Интервју со доктор Сузана Арбутина: Тешките алергиски реакции на вакцините против КОВИД-19 се многу ретки

 

Д-р Сузана Арбутина е еден од најуспешните доктори на Клиниката за пулмологија и алергологија. Особено на почетокот на пролетта кога многу луѓе страдаат од редовните сезонски алергии, таа во интервјуто за Скопје Инфо зборува за епидемијата на алергии која е во пораст, но и за најчестите разлики меѓу алергиските реакции и КОВИД-19.

Веројатно се наоѓаме во период на алергија, граѓаните веќе се жалат на симтомите кои ги предизвика таа. Како да препознаеме дека станува збор за алергија?

Сезоната на пролетни респираторни алергии е веќе исправена пред нас. Климатските промени во последниве години доведоа  до порано од вообичаеното појавување на првите симптоми кои ги карактеризираат алергиските реакции кон сезонските предизвикувачи на алергии,  а со тоа и зачестена е потребата од консултации со лекар.

Алергиите претставуваат прекумерна и неспецифична реакција на имунолошкиот систем на разни супстанции или стимули (алергени) кои инаку не битребало да бидат штетни за организмот. 

Алергени можат да бидат полен, прашина, мувла, животински протеини, храна и лекови. Кога алергично лице ќе дојде во контакт со алерген, имунолошкиот систем реагира со производство на IgE антитела, и последователното ослободување на проинфламаторни медијатори, пред сè хистамин, што доведува до стегање на мазните мускули и стеснување на дишните патишта, предизвикува ширење и зголемена пропустливост на крвните садови и формирање на оток, чешање, црвенило на кожата, зголемена чувствителност на рецепторите за болка, како и зголемено активирање и жлездите со надворењно лачење. Како резултат на целиот тој процес се појавуваат типичните  алергиски манифестации и бројни симптоми. 

Примарните симптоми при одговорот на организмот кон  алергени можат да бидат со различна тежина, а клиничката манифестација и времетраењето на сезонските алергиски болести зависат од видот и количината на алергени одговорни за нивната појава. Најчестите примарни симптоми на сезонските алергени се: обилна чиста водена секреција од носот,  јадеж  на носот, чешање во грлото и непцето, алергиски конјунктивитис со изразено печење, јадеж и црвенило на очите, засипнатост, сува, иритирачка кашлица, главоболка, тешко дишење. Пациентите кои имаат алергии на инхалаторни алергени покрај примарните симптоми, често имаат и секундарни симптоми, кои значително влијаат на квалитетот на животот. 

Секундарни симптоми на инхалаторни алергии се намалената концентрација, несоница, тешкотии при работата, ограничување на дневните активности,  замор, анксиозност, губење на сетилото за мирис, депресија, појава на полипи во носот, синузитис, конјунктивитис, стрес, намалена продуктивност, често боледување и отсуство од работа, социјална изолација.

Ако симптомите траат повеќе од една недела и се повторуваат во исто време неколку години треба да се сомневаме во алергиска манифестација и доколку е можно, треба да се посети алерголог и да се направат алерголошки тестови.

Што според вас е причината за масовната појава на алергиите кај граѓаните?

Потврдено е дека алергиите претставуваат епидемија во пораст во сите земји во светот последните неколку години. Со право се нарекуваат епидемија на 21. век. 

Епидемиолошките истражувања покажуваат дека околу 25% од вкупната светска популација страда од некоја алергиска болест. Појавата на алергии е тројно зголемена во последните неколку децении и има тенденција на натамошно зголемување во сите возрасни категории, особено кај детската популација. 

И покрај развојот на фармакотерапија, бројот на пациенти се зголемува за 5-10% секоја година. Големото зголемување на бројот на регистрирани пациенти ширум светот, а особено во развиените земји и градови се објаснува со промените во животниот стил и климатските промени. 

Според предвидувањата, половина од европската популација ќе има некаква форма на алергија до 2025 година, а особено загрижувачки е што до 2050 година, секое второ дете ќе биде алергично. Алергиja може да се јави кај секого без оглед на возраста, иако тие се почести кај луѓето кои имаат алергиски болести во семејството. 

