
Во време кога културата сè почесто се мери со бројки, а не со влијание, Македонскиот народен театар останува едно од ретките места каде уметноста сè уште значи дијалог, емоција и преиспитување. Под водство на директорот Никола Кимовски, МНТ се обидува да го зачува својот идентитет, но и да се отвори кон нови генерации и современи изрази.
Во интервју за „Скопје Инфо“, Кимовски зборува за предизвикот да се балансира меѓу традицијата и промените, за улогата на театарот во современото општество, но и за тоа зошто, како што вели, животот без театар и уметност е „гол живот“
Јубилејот од 80 години беше одбележан со претстава што нè води низ историјата на театарот. „Сонцето, колку е блиску сонцето“ отвора прашања за континуитетот и промените: што се пренесува, а што се менува. Кои вредности на МНТ, според Вас, мора да останат недопирливи, без оглед на времето?
Македонскиот народен театар е институција што повеќе од осум децении го гради културниот идентитет на оваа земја и токму затоа постојат неколку вредности што мора да останат недопирливи.
Пред сè, тоа е силата и достоинството на ансамблот, кој со децении е столбот на оваа институција. Театарот не е зграда, туку заедница на актери, режисери, автори, сценографи, костимографи, сценска техника, челична администрација... а МНТ отсекогаш бил препознатлив по својот моќен актерски ансамбл, кој ја пренесува традицијата од генерација на генерација.
Втората вредност е почитта кон македонската драматургија и кон авторите што ја создаваат нашата културна меморија. Сцената на МНТ низ историјата била место каде што се поставуваат дела, кои зборуваат за нашето време, за нашите дилеми и за нашата општествена реалност.
И третата вредност е храброста за промена, отвореноста кон новите генерации и современите театарски јазици. Театарот мора да се менува и да комуницира со времето во кое живееме, но без да ги изгуби својот идентитет и интегритет. Токму таа рамнотежа меѓу традицијата и современоста е суштината на МНТ и верувам дека тоа е вредноста што треба да ја чуваме и во следните децении. Затоа е важно, покрај класичниот репертоар, да се отвора простор за нови режисерски поетики, за младите актери и за независните продукции. Верувам дека токму таа рамнотежа – меѓу традицијата, која ја чуваме и современоста, која ја создаваме – е суштината на Македонскиот народен театар и гаранција дека оваа институција ќе остане релевантна и во иднина.
Претставата „Сонцето, колку е блиску сонцето“ тргнува од првата реплика изговорена на сцената на МНТ. Кога денес ја слушате таа реплика, што значи таа за Вас како директор – почеток, одговорност или предупредување?
Кога денес ја слушам првата изговорена реплика на сцената на МНТ, ја доживувам како тивко предупредување, мотивација, но пред сѐ, како предизвик. Таа нè потсетува дека театарот не се создава еднаш засекогаш, туку дека секоја генерација мора повторно да го оправда неговото постоење пред публиката. Потсетник дека традицијата не е само нешто што го славиме и нешто што ни е дадено еднаш засекогаш, туку нешто што мора постојано и одново да го заслужуваме и да го оправдуваме со нови квалитетни претстави и преку нови храбри идеи да се поставуваат важни прашања на сцената. Токму затоа оваа култна реплика ја гледам како обврска МНТ да биде динамичен театар – место каде што историјата се почитува и каде што секоја нова премиера претставува и нов почеток.

Успехот во културата често се мери со бројки, награди и полни сали. Кој показател за Вас лично има најголемо значење и зошто?
