Интервју со Христијан Мицкоски: ВМРО ДПМНЕ ќе биде моторот на промените кои ќе се случат и главниот поборник на новата иднина

Пред нешто повеќе од еден месец опозициската ВМРО ДПМНЕ победи во двата круга од локалните избори кои се одржаа во нашата држава.  Пред локалните избори беше најавувана, но по нивното завршување во јавноста се отвори темата за 17 конгрес на партијата кој се одржува во недела во Скопје, каде единствен кандидат за лидерската позиција е актуелниот претседател. Конгресот според најавите треба да донесе кадровски и концепциски освежувања, но на него треба да се дефинираат и идните чекори за дејствување на ВМРО ДПМНЕ.

Во денешното интервју разговараме со лидерот на опозицијата, професорот Христијан Мицкоски. Зборуваме за промените кои ќе ги донесе конгресот, работата на градоначалниците, визијата за Скопје и скопските општини, идниот развој на градот, идното дејствување на ВМРО ДПМНЕ, но и за дел од приватниот живот и приватните обврски на Претседателот на најголемата опозициска партија во Македонија. 

Следниот викенд во Скопје се одржува 17 конгрес на ВМРО ДПМНЕ, кои се вашите очекувања од конгресот?

Станува збор за редовен конгрес на кој ВМРО-ДПМНЕ ќе направи една ретроспектива на изминатите 4 години кои беа доста турбулентни за партијата и за земјата. Воедно ќе презентирам план и програма за наредните 4 години. Можам од една временска дистанца да кажам дека поминавме значителни предизвици во овие 4 години од кој партијата излезе посилна и обединета. Практично она што беа мои цели и визии на последниот валандовски конгрес ги реализиравме во изминатиот период. Дополнително покажавме една програмска определба и визија за нова иднина која што им ја должиме на граѓаните преку промените кои ги започнавме на локално ниво и за кои имаме обврска да се прошират на централно ниво со цел да ги менуваме работите.

17тиот конгрес ќе биде и настанот каде ќе биде усвоена нова доктрина на ВМРО и каде ќе бидат дефинирани целите на нашето постоење, каузата за која се бориме, и што планираме во иднина. Тоа ќе биде нашата биографија за оние кои сакаат да бидат дел од ВМРО ДПМНЕ и кон кои ние подаваме рака. Ќе имаме значајни пораки за времињата кои ни престојат. Јас во мојата програма која ќе ја предложам ќе ги опфатам најгорливите прашања на нашата држава, што е она околу што ќе застанеме но и нашето позиционирање кон стратешки важните теми.

Какво осежување ќе донесе конгресот во редовите на најголемата опозициска партија и на политичката сцена во Македонија? Може ли да очекуваме значајни кадровски и концепски промени?

Ќе понудам кадровски и концептуални промени. Промени кои јас ги дефинирам како засилување, но и нова фаза во делувањето што ќе подразбира и отворање кон пошироката јавност и мобилизација на интелектуалните и општествени капацитети кои ќе ги ставиме во функција на напредокот и изградбата на земјата. Да се обединиме околу важните прашања бидејќи и проблемите кои ги тиштат граѓаните се исти. Тогаш потребно е да ја земеме палката и покажеме како треба. ВМРО-ДПМНЕ направи во изминатиот 4 годишен период големи промени и застана на нозе, сега е време да почнеме да чекориме со големи чекори напред затоа што времето неодминливо тече, а народот оправдано бара резултати.

ВМРО ДПМНЕ на последните локални избори доби најголемиот дел од гласовите на граѓаните и најголем број општини во Македонија, што значи ова за партијата и какви си следните планови за дејствување на локално ниво?

