Интервју со Иван Живковски: Кисела Вода е пример за урбанистички хаос, неопходна е планирана урбанизација

Јавноста го препознава и памети како поранешен Претседател на сојузот на студенти на Македонија, а Иван Живковски подолг временски период професионално се занимава со адвокатурата.

Политиката засега му е хоби, а локалните проблеми му интерес или предизвик за конструктивна критика во јавноста и на социјалните мрежи. Одличен соговорник кој добро ги познава локалните проблеми и маките на граѓаните. Во денешното интервју разговараме со Иван Живковски, Претседател на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ во Кисела Вода. 

Често пати на социјалните мрежи објавувате сериозни инфраструктурни проблеми со кои се соочуваат граѓаните на Кисела Вода, што конкретно се случува таму?

За жал Кисела Вода во изминативе речиси четири години повеќе наликува на џунгла отколку на она што би требало да биде, една од најстарите и најубави Општини во Градот Скопје.

Каква е реакцијата на градоначалникот на овие проблеми, дали тој има слух за проблемите на граѓаните?

Најчесто проблемите со кои што се соочуваат жителите на Кисела Вода се предизвикани токму поради лошото и недомаќинско раководење на самата општина од страна на актуелнииот градоначалник. Генерално не би рекол дека воопшто е заинтересиран за проблемите и незадоволството на жителите, иако доста често реплицира на моите јавни забелешки и тоа со аргументи кои воопшто не се имплементирани во пракса.

Кои се приоритетите на што треба да се работи?

Уфф.. за жал покрај вакво досегашно работење, моментално се е приоритет за Кисела Вода. Но кога мора да издвоиме, најитно мора општината да почне да работи транспарентно и да претставува вистински сервис на граѓаните, она за што впрочем и постои. Запирање со неконтролираната урбанизација, решавање на проблемот со паркинг места низ општината, изградбата на последната фаза од бул. Борис Трајковски од Пинтија до Драчево, подигнување на хигиената во самата општина, изградба на најмалку три нови градинки и инвестирање во реновирање и зголемување на капацитетите на постоечките градинки, изградба на паркови и детски игралишта, изградба на спортски игралишта, изградба на канализациона и одводна мрежа во т.н. рурален дел на општината, реновирање и санација на локалните улици низ општината, реновирање на објектите на основните училишта, решавање на проблемот со уличните кучиња, одстранување на депониите. Дополнително  потребно е иницирање на законски измени од областа на урбанизмот, со цел решавање на имотно правните проблеми кои ги имаат жителите на Драчево и околните населени места.  Ова е само мал дел од најважните проблеми со кои се соочуваат сите жители на Кисела Вода, а кон чии проблеми мора да се пристапи сериозно и без одлагање.

Што правеше ВМРО ДПМНЕ на локално ниво, изминатиот период во интерес на граѓаните?

ВМРО-ДПМНЕ неуморно и „дише“ во врат на локалната власт, се со цел жителите на Кисела Вода да почувствуваат дека има некој кој  искрено се вложува и интересира за нивните потреби. Неретко се случува да се пристапува и кон порадикални мерки, од типот на протести, блокирање булевари и слично, нешто кое се случуваше во неколку наврати. Накратко, ВМРО - ДПМНЕ континуирано се залага во спречување на носењето на одлуки и реализирање на истите од страна на општината, кои се на штета на жителите на Кисела Вода.  

Кисела Вода е една од најхаотичните општини од урбанистички аспект, доколку вие би биле прв човек на општината што би промениле?