Бројките и наградите се важни и, секако, се показател дека една институција функционира добро, но за мене најважен показател е реакцијата на публиката. Кога салата е полна, но уште поважно – кога публиката излегува од театарот со чувство дека видела претстава што ја допрела и не си заминала рамнодушна, кога една драма ќе ја натера да размислува или да разговара за неа, тогаш знаеме дека театарот ја исполнил својата суштинска улога. Претставите треба да отвораат дискусии и анализи, макар и со спротивставени мислења. Особено кога едно дело предизвикува различни интерпретации, тоа го прави живо и жилаво и отвора прашања. Театарот е и место што едуцира, создава простор за размислување, дебата и културен дијалог. Токму тоа е најголемиот успех на еден театар.
Колку, според Вас, е тешко да се балансира помеѓу почитта кон традицијата и потребата од современ израз, особено во национален театар со толку силна и богата историја?
Годинава влегуваме со силна, интензивна и внимателно курирана програма – со премиери, кои отвораат релевантни прашања, со копродукции, кои создаваат нови креативни сојузништва и со гостувања, кои јасно го позиционираат Македонскиот народен театар како активен регионален и европски чинител.
Во моментов во МНТ cо полн интензитет се одвиваат пробите за претставата „Страв и надеж“ од живиот театарски класик Франц Ксавер Крец. На покана на МНТ, култната белградска режисерка Татјана Мандиќ Ригонат ја поставува оваа претстава. Во претставата играат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Сашка Димитровска, Сашко Коцев, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Дамјан Цветановски и Нела Павловска. Освен овој проект, во програмата се предвидени уште три премиери во продукција на МНТ, како и во копродукција со релевантни партнери од областа на културата во нашата држава и истакнати театри од регионот.
Освен премиерните изведби, во меѓународната програма за 2026 година, предвидени се патувања на МНТ со репертоарските претстави: „Мој термин“ на Синиша Евтимов и „Варвари“ на Владимир Милчин. И двете ќе се одиграат на сцената на Словенечкото народно гледалиште во Марибор. Следи патување и во Дубровник со претставата „12“, во режија на Евтимов. Претставата „Ничија земја“ во режија на Морфов ќе гостува на Меѓународниот театарски фестивал „Црно море“ во Варна, а претставата „Народен пратеник“ во режија на Егон Савин, ќе биде одиграна на фестивалот „5-ре“ (ПЕТРЕ) во Велес.
И годинава продолжуваме со роденденската прослава и на 81 година од постоењето на МНТ со рецентни меѓународни гостувања и настапи на светски познати уметници на нашата сцена. Одбележувањето на големиот јубилеј започнува на 30 март со стенд‑ап шоуто „Шоубиз“ (SHOWBIZ), во изведба на белградскиот и светски познат актер Никола Ѓуричко. На 1 и 3 април на сцената на МНТ ќе гостува Словенечкото народно гледалиште Марибор (СНГ). На 1 април, публиката ќе има ретка можност да ја погледне претставата „Амадеус“, во режија на нашиот познат режисер Александар Поповски, еден од најрелевантните македонски режисери со долгогодишна меѓународна кариера, со повеќе од 70 режирани театарски претстави низ Европа. На 3 април, на сцената на МНТ, гостува СНГ Марибор, со монодрамата „Безгрешна (Immaculata)“ — сценско остварување, инспирирано од романот „Мариjиниот завет“, омаж на големиот и прерано починат режисер Томаж Пандур. Роденденската програма ќе ја заокружиме на 4 април, кога ќе биде изведена претставата „Другата страна“, во продукција на Црногорското народно позориште од Подгорица.
Морам да нагласам дека МНТ успешно продолжува да го реализира своето членство во Европската театарска конвенција (ЕТC), која е водечка мрежа на јавно финансирани театри во Европа, со 63 театри членки од 31 земја. ETC е посветена на промовирање на современата драма, олеснување на уметничките размени и поттикнување на културната разновидност во европската театарска уметност.
И да не ја заборавиме Летната сцена „Славиша Kајевски“, која оваа година по третпат ќе биде отворена на 18 јуни, под слоганот „СК – Уште ми фалиш“.

Кои беа најголемите сомнежи со кои се соочивте при воведувањето промени во МНТ и што научивте од тие искуства?