На алергија треба да се помисли при состојби на зачестени настинки, често течење на носот, инфекции на ушите, утринска кашлица, отежнато дишење придружено со свирење во градите, како и дигестивни и кожни нарушувања.  Вообичаени алергени се најчесто полени, грини, спори на мувла, животински влакна, храна, каснувања од инсекти и лекови, но може да бидат различни еколошки супстанции или состојки на храна. 

Појавата на алергии на полен се совпаѓа со цутењето на растенијата кои го создааат тој полен, па затоа е важно да се знае календарот за полен кој дава информации за сезоната на цутењење на растенијата кои предизвикуваат симптоми на алергија.

Ако алергијата е дијагностицирана на време и соодветно третирана, ризикот од развој на посериозни компликации е значително намален.Причините за ова зголемување, како и патогенезата на болеста, сè уште не се доволно разјаснети.

Како да се превенерираат и спречат тие?

Најдобар начин за спречување на алергии е детектирање и избегнување на алергени. Особено е препорачливо следење наа биометеоролошката прогноза и избегнување на излегување од домот од  5 до 10 часот наутро, кога има најголема концентрација на  полен во воздухот, избегнување на сушење и проветрување на облеката и постелнината на отворено во овој период од годината. Кога постои потреба од  работа на отворено или во градина да се користи маска за лице како заштита од полен. Следење на поленскиот календар за сезоната на цутење на растенијата што предизвикуваат алергии кај чувствителни луѓе,  искористување на  времето по дожд за проветрување на просториите. Потоа, користење на клима уреди, редовно чистење со детергент, повремено со средства за дезинфекција и редовно заменување ги филтрите во согласност со упатствата.

Превенцијата и придржувањето кон терапијата препорачана од докторот е од клучно значење за контрола на симптоми на алергијата, како и за спречување на понатамошен развој на симптомите. По појавата на првите симптоми, се препорачува косултација сој алерголог, изведување на  препорачаните дијагностички тестови за алергии и придржување  до превентивните мерки, активности и препорачана терапија.

КАЛЕНДАР ЗА ПОЛЕН

Календарот за полен е графички приказ на присуство на полен во воздухот и најчесто се прави за период од една година. Поради разновидноста на растителните видови и разновидноста на почетокот на цутењеи, се прави одделно за секоја биогеографска област. 

Календарот за полен содржи информации за периодите и промените во концентрацијата на поленот и должината на цветањето на одделни растенија и ги следи, на пример, предвременото цветање на растенијата поради натпросечно топло време.

Каква е разликата помеѓу алергиски симптоми и симптоми на Ковид 19, може ли да се направи разлика?

Пролетните алергии предизвикуваат посебен интерес во услови на актуелнава пандемија - и кај лекарите и кај пациентите кои страдаат од алергии, токму поради тоа што  во овој период не сме сосема сигурни дали нивните симптоми може да бидат и симптоми на „ковид 19“. И во двата случаи, белите дробови и грлото можат да бидат засегнати, но кај вирусните заболувања се јавува покачена телесна температура  а тоа не е типично за алергиите. Кашлицата е чест симптом на COVID-19, кој исто така е присутен кај некои пациенти со алергии. Кај сезонски алергии, симптомите се влошуваат во надворешна средина, но кај вирусна инфекција, обично постои континуитет и влошување на симптомите без разлика на средината во која се наоѓаме во моментот. Ковид 19 е вирусно заразно респираторно заболување .(вирусот што го предизвикува е назначен како САРС CoV 2), кој за прв пат беше идентификуван во декември 2019 година. Периодот на инкубација трае околу два до 14 дена и се пренесува  од човек на човек, за разлика од алергиите, кои се карактеристични само за одредени лица и не се пренесуваат од човек на човек. 