Јас имам интензивна комуникација со градоначалниците и интензивно работиме на терен со намера да се реализира ветеното. Гледам дека сум предмет на критика поради тоа од страна на власта, но јас имам намера да бидам уште поприсутен на терен и да решаваме проблеми на граѓаните. Задоволен сум од темпото на работа од повеќето градоначалници и можам да кажам дека и покрај огромните долгови и наследените проблеми досега за само триесетина дена се започнати над 20 капитални проекти во различни општини, било да се водоводи, канализации, улици, училишта или спортски сали. Меѓудругото, моето присуство на терен го користам за средби со стопанските комори и заеднички општината, бизнисот и јас ги решаваме проблемите, бидејќи човечки и професионално е да се има секогаш отворена врата за секого затоа што на крајот користа ја имаат граѓаните. Исто така од почетокот на наредната година ќе има отворена линија каде граѓаните ќе може да пријават проблеми, но и да се информираат за процесот на следење на реализацијата на самата програма, како и да нотираат недоследности до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ по што ќе имаме организирано тим кој ќе ги процесуира таквите пораки од граѓаните. Драго ми е што градоначалниците го послушаа мојот совет до нив да се откажат од привилегиите што ги нуди општинската фотелја и да внимаваат во користењето на општинските средства. Исто така најавувам во наредниот период зголемен интензитет на работа на планот на спроведување на проекти од програмата, ветеното се реализира а промените на локално ниво мора да се почуствуваат интензивно.

Речиси сите скопски општини (со исклучок на Центар) се раководени од кадри од Вашата партија, како ова ќе влијае на идниот развој на Скопје и што очекувате од кадрите кои повеќе од месец дена се на градоначалничките позиции?

Скопските градоначалници покажуваат свежина во работата. Воедно, иако наметнувам и барам силно темпо на работа, треба да се биде свесен дека проблемите кои се наследени се огромни. Се сеќавам на првите состаноци по превземањето на функцијата со градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар кој загрижено ме информираше дека толку е во минус општината, што ќе нема ниту плати да подели, па седнавме заедно да бараме решенија. Но вистински сум задоволен што се отпочнаа сериозни проекти во Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба, Бутел, Ѓорче Петров. Гледам дека и Јакимовски во Карпош секојдневно е на терен и решава напластени проблеми. Скопје се придвижува напред и создаваме солидна основа за иден развој. Потребни се одржливи решенија, но мора да има брза респонзивност во решавањето на потребите на скопјани. Во Аеродром за започна со изградба на градинка, во Гази Баба изградба на нов водовод и канализација, во Кисела Вода се делат решенија за легизација на дивоградби за кои се чекало со години, но и се отпочнува фекална канализација. Патем се расчистуваат диви депонии, се почнува изградба на булевар во Охрид, се асфалтираат улици и редици други проекти.  Сето тоа овозможува нов импулс во работата на Скопје.

Данела Арсовска беше независен кандидат поддржан од Вашата партија, како оди соработката со неа и кои се плановите се понатамошните проекти и развој на градот?

Од она што сум информиран од Арсовска е дека паралелно се работи на неколку крупни проекти за градот Скопје. Во тек е таму кадровско доекипирање, Арсовска има свои планови и визии за градот. Се работи на решенија кои ќе ги опфатат повеќе децениски проблеми како што е сообраќајниот хаос, депонииите и нечистотијата во Скопје, паркирањето и слично. Она што го има ветено за првите сто дена гледам дека работи и верувам дека ќе има сили да го реализираа ветеното. Градот Скопје мора да се развива да нуди решенија и да и да биде отворен град со чувство за потребите на скопјани. Верувам дека многу брзо ќе се отпочне со реализација на капиталните инфраструктурни проекти.

Кадровските решенија поврзани со градските јавни претпријатија одат некако споро. Каде е проблемот, намерно тактизирање или пак проблем во изнаоѓање на вистинските кадровски решенија?

Отпочната е таа фаза. Освен тоа што директорите на јавните градски претпријатија се врзани со менаџерски договори кои имаат свој рок на треење, првенствено е важно да бидат одбрани вистинските луѓе. Како што сум информиран Дрисла доби нов директор. Јане е врвен професионалец, млад кадар кој верувам дека ќе работи чесно и одговорно. Исто е така и со новиот директор на Лајка, кој како што сум информиран, има импозантнта биографија. Одлуките ги носи градоначалничката Данела Арсовска и уверен сум дека ќе направи правилен избор од кој корист ќе имаат скопјани.

Во какво Скопје сака да живее Христијан Мицкоски? Имате веројатно голема моќ како претседател на ВМРО ДПМНЕ, што би промениле?

