоа што не сакаат тоа да страда, но како возрасни и одговорни за неговото однесување потребно е да знаеме што всушност бараме од нашето дете.

Прво што би сакала да истакнам е дека не секое дете е подготвено да врати со напад. Притисокот од родителите „да врати“, може да го направи понесигурно, вознемирено, па дури и да почне да се обвинува себе си што некого повредило или што не може да го послуша родителот ако не нападне.

Затоа, најдобар начин е да го прашаме детето што тоа би сакало да направи или мисли дека може да помогне, па преку дискусија да донесеме одлука како да постапи, но тоа да произлезе од него, а не да биде наметнато. На овој начин детето ќе почне повеќе да верува во себе, да размислува за справување и барање решение отколку само да премолчува. Секако, родителот е тука да моделира дали е таа реакција прифатлива и дали ќе помогне.

Секое дете е различно. Дали уште при уписот во училиште треба да се наведе, нагласи дали едно дете е преемотивно, можеби темпераментно...? Дали родителите имаат капацитет да ја проценат емотивно-психичката состојба на своето дете?

Секое дете има свој темперамент и тоа е сосема природно и прифатливо. Но, многу е корисно училиштето да има информации ако детето има специфични емоционални реакции, потешкотии со адаптација, сензитивност, анксиозност или импулсивност. Не за да почнат веднаш да имаат различен пристап кон него, туку за подобро да може да го разберат и поддржат, а секако и да го заштитат.

Родителите најчесто најдобро го познаваат своето дете, но не секогаш можат објективно да ја проценат состојбата. Некои минимизираат од страв или вина, а некои премногу се вознемируваат. Затоа е важна соработката меѓу родители, наставници, психолог и стручен тим.

Од друга страна пак, родителот го познава детето во домашни услови меѓу познати и блиски, но децата често кога се меѓу врсници, кога ги учат правилата на однесување во група, може да покажат и нови карактеристики. Би рекла, детето не треба да биде дефинирано преку проблемот, туку разбрано преку неговите потреби.

Како да се разговара за конфликтите, искажувањето емоции, потреби, во време кога технологијата зема неверојатен замав кај деца уште од прешколска возраст?

Децата денес имаат многу информации, но сè помалку простор за вистински емоционален контакт. Технологијата сама по себе не е проблем, туку тоа што понекогаш го заменува разговорот, играта и непосредното присуство едни до други. Но, ние немаме моќ да направиме промени во тој поглед, дигиталниот свет станува нивно секојдневие и потребно е да научат безбедно да присуствуваат во него.

Би рекла, најважно е возрасните да не зборуваат со децата само кога има некаков проблем, туку емоциите да им станат дел од секојдневната комуникација: „Како се почувствува денес?“ , „Што ти беше најтешко?“, „Што ти помогна?“ и сл. Кога децата учат да именуваат емоции, полесно ги регулираат и поретко ги изразуваат преку агресија или повлекување. И уште нешто многу важно – децата не учат само од тоа што им го кажуваме, туку од тоа како ние комуницираме меѓусебно.

Прашање кое често ги мачи родителите – дали во едно одделение сите деца треба и мора да другаруваат како што посочуваат и советуваат најчесто просветните работници? Нормално ли е понекогаш да има несогласувања кои ќе резултираат со траен прекин на комуникацијата меѓу соученици?

Не, не мора сите деца да бидат блиски пријатели. Тоа не е реално ниту природно. Луѓето имаат различни темпераменти, интереси и граници. Она што е важно е да постои почит, безбедност и култура на комуникација.

Децата треба да учат дека не мора со сите да бидат блиски, но потребно е со сите да бидат коректни. Несогласувањата се нормален дел од развојот, на тој начин децата се запознаваат себеси и учат да ги прифаќаат различностите.

Понекогаш одредени односи завршуваат и тоа не мора секогаш да биде трагедија. Важно е како се случува тој прекин, дали со понижување и омраза или со поставување граници и почитување на разликите. Целта не е сите деца да се сакаат и да бидат блиски, туку да научат како да живеат и комуницираат без насилство.