Интервју со педијатар Живковска: Здравите навики се најсилната заштита од вируси кај децата

Кои секојдневни навики кај децата се најважни за заштита на нивното здравје, особено во зимските месеци кога вирусите и грипот се најчести? Што значи трендот родителите самостојно да даваат суплементи за имунитет? И што да се направи кога детето има покачена телесна температура која со денови не се намалува?

Одговори на овие и на многу други прашања поврзани со здравјето на децата побаравме од д-р Лилјана Живковска, специјалист педијатар на Одделот за неврологија при Универзитетската клиника за детски болести во Скопје.

За сите дилеми што ги загрижуваат родителите и се однесуваат на здравиот и правилен раст и развој на децата, д-р Живковска вели дека работата со најмалите пациенти секојдневно носи нови искуства, а крајната цел секогаш е иста – секоја детска приказна да заврши со добар исход. Од пристапот и непосредноста во комуникацијата со децата и родителите, преку стручноста, до позитивниот исход, таа е пример за посветен медицински професионалец. Тоа, велат родителите, се препознава уште на првиот контакт – по гласот што влева доверба, но и по поддршката што ја добиваат токму во најстресните моменти.

Во разговорот добивме одговори и на честите дилеми околу употребата на антибиотици, кога е навистина потребно да се направи крвна слика и ЦРП, но и зошто по корона-пандемијата настинките и вирусните инфекции кај децата често имаат потежок тек или подолга клиничка слика.

Во продолжение, интервју со д-р Лилјана Живковска.

Јануари секогаш е предизвик и за родителите и за лекарите. Со оглед на бројните вируси и присуството на грипот, дали е потребна имуностимулирачка терапија кај децата? Доволни ли се здравата исхрана и навиките?

Со оглед на бројните вируси во текот на зимските месеци, очекувани се зачестени настинки и заболувања, најчесто на респираторниот систем кај децата. Имуностимулаторите, во форма на разни сирупи, капки или таблети, претставуваат „помагатели“, односно втора линија за одржување на детскиот имунитет. Основата, секако, ја сочинува здравата исхрана (богата со зеленчук, овошје и протеински внес), редовен и квалитетен сон, како и практикување прошетки на чист воздух. Овие навики можеби звучат премногу секојдневно и едноставно, но тие се супериорни во заштитата на детското здравје.

Имуностимулаторите, пак, најчесто ги препорачуваме кај деца со основни хронични заболувања, поради кои се посклони кон потешки форми и компликации од вирусните настинки. Препораката е тие да се започнат кон доцна есен, односно во периодот на почеток на сезоната на вируси карактеристични за зимските месеци. Сепак, не е тајна дека постои тренд овие препарати да се земаат на своја рака од страна на родителите. Во такви случаи, важно е да се обрне внимание на составот на секој препарат, истиот да се дава согласно возраста на детето и да се користи со ограничено времетраење.

Многу родители сведочат за висока температура што со денови не се намалува. Кога е неопходно да се побара лекарска помош?

Моментално, најчест циркулирачки сезонски вирус е инфлуенцата, која е причинител на грип. Типично за овој вирус се високите пикови на телесна температура, кои можат да достигнат и до 40 степени, а кои тешко се намалуваат или, пак, кога ќе се намалат, тоа е за краток период од еден до два часа.

Покрај давањето антипиретици (парацетамол, Блокмакс), препорачуваме детето дополнително да се лади со облоги од комбинација на медицински алкохол и вода, да се тушира со млака вода, да внесува доволно течности, а доколку температурата перзистира и останува висока, да се даваат и електролити.

На лекар треба да се јават доколку забележат дека детето одбива да јаде и пие, мокри ретко и во намалена количина, е поспано или потешко се буди. Во останатите случаи, советуваме родителите да бидат упорни, особено во нудењето течности, со цел да се спречи дехидрација, која дополнително го одолговлекува процесот на закрепнување.

Што да се направи при фебрилни грчеви додека се стигне до болница?

Фебрилните конвулзии, односно грчеви предизвикани од покачена телесна температура, се честа појава кај вирусните заболувања и најчесто се јавуваат кај деца на возраст од 6 месеци до 5 години. Ние, педијатрите, релативно често се среќаваме со оваа состојба, но истовремено сме свесни дека за родителите таа претставува една од најстрашните глетки, која создава силна паника во моментот на нападот.