Скопје за мене е голема емоција, градот на моето детство, градот каде веројатно и ќе го завршам мојот живот. Скопје со годините го загуби препознатливиот градски шмек, или како што поврасните скопјани би рекле душата на градот, која не е само во местата значајни за скопјани, туку и во однесувањето на луѓето кои со времето се повеќе се отуѓија. Сакам отворен град, град каде ќе има планско растење и планско градење, со многу зелени површини и решени значајни прашања. Сообрајниот хаос мора да биде решен, исто како и да се стави крај на урбаното дивеење кое е поврзано со урбаната мафија на која мораа да ставиме крај. Сакам Скопје да биде со чист воздух, поврзани маала и општини и со доволно простор за паркирање. Град кој ќе има доволно места за спортување и особена грижа за велосипедистите, место на случувања и град со грижа за своите луѓе.

Често Ве гледаме на Водно, на факултет и на медиумите каде зборувате за политика, можно ли е во 24 часа човек да најде време и да биде успешен на сите полиња во животот? Што е најголем приоритет за вас?

Мора да се постигне сè, и тоа е дел на организација на самите себе си. Не пропуштам да отидам на предавања на факултет, каде морам да признаам навистина се чуствувам релаксирано кога сум со моите студенти и имам можност да пренесувам знаења. Искачувањата на Водно се дел од мојот ритуал, кога времето тоа го дозволува, затоа што на извесен начин тоа го доживувам како празнење на негативната енергија. Тоа е одличен начин човек да биде сам со своите мисли. Но, тоа се дневните ритуали. Она што е важно за мене во мојата работа е да влијаеме на менување на моралните норми во нашето општество. Мора да ја менуваме сликата за политичарите, за менаџирањето на институциите. Да демонстираме одговорност кон ветеното и да покажеме дека можело и мора поинаку. Поинаку во обраованието, во економијата, во претпимништвото, во земјоделието. Мора да покажеме со личен пример дека сме подготовени да водиме, и дека тивкото мнозинство овој пат нема да се повлече. Предолго добрите луѓе се тргаа на страна, поради лошите одлуки на одлучувачките фактори во нашето општеств. Фотелјата не е нешто наследно, и тука не смее да се губи образот. Мораме да покажеме дека заеднички можеме да поместуваме планини и се додека сме заедно едни покрај други и заедно се бориме ќе успееме.

Често ве гледаме на терен, промовирате нови проекти и најавувате реализација на уште повеќе, дали ВМРО ДПМНЕ ќе успее во ваква состојба да биде машината која ќе ги движи проектите и промените во општеството?

Промените започнаа. Тие се одговор на народот поради незадоволството кое постои поради акутните проблеми, растечката сиромаштија, неказнетиот криминал, трулиот систем. Промените ги предводи ВМРО-ДПМНЕ и тие не се само започнатите проекти и работата на нашите градоначалници, туку и промена на матрицата и вредносниот систем кој владее овие триесет години. ВМРО ќе биде моторот на промените кои ќе  се случат и главниот поборник на новата иднина која ќе се случи.  И затоа по конгресот ќе започне втората фаза, каде ќе направиме една општествена мобилизација и повик до секој еден поединец кој сака да ни се приклучи и да биде дел од промените.

Викендов слушнавме дека актуелното владејачко мнозиство се окрупнува, како ги коментирате актуелните политички случувања?

Оддржувањето на ова мнозинство не е последица на волјата на граѓаните, туку резултат на интересите околу кои се обединува оваа власт, кои пред се се лукративни. Притоа, Заев е подготвеен да ја плати секоја цена за да опстои оваа крими коалиција. Се прави нов политички пазар за да Заев и министрите си ги задржат фотелјите, а за тоа да платат граѓаните. Измислувањето на министерства е со цел да се задоволат политичките апетити. Тотално е неважно дали министерот бил од една заедница, а некој друг од друга. Важно е што сите 19 министерства ги водат некомпетентни и неспособни министри, а ќе потсетам дека СДСМ пред да дојде на власт ветуваше и помал број на министерства. Додека народот нема за леб, додека цените одат нагоре, владата ќе се луксузира со измислени министерства. Не е прашање дали ќе издржи оваа влада, тоа е јасно дека ќе биде краток период, работата е тоа да биде час поскоро за да штетата биде помала. Затоа велиме дека единствениот излез се предвремени парламентарни избори на кој народот ќе одлучува.