Некои алергии се јавуваат сезонски, додека сè уште немаме доволно податоци за сезонска појава на КОВИД 19. Кај КОВИД 19, знаците и симптомите може да се развиваат неколку дена, додека симптомите и знаците на алергија се појавуваат до еден час по изложувањето на алергени.

Алергиите ретко предизвикуваат потешки клинички презентации, опасни по живот, додека околу 20% од инфекциите со ковид 19 бараат третман во болница заради брз и чест развој на пневмонија

Главните симптоми на КОВИД 19 кои се појавуваат по периодот на инкубација, се кашлица, отежнато дишење и чувство на недостаток на воздух, проследено со треска, температура, болки во мускулите, главоболка, грло, губење на чувство за вкус и мирис.

Симптом кој сигурно не се појавува кај алергии а е многу важен кај КОВИД 19, е покачена телесна температура. Луѓето кои имаат сезонски алергии треба да обрнат особено  внимание на тоа и да се јават кај матичниот лекар при покачување на температура.

Важно е да се нагласи дека ако пациентот има  алергија, не е исклучено  да има вирусна инфекција истовремено, вклучително и  КОВИД19. Посебно важно е да се споредат симптомите што се јавувааат секоја година во случај на сезонски алергии и да се забележи било каква разлика кај симптомите што можат да се појават. 

Консултација со  лекар кој може да  помогне во одредување на  следните чекори за лекување.

Освен алергијата, кои други здравствени пулмолошки проблеми најчесто се јавуваат кај пациентите?

Симптомите и знаците на белодробните болести се бројни, но чести, а воедно и особено сериозни се: хронична кашлица,отежнато дишење, свирење во градите, болка во градите, искашлување на секрет, кашлање крв. Иако често ги игнорираме симптомите како кашлање или отежнато дишење, токму овие рани симптоми можат да укажат на развој на некои белодробни заболувања. Поедноставните симптоми како лесна кашлица може да преминат во посериозни, како  нпр. Искашлувањена  крв. 

Кога ќе се појават првите симптоми, важно е да се обрне внимание на нив и благовремено да се консултира лекар. Меѓу најчестите заболувања со кои се сретнуваме во нашата секојдневната пракса се воспалението на белите дробови, хроничната белодробна болест, астма, тумори и  др. Но секако тука би спомнала декасе почесто  се среќаваме и со поедини ретки белодробни болести, чиј список исто така не е мал.

Кој е вашиот совет за успешно постковид опоравување и закрепнување на организмот?

Во декември 2020 година, Националниот институт за здравство на Велика Британија (NICE) ја предложи следнава класификација на постковидни состојби:

  •  Акутен КОВИД-19 кога симптоми траат до четири недели. 

  • Тековен, симптоматски КОВИД-19 , за симптоми траат од 4 до 12 недели, и постковиден синдром за симптоми кои траат повеќе од 12 недели и кои не можат да се објаснат со алтернативна дијагноза, можат да се променат со текот на времето, да исчезнат и да се појават повторно, влијаејќи на многу  системи во организмот.

  • Пост-КОВИД-19 состојба,  исто така позната како ДОЛГ КОВИД, е последица на коронавирусна инфекција (КОВИД-19), во која до 20% од луѓето кои имале коронавирусна инфекција страдаат од долготрајни симптоми кои траат до 12 недели и во 2,3% од случаите подолго .

Самата коронавирусната инфекција  предизвикува стрес на организмот, а и лековите исто така можат да го ослабнат организмот. Враќањето на физичката кондиција може да биде проблематично додека трае процесот на закрепнување, оти  телото  е истоштено.

Во овој период посебно важен е и режимот на  исхрана на богата храна со хранливи материи и додатоци за да се забрза процесот на закрепнувањето. Познато е дека вирусот делува на когнитивните процеси и  меморијата. Со цел да се врати изгубеното внимание, способностите за когнитивно размислување и меморијата,  дел од време треба да се оддели за активности кои ќе го ангажираат умот.  Разбирливо е дека враќањето кон вообичаените животни рутини нема да се случи наеднаш, затоа е потребно да се даде време на процесот на опоравување. 

