Интервју со Иван Петрушевски: Часовниците на „Своч“ со дизајни од македонски градови ќе бидат претставени и во Дубаи

Во времето кога започна пандемијата и кога сите на некој начин добивме повеќе време за да се посветиме на себе и своите хобија, многу талентирани луѓе од Македонија се одлучија похрабро да ги покажат своите таленти и креативност. 

Иван Петрушевски, во интервју за Скопје Инфо вели дека кога дознал дека е финалист на конкурсот на светската компанија „Своч“, помислил дека се работи за спам-мејл. Но, за кратко време неговата идеја, инспирирана од македонските градови, се најде на нови дизајни на рачни часовници. 

Да се види сопствената идеја на ваков проект е големо достигнување. Каква беше вашата реакција кога ги видовте конечните дизајни на „Своч“ часовниците?

Секако воопшто не е мала работа да се види својот дизајн признаен од бренд како „Своч“. Дури кога го добив иницијалниот мејл каде што ми честитаат како финалист, помислив дека се работи за некој „spam mail“. Многу се израдував кога го видов дизајнот на нивниот сајт, а уште повеќе кога поштенски ми доставија 7 примерока. Со сигурност можам да кажам дека ми е еден од омилените проекти на кои сум работел.

Инспирацијата за дизајните доаѓа од одбележјата на неколку македонски градови. Дали можеме да очекуваме зголемување на колекцијата со која би биле опфатени сите градови?

Дизајните со поштенски марки ги направив најпрвин како свој личен проект во првата година од пандемијата. Тогаш сите се осврнавме кон домашниот туризам и може да се каже, со други очи ги гледавме нашите убави краеви. Повикот од „Своч“ беше со идеја – преку дизајн да се опише сопствената земја. Веќе готови ми беа дизајните на марките за Скопје, Охрид и Маврово, а ги дополнив со илустрации за Прилеп, Берово и Крушево. Верувам дека ќе ја дополнам колекцијата со уште многу локации претстојниов период.

Што најмногу ви помага во инспирацијата и креативноста општо, не само за овој проект?

Како најголема база на инспирација, ги користам социјалните медиуми преку кои следам многу уметници и креативни луѓе. Исто така како главен извор на инспирација ми се илустрациите направени во средината на минатиот век. Мислам дека тоа е забележливо и во мојот визуелен израз – едноставни форми и палета од загасени бои. 

Дали следите трендови во дизајнот и уметноста? Колку трендовите влијаат на вашата работа како уметник и дизајнер?

Верувам дека секој креативец треба колку-толку да ги следи трендовите, ако сака да биде или остане релевантен во своето поле. Мојот работен ден започнува со еден вид 15 минутни дизајнерски вести – неколку веб сајтови кои ги следам редовно, полни со свежа дизајн-содржина.

Засега ова издание на часовници не е достапно во Македонија. Имате ли информација дали тоа ќе се случи во иднина и дали Македонците ќе можат да го купат овој дизајн за себе?

Часовникот беше достапен за онлајн нарачка глобално во февруари. Само што добив информација дека повторно ќе биде достапен онлајн во текот на целиот април, а исто така посетителите на Дубаи Експо ќе можат да го купат, затоа што проектот е дел од самиот Дубаи Експо настан. Се надевам дека Своч наскоро ќе се решат да ги достават дизајните во земјите кои тие ги претставуваат.