Интервју со Полина Тасева: Ако сакаме да бидеме инстант музичари, таков ќе ни биде „фитбекот“ - инстант и просечен

Убава, харизматична, музички образована - нашата млада талентирана Полина Тасева, сепак, предност ѝ дава на операта. Но, подеднакво „одлично плови“ и во водите на забавната музика. Доказ за тоа е нејзиниот последен настап на овогодинешниот Макфест каде се претстави со заедничка песна со Ламбе Алабаковски. 

Дали слуша турбо фолк, што мисли за „инстант“ музичките ѕвезди, за операта и првиот албум во најава, како и за тоа како го доживува Скопје разговараме со Полина. 

Најсвежо од тебе е настапот на Макфест. Ги сумираше ли впечатоците – Како си задоволна од настапот, песната и соработката со Ламбе?

Со секое мое појавување во етерот со своја песна и настап сакам да сум одлично подготвена и да оставам свој печат на делото. Тоа ме исполнува, ме прави сигурна во себе и ми дозволува да уживам во перформансот. Посебно ми е драго што овој пат го направивме тоа заедно со Ламбе. Дадовме убава енергија на сцената што резултираше со позитивни критики. Песната е на Ирена Стојановска, а аранжманот на Димитар Андоновски. Се пронајдов во игривата мелодија, ми се допаѓа аранжманскиот пристап што ги доловува нашите стилови засебно, но сепак вклопени заедно во една песна. Посакувам успех на „Врати се” и долго да си ја потпевнуваме.

Потекнуваш од музичко семејство, од мала се занимаваш со музика, а си и една од ретките со диплома и магистратура на музичката сцена. Можеби е неблагодарно да се говори за другите, но сепак ќе те прашам каков е твојот став за оние „инстант“ музички ѕвезди во чии песни, што се вели, има најмалку музика? Има ли многу такви ѕвезди во земјава и регионот?

Како што споменавте потекнувам од музичко семејство, најпрво би започнала од таму, за музиката што се негува во домот, проучување на жанровите и подучување на музичката култура на едно дете и млад човек од страна на своите родители. Би рекла дека дома секогаш сме разговарале за музиката и музичките стилови. Сме посетувале концерти, оперски и балетски претстави, и разновиден стил на музика што може да ти остави впечаток. Сето ова е музичка едукација за еден млад човек и истражување на жанровите. Само така може да се пронајде својот омилен стил на музика, да имаме свој омилен артист или бенд и да го следиме неговото творештво. На тој начин се збогатуваме со музичка литература и имаме претстава за самите себе каква музика можеме да создаваме, во каква музика можеме да бидеме свои и да се градиме понатаму како пејачи.

Околу „инстант“ ликовите, не би рекла музички ѕвезди зошто тоа е висок термин, тука би кажала дека ќе поддржам сѐ и ќе разберам, доколку тие сами си веруваат вистински на себе и во тоа што го прикажуваат во своите песни. Да не заборавиме дека нашата улога е да оставиме порака со тоа што го потенцираме во нашата музика и текстови, односно да ја инспирираме публиката да сака да не слуша и со воодушевување да гледа на нас. Така што наш избор е што ќе промовираме и колку сакаме да бидеме нечиј пример во нешто добро и „поучно”. За да се стане ѕвезда во прашање се многу важни фактори. Јас сè уште не ја гледам ѕвездата после Тоше, а тој остави нешто посебно зад себе и нешто што сè уште нè допира сите нас. Ако сакаме да бидеме инстант музичари и имаме таков пристап кон музиката, таков ќе ни биде „фитбекот“ од сето тоа, инстант и просечен.

Дали Полина некогаш слуша турбо фолк?

Турбо фолкот воопшто не е на мојата слушачка музичка листа, сакам музика што има вистински музички вредности.

Опера и забавна музика паралелно! Каде сепак се чувствуваш повеќе своја?

Веднаш ќе одговорам, во операта. Започнав со школување на оперското пеење во средно образование и се до магистерските студии на усовршување на техниката и длабоко навлегување во таа сфера. Долг период го имав само тоа во моето грло. Низ годините, популарната музиката што ја слушав и си ја пеев по дома ми ја разгори желбата да застанам и на поп сцената. Засега добро се носам и во двата стила на музика.

Кои се твоите планови за претстојниот период?

Планирам да го издадам мојот прв албум, да излезе пред публиката онаа музика на која работам веќе подолг период. Во најскоро време подготвувам видео запис за најновата песна, за која се надевам ќе бидете во тек и ќе ја проследите.

Во однос на класичната музика – Дали Македонците се добра публика за опера?

Како што секоја држава има свој начин на функционирање на културните институции така и кај нас. Јас би рекла сами си ја градиме културата и ние сме тие што ќе најдеме начин како да ја привлечеме публиката за да посетува опера, балет или филхармонија. Доколку има многубројна публика, голема заинтересираност за музичките претстави со тоа знаеме дали има добра публика во Македонија. Со добар општ маркетинг, желба за работа, простор за креативци успесите се загарантирани.

Ќе ни откриеш ли приватно што има ново кај тебе на љубовно поле?

Кај мене секогаш има љубов и сум многу благодарна што срцето и душата ми се исполнети на тоа поле.

Збор два за Скопје – Како го поминуваш времето, што ти се допаѓа, а што ти пречи најмногу во градот?

Скопје го сакам и затоа останав тука. Искрено малку ме фаќа носталгија кога ќе се навратам на времето пред 10 години и повеќе, кога имаше многу локали за да си поминеш возбудлив викенд. Посакувам да се врати тој ноќен живот, младите да уживаат.

Ми пречи немирот кај народот, нескротливата енергија и несоодветниот сообраќај. Посакувам да бидеме повеќе сплотени и заедно во секое добро и зло. Мојот ден како активен музичар се одвива секогаш различно зависно од ангажманите. Некогаш повеќе креативно, некогаш со различен тип активности кои се дел од професијата но и не. Времето сакам да го поминувам со луѓето што ги сакам и со кои можам да споделам сѐ што ми лежи на душа.

Фото: Христина Трајкоска HTR studio