Игор Јордановски е амбициозен човек, кој работи напорно за да ја оствари својата цел во кариерата. Со неговата упорност, пристап и лидерство успеал да остави впечаток за да добие можност да биде дел од една голема организација во делот на хотелиерството и проект менаџментот за време на Светското првенство во Катар.
Земјата од Персискиот залив беше домаќин на спектакуларното Светско првенство. Побарувачката за билети, но и сместувачки капацитети беше огромна, а Игор имаше чест да биде домаќин на огромен број навивачи.
Игор во интервју за „Скопје Инфо“ ни открива дека неговото прво искуство во хотелиерството се случило сосема случајно кога заминал во Катар пред повеќе од една деценија во обид да се пронајде на професионален план, а сè останато остварил со љубов кон професијата и напорна работа.
Неговата кариера почнала од „Бел бој“, односно најниската позиција во угостителството во Катар, но со текот на времето напредувал до „Cluster Director of operation“ на едно од најголемите случувања во историјата на фудбалот, Мундијалот во Катар.
- Најголемиот благослов кој го имав беше тоа дека мојата кариера започна од најниската позиција во угостителството во истата земја, па по самата природа морам да признаам дека секоја година помината во различни хотелски ланци и држави беше најголема обука за мене лично, но надградбата продолжува и на самиот проект, а верувам и во секое следно искуство, ни открива Игор.
Македонецот бил задолжен за 18.000 апартмани, кои имале капацитет од 36.000 луѓе, но воедно требал да се грижи и за 3.000 вработени, а за тоа да функционира Игор вели дека бил потребен посебен пристап, но и упорност и тимска работа за успешно да се реализира проектот со оглед дека нешто слично во минатото не се случило во Катар.
- Воопшто не беше лесно, но со вистински став, упорност и тимска работа истата станува задоволство. Добро планирање, голема концентрација и соработка со повеќе владини и невладини сектори, раскажува Игор.
Светското првенство во Катар траеше еден месец, а во текот на целото првенство и регионот кој бил под негова надлежност биле реализирани дури половина милион ноќевања, што е навистина огромна бројка и самиот предизвик делува застрашувачки, но Игор успеал со вистинска стратегија да го изменаџира.
Игор е доказ дека може да се успее и од Македонија, иако сме мала земја и многумина сметаат дека шансите за такво нешто се минимални. Меѓутоа, со напорна работа, љубов кон професијата и вистински пристап може да се остварат вашите соништа. Тој смета дека во многу компании е променет пристапот за разлика од изминатите години, затоа што многумина почнале да го почитуваат потенцијалот на работниците. Игор смета дека доколку му се верува на работниот кадар и се вложува во нив, резултатите ќе дојдат сами по себе.
Македонецот, кој се грижеше за сместувањето на навивачите на еден од најголемите настани во историјата на фудбалот, има и порака за сите кои немаат голема самодоверба.
- Звучи клише, но без откажување, перцепцијата за успех повеќе не познава граници и лимит. Само напред, сè е на дофат, вели Игор кој е доказ дека може да се тргне од најниската позиција и да се стигне до самиот врв во професионалната кариера.