Од посебно значење е да се обрне внимание и на сите забележливи знаци или симптоми кои можат да се појават во пост-КОВИД периодот кои влијаат на квалитетот на живот и да се остане во постојан контакт со лекарот од примарна здравствена заштита кој би бил консултиран доколку се појават такви проблеми во периодот после оздравување од инфекцијата.

7. Да позборуваме малку и околу вакцините, дали лице кое има проблем со алергии е безбедно да ја прими вакцината против Ковид 19?

Разбирлива е загриженоста  кај популацијата на пациенти  кои секојдневно се справуваат со алергии доколку слушнат дека некои луѓе доживеале алергиски реакции по примањето на вакцината за COVID-19, особено ако самите имаат искуство со тешки алергиски реакции. Генерално, доколку постои склоност кон алергии не  постои контраиндикација за вакцинација. Исто така, пациенти со податок за алергии на орални лекови или семејна историја на тешки алергиски реакции,  можат да се вакцинираат.

Извештаите од несаканите реакции на вакцините постојано се следат  и редовно се објавува ажуриран извештај за реакциите на вакцините COVID-19. Тешките алергиски реакции на вакцините против КОВИД-19 се многу ретки. Препорака е само ако се јавила алергиска реакција на која било од состојките во вакцината дека не треба да се прими истата  и доколку се јавила алергиска реакција на првата доза на вакцина КОВИД-19,  не се  препорачува примање на втората доза. 

И покрај тоа што постои ризик од алергиска реакција, веројатноста е исклучително мала, но потенцијалната придобивка од вакцинацијата COVID-19 јасно и недвосмислено  го надминува потенцијалот на штетност.

Докторке, неминовно се поставува и прашањето, какво е вашето мислење за менаџирањето на пандемијата од Ковид 19? Можеше ли нешто да се спречи или пак да се направи подобро?

Од моментот од кога се појави пандемијата целото општество и  целата планета, се соочи со голема енигма. Сè уште деноноќно и макотрпно се работи на истражувања на сите нивоа со цел најдобро да се справиме со овој глобален проблем  пред кој се исправивме. 

Менаџирањето само по себе е комплексен процес и не така лесна  работа и зависи од повеќе фактори, особено ако зборуваме за менаџирање на пандемија. Ако менаџирањето означува комплекс на активности кои се насочени кон ефикасно обезбедување, распределување и користење на сите расположливи човечки и материјални ресурси за постигнување на дадена цел, мора да прифатиме  дека во овие околности потребно е точно да се знае кој што прави и кој за што е одговорен.

Едно е јасно...секој од нас носи одговорност  и сите сме одговорни за чување на безбедноста на нашата заедница. Со овој проблем се соочува целата планета, и сите сме заедно во овај предизвик .

Во однос на тоа дали нешто може да се спречи или да се направи подобро, мојата девиза е, а веќе и добро потврдената и во досегашната моја пракса како лекар,  изреката...ПОДОБРО ДА СЕ СПРЕЧИ отколку да се лекува.  

Универзалните мерки на претпазливост кои помагаат да се спречи ширењето на КОВИД-19 се токму тие и такви – универзални.  Јас лично ги следам препораките кои ги дава СЗО. Сметам дека секој од нас е должен да покаже самосвест,  почит и кон себе, блиските  и кон целото општестото. Само така ќе го направиме  најдоброто.

Кој е вашиот став за понатамошниот развој на пандемијата на локално и светско ниво?

Факт е  дека борбата сè уште трае. Вистината е една - примарна цел е да се спречи можноста и моќта на вирусот  да се шири и да предизвикува болест.

Како ќе се развиваат настаните и каков ке биде билансот од оваа борба , колку долго ќе трае пандемијата зависи од повеќе фактори и моменти и  јас лично не се чувствувам компетентна да се изјаснам по тоа прашање.Но,  длабоко верувам дека ако секој од нас го работи она што најдобро го знае и може, а притоа и даде сè од себе,  успехот и победата се гарантирани.