Во обид да му помогнат на детето, родителите понекогаш преземаат погрешни постапки, при што може да дојде до повредување на детето, како на пример обид за насилно вадење на јазикот, но и до повредување на самите родители. Она што е важно родителите да го знаат е дека првата помош можат да ја пружат токму тие, со тоа што ќе го постават детето во странична положба, по што во најголем број случаи нападот поминува за неколку минути, додека да пристигнат во болница.

Со ваква положба се спречува попречување на дишниот пат, односно стравот кој родителите најчесто го имаат – дека детето може „да го проголта јазикот“.

Кога е навистина потребно да се прави крвна слика и да се даваат антибиотици?

Да бидам искрена, испитувањето на овие анализи денес е премногу достапно и, би рекла, често се злоупотребува. Тоа се однесува на земање крвни анализи кога детето е здраво и во добра општа состојба, боцкање непосредно пред вакцинирање, како и земање крв премногу рано по појавата на симптомите на болест. Со ваквите постапки дополнително се потенцира стравот и стресот кај детето од самите медицински процедури.

Овие анализи треба да се прават исклучиво по совет на педијатар, најчесто кога телесната температура е висока и нема тенденција на намалување повеќе од три дена, кога општата состојба на детето не укажува на подобрување или кога се јавуваат нови симптоми што ја нарушуваат секојдневната рутина на детето, како болка или немирен сон.

Кога станува збор за превентивното земање антибиотици, темата е неисцрпна, а проблемот, за жал, сè уште не се решава. Многу родители самоиницијативно даваат антибиотици при вирусни инфекции, со надеж дека ќе го скратат времетраењето на симптомите. Сепак, од тоа нема никаков бенефит, бидејќи е добро познато дека антибиотиците делуваат исклучиво на бактериски инфекции.

Освен што детето нема побрзо да оздрави, сè почесто се соочуваме со појава на резистентност на микроорганизмите кон голем број антибиотици. Тоа значи дека, кога навистина ќе има потреба од антибиотик поради бактериска инфекција, постои голем ризик терапијата да биде неефикасна.

Затоа апелирам до родителите антибиотските препарати да ги даваат исклучиво по насока и препорака на педијатар, со цел да можеме навремено и соодветно да ги заштитиме малите пациенти кога за тоа навистина ќе има потреба.

Дали по ковид-пандемијата инфекциите имаат потежок тек?

Сите сме свесни дека ковид-пандемијата донесе сосема нов начин на живот – несекојдневен и во голема мера изолиран. Со задолжителното носење заштитни маски, кои во тој период беа императив на глобално ниво, стекнатиот имунитет, и кај возрасните и кај децата, практично беше ставен во своевидна „хибернација“. Подолг временски период организмот немаше контакт со вообичаени бактерии и секојдневни вируси кои во нормални услови го активираат и одржуваат имунолошкиот одговор.

По завршувањето на тој долг период, имунитетот повторно почна да се „буди“, но сега одново се привикнува да реагира на различни микроорганизми. Тоа најчесто се манифестира со потешка клиничка слика или со продолжен тек на болеста. Вирусите, како дел од природниот процес, постојано мутираат, особено инфлуенцата, но со текот на времето имунолошките механизми повторно стануваат доволно силни за организмот безбедно и ефикасно да се справи со нив.

Од овој аспект, по корона-периодот, најважно е да бидеме трпеливи и да му дозволиме на имунолошкиот систем постепено да се врати во својата природна рамнотежа.

Дали е тешко да се соработува со денешните родители? Дали ги почитуваат вашите совети? Какво задоволство ви причинува работата со најмалите?

Ние, педијатрите, нескромно можеме да кажеме дека секогаш имаме „дуплирани пациенти“ – покрај детето, тука е и родителот, кој исто така треба со внимание и емпатија да го примиме и јасно да му ја објасниме здравствената состојба на неговото дете. Имав среќа од моите поискусни колеги и професори да научам пристап кој е прифатлив за родителите и овозможува отворена, двонасочна комуникација.

Најважно е родителите да стекнат доверба во нас како лекари, а потоа соработката станува навистина успешна. Што се однесува до мојата професија, работата со деца е нешто што тешко може да се опише со зборови – тоа е искуство што се живее секојдневно, при што и самите пациенти нѐ учат на нови работи. Тоа е навистина непроценливо чувство.

Секое здраво дете испратено дома, како и секое подобрување на состојбата кај тешко болно дете, претставува личен, но и заеднички колегијален успех, бидејќи секое дете носи своја приказна, а ние сме среќни кога можеме да ја завршиме со добар крај.