Не една од најхаотичните, туку дефинитивно број еден општина по урбанистичкиот хаос. Најпрво треба да се пристапи искрено и отворено кон овој проблем. ВМРО-ДПМНЕ ниту била, ниту ќе биде против урбанизацијата, но таа сама по себе треба да претставува и еден вид олеснување, подобрување на урбаното живеење, а не воспоставување хаос. Треба да се преиспитаат и да се иницира измена на сите актуелни ДУП-ови и заедно и транспарентно со поддршка од граѓаните да се гласаат новите. За секој ДУП граѓаните треба да го имаат последниот збор. Треба да се насочиме кон строго планирана урбанизација, но во форма на објекти за  индивидуално домување и тоа во делови надвор од урбаниот дел на општината, со цел да имаме рамномерен економски развој во целата Кисела Вода, како и да се растерети метежот од т.н централен урбан дел на општината.

Родени сте  во Скопје и подолго време живеете тука, ако треба да наброите пет убави и лоши работи во градот кои би биле тие?

Морам да истакнам дека како роден Скопјанец многу си го сакам градот и уживам во секој негов дел, кој ми носи различни спомени. Ако треба да бирам каде да се родам повторно, би го избрал Скопје. Ако треба да издвојам 5 убави работи за мојот град (а мислам дека има многу повеќе ), тоа би биле полниот и максимално исполнет градски парк, маалскиот живот кој иако е во изумирање сепак сеуште функционира,  зоолошката градина која секојдневно носи насмевки на лицата на најмалите, СРЦ Три Круши и секако Скопска Црна Гора која изобилува со бројни манастири и цркви, како и прекрасни глетки.

Секако, постојат и ред забелешки за кои се надевам дека некогаш ќе се променат, а тоа се секојдневниот проблем за паркинг во најфреквентните места, а особено во  Кисела Вода и Центар. Огромната загаденост на воздухот во зимскиот период, за која се чини дека станува се поирелевантна за надлежните, искуството од оваа, како и многу претходни години,  на задоцнетото чистење на снегот, малиот број на канти за отпадоци низ фреквентните места и тргнатата ограда пред Влада на РМ,  која пак придонесува објектот на Владата да личи на недовршена градба. 

Каде Иван го пие првото кафе, во канцеларија или во кафуле?

Навиката моето прво утрниско кафе да го пијам во кафулето Play All Day или во кафе баровите низ Кисела Вода, се промени изминатата година поради настанатата пандемија со Ковид - 19. Сега првото рано утринско кафе го пијам дома, најчесто во друштво со ќерка ми Калина. 

Автомобил, тротинет или пак велосипед, што практикува Иван Живковски?

Желбата и реалноста ми се разликуваат во овој случај. Би сакал најкористено превозно средство да ми е велосипед, но за жал во пракса ми е автомобилот, за што не сум премногу среќен. Но обврските во текот на денот си го налагаат своето, за жал. Велосипедот во моментов го користам често, но само за рекреација.

Повеќе од 6 години работите како адвокат, од професионален аспект, дали законската регулатива остава простор граѓаните да ги бараат своите права пред локалните инситуции?

6 години имам сопствена адвокатска канцеларија, а со адвокатура се занимавам повеќе од 9 години.

Како и многу работи што не функционираат и се судруваат едни со други во државата, така и многу законски прописи во Македонија се во колизија едни со други. Мое мислење е дека законската регулатива во однос на локалната самоуправа е генерално добра, но во Македонија многу градоначалници локалната децентарлизација ја протолкуваа единствено како можност да станат заштитени „бели мечки“, без притоа да даваат отчет пред граѓаните за сработеното. Сметам дека мора да се направат законски измени со кои градоначалниците ќе имаат поглеми обврски во однос на отчетноста пред граѓаните.

Пред нас се локалните избори, дали очекувате промени на локално ниво?

Искрено сум убеден на промена на локално ниво. Граѓаните знаат да дадат, но граѓаните и казнуваат. Во Кисела Вода граѓаните се разочарани, сите ветувања од актуелниот градоначалник останаа празно слово на хартија. Верувам дека локалните избори ќе бидат голем предвесник на политичките промени во Република Македонија. Сметам дека граѓаните заслужуваат промена. На подобро, се разбира.