Научив дека транспарентната комуникација, вклучувањето на тимот во процесот на донесување одлуки и јасното објаснување на причините за промени се клучни. Промените не се наметнуваат – тие се заеднички процес. Исто така, научив дека трпението и поддршката на тимот создава доверба, а резултатот е стабилна, ангажирана и мотивирана институција, која е подготвена да го носи театарот кон нови успеси. Затоа, мојата канцеларија е секогаш динамична и полна со живот – низ неа постојано циркулираат актери, драматурзи, режисери, музичари, други театарски работници, како и маркетинг и ПР тимот на театарот. Професионалната соработка не е еднонасочна улица, неопходна е двонасочна фреквенција на идеи и предлози, кои заеднички водат кон конечниот резултат. Еден менаџер на национална институција од ваков ранг, не може да се изолира во својата канцеларија и сам да носи одлуки. Потребна е отвореност кон колегите и театрите во регионот и во Европа, постојан дијалог со другите театри и активно присуство на претстави надвор од својата институција. Само на тој начин се крева репертоарот, кога ги мериме силите, не само во нашиот непосреден контекст, туку во поширокото театарско опкружување.
Како директор, каде завршува уметничката визија, а каде започнува менаџерската одговорност? Дали тие две улоги некогаш доаѓаат во судир?
Јас сум дел од тимот на МНТ повеќе од 15 години и пред да бидам назначен на оваа функција, работев како инспициент на многу претстави. Одлично ги познавам моите колеги и го разбирам ритамот на работа на нашата матична куќа, што значително ми ги олеснува обврските денес како прв човек на МНТ.
Уметничката визија за мене никогаш не завршува со моментот на поставување на една претстава. Таа постојано е присутна во начинот на кој ги избираме проектите, режисерите, актерите, но и начините на работа со тимот.
Од друга страна, менаџерската одговорност започнува таму каде што визијата треба да се реализира во конкретни и одржливи резултати, во рамките на буџетот, организацијата и временските рокови.
Иако понекогаш двете улоги можат да дојдат во судир, искуството ме научи како да се справам со овие предизвици, за тоа дека вистински предизвик е да се најде баланс – да се овозможи уметничката слобода да пулсира, а менаџерската одговорност го одржува процесот стабилен и професионален. Само така можеме да создадеме продукција што истовремено е смела, инспиративна и одржлива.
Кога зборуваме за иднината на МНТ, што сметате дека е следниот неопходен чекор за институцијата да остане релевантна и жива, особено за помладата публика?
Особено важно за нас е што свесно отвораме простор за младите актери, новите режисерски имиња и независните продукции – затоа што веруваме дека МНТ треба да биде и платформа, поддршка и сцена за новата генерација автори. Создаваме репертоар што комуницира со времето во кое живееме, а истовремено самоуверено ја носи традицијата напред.
Освен големите театарски проекти, кои се веќе на железниот репертоар на МНТ и оние што допрва ќе бидат премиерно изведени годинава, во фокусот на годишната програма е и нашата мала сцена во МНТ. Преку оваа сцена, акцент ставаме и на независната театарска сцена. Одговорен за оваа сцена е режисерот Бојан Трифуновски. Нашата мала и компактна современа сцена е суштински простор за поддршка и афирмација на независната театарска продукција, која со уште поголем интензитет, енергија и креативна слобода ќе заживее пред публиката.
Овој концепциски новитет е инспириран од делото и духот на доајенот на македонското глумиште, Петре Прличко, како симбол на театар што патува, обединува и носи светлина таму каде што е најпотребна.
Имаме амбиција секоја новосоздадена претстава на оваа сцена да прерасне во дел од патувачки театарски репертоар, создавајќи жив и динамичен театар, кој излегува од институционалните рамки и се приближува до сите луѓе низ Македонија. Наша цел е секоја од овие нови претстави да пропатуваат низ градови и села, носејќи ја уметноста таму каде што е најмногу потребна. Со тоа, оваа иницијатива ќе прерасне во препознатлива и одржлива традиција.
Не е доволно само скопјани да имаат привилегија да уживаат во претставите од Македонскиот народен театар и не сакаме да ги дискриминираме другите наши сограѓани од земјава зашто театарот е наменет за публика и е популистичка, а не елитистичка уметност. Затоа им ја нудиме оваа можност да ги погледнат нашите претстави. Наместо тие да доаѓаат во Скопје, ќе појдеме ние кај нив дома.
Она што сакам да го потенцирам е дека МНТ започнува и со издавање авторска театарска музика. Во оние претстави каде што музиката ќе ја прават македонски композитори, тие театарските саундраци ќе ги издаваме на винил/плочи. Винилот e сериозен културолошки феномен, кој ги поставува чинителите на музичката сцена на своите вистински места и истовремено најквалитетниот и најценет носач на звук, особено за вистинските сладокусци.

Надвор од МНТ, кое културно искуство последно Ве допре и зошто?
Концертот на Кирил Џајковски во Националната опера и балет каде што се изведуваше неговата авторска филмска музика. Зошто? Бидејќи, според мене, тоа беше, надвор од МНТ, најдоброто последно културно искуство што ме допре многу емотивно. Неговата музика е, едноставно кажано, составен дел од мојот живот.
Ако треба со една реченица да ја опишете Вашата визија за МНТ во наредните десет години, што би сакале публиката да чувствува кога ќе влезе во салата?
Возбуда. Нетрпеливост да се крене завесата. Сакам да не трепне додека ја гледа маестралната игра на нашите актери. Сакам дерман да немаат по изведбата на претставата, да ја мислат, да им отвора прашања и дилеми, да ги учи, да им го менува личниот светоглед. Сакам да не мрднат од столчето, да останат „заковани“ додека трае претставата. Сакам да ги насмееме до солзи, да има отворени аплаузи на сцената. Сакам да им ги намокриме очите и да им биде топло околу срцето. Сакам да се свесни колку е макотрпна работата на овие луѓе, кои се „соголуваат“ на сцената и на оние зад сцената, кои неуморно работат. Сакам да ја убедиме јавноста дека животот без уметност е погруб, животот без духовното е попразен живот. Животот без прочитана книга, животот без театар, без филм, без сликарство, без музика... е гол живот. Уметноста ги прави луѓето похрабри, посамоуверени, почовечни, ги облагородува, им ги отвора умот и срцето, ги учи на емпатија и полесно ги поврзува со светот околу нив. Театарот е простор, кој е и едукација, и дијалог, и културна интеракција. Тој не смее да биде ограничен на просторот на салата – неговата моќ се мери со тоа колку може да инспирира, да креира мисли и емоции што ќе траат долго по завршувањето на последната сцена.
Театарот е непрекинат процес на истражување и секоја претстава е можност да се постави прашање, а не да се даде лесен одговор. Сцената е терен за борба со монотонијата на животот – тука се создава вистинската слобода на изразување. Театарот ја рефлектира вистината за човештвото и создава простор за директна емоционална трансформација.
На сцената, публиката и актерите заедно се соочуваат со вистината, со животот во неговата најсурова и најубава форма. Уметноста е слобода, простор каде што може легитимно да се преживеат емоциите, да се отвори умот, да се разбудат сетилата. Актерот е мотор на тие чувства, кој ја предизвикува публиката да се смее, да плаче, да размислува, понекогаш и да се соочи со непријатна вистина. Театарот е постојано барање, бескрајна потрага по она што нè движи, по она што нè прави живи и свесни.
Се трудиме нашите претстави да не се само гледливи, туку да оставаат трага – да ја поттикнат јавноста да размислува, да дебатира, да се соочи со различни интерпретации.