Да се биде студент на медицина, значи да се има силен карактер, да се биде спремен за жртвување на својот социјален живот, моментите со семејството и најблиските, да се лишиш од многу нешта за да дојдеш до најхуманата професија во бел мантил - вели младиот доктор Александар Веселинов.
Тој е на чекор до официјалната диплома и титула, а за тоа што понатаму, како гледа а актуелните текови во македонското здравство и колку хуманоста, освен професионализмот, е предудна во оваа професија, разговараме во денешното интервју.
Вие сте студент во завршна година на Факултетот за медицински науки. Наскоро ве очекува дипломата! Како се чувствувате на чекор до официјалната диплома и титула? Што може да ни кажете по шест години поминати во учење – дали беше напорно, интересно, дали вредеше...?
Да, како што кажавте полека влегувам во завршниот чин од моето студирање Општа медицина, после многу перипетии, искушенија, непреспиени ноќи, стресови, но и среќни моменти... Положени испити, пофалба од професори, дружење со колеги, први јавни настапи пред поширок аудиториум, многу адреналин и моменти кои се врежуваат засекогаш во нашата меморија и остануваат запишани во поглавјето студентски живот. Дали вредеше, без да се двоумам ќе одговорам „Да, апсолутно“! Да се биде студент на медицина, значи да се има силен карактер, да се биде спремен за жртвување на својот социјален живот, моментите со семејството и најблиските, да се лишиш од многу нешта за да дојдеш до најхуманата професија во бел мантил, сѐ со цел за општо добро и благосостојба на сите.
Кои се вашите идни планови? Каде се гледате по дипломирањето? Вработување и/или доедукација во земјава или можеби надвор од границите?
Во последно време по завршувањето на медицина секој еден доктор се наоѓа пред една крстосница, што понатака? Каде? Дали тоа вреди да останеме овде или сепак да заминеме некаде по белиот свет во потрага по подобро утре? Искрен да бидам, овие прашања не ме заобиколуваат ниту мене, секако дека би сакал да специјализирам веднаш, но дали овде или некаде надвор од земјава, не можам сега ниту една опција да исклучам. Секако дека би сакал да бидам од корист на луѓето од моето опкружување, на моите блиски, на моите роднини, пријатели, на мојот народ, но состојбата е таква, каква што е за жал...
Македонија се соочува со одлив на мозоци. Кој е вашиот став на оваа тема во однос на лекарите и медицинските лица? Дали сепак приходот е пресуден или/и достоинството? Каква е состојбата кај вашите колеги од генерацијата?
Македонија како никогаш до сега се соочува со проблемот иселување на млади луѓе, и тоа млади, едуцирани, квалитетни луѓе кои треба да се најсилен двигател во општеството. Па дури заминуваат и цели семејства кои се добро ситуирани, како одговор на системот кој „функционира“ вака години наназад. Приходот кој е важен мотивирачки момент сепак сметам дека и не е пресуден, земајќи го фактот дека има доктори од примарно здравство кои добиваат плати пониски од келнери во ресторани и кафе барови, наидуваме на квалитетни доктори кои работат преку „договор на дело“ и имаме класична екплоатација на истите за многу ниски средства. Наидуваме на преамбициозни и квалитетни доктори кои плаќаат приватни специјализации поради тоа што не се партиски истомисленици на оние кои се на власт и нема простор за нив на листата на државни специјализации. Тоа го потценува интелектот, тоа го демотивира младиот човек, тоа ги гуши амбициите на рационалниот млад човек да останат овде.
Има ли простор за гнев, разочараност од родната земја што не прави повеќе напори да ги задржи квалитетните?
Веќе делумно одговорив на ова прашање, апсолутно има индикација за разочараност на младите доктори. Покрај тоа што сме во голем дефицит на медицински персонал, сепак во некои наши клиники и државни општи болници, години наназад нема распишано ниту една државна специјализација. Што тоа значи во суштина? Дека младите квалитетни доктори не се потребни на системот и логично е дека ќе постои револт и разочараност кај истите. Не се живее на 30 години од „браво“ и „ти си најдобар“ кога веќе имаш семејство за кое треба да се грижиш.
Повеќе од очигледно е дека кај луѓето, односно пациентите расте револтот од здравствениот систем во земјава. Лекарите несомнено се дел од тој систем, но со оглед на политизираноста на општеството често се немоќни пред некои неправди. Дали сметате дека луѓето со право се револтирани и често сме сведоци на напади кон лекарите?
Очигледно е дека има револт и недоверба кај пациентите во македонското здравство, земајќи го фактот дека кај нас има само 705 вработени (медицински персонал) на 100.000 жители и сме убедливо на дното според оваа статистика во Европа. За разлика од нас Хрватска има 1 204 вработени на 100.000 жители, Германија 1 754, а Швајцарија 2 649 кои се убедливо на врвот. Што тоа значи дека луѓето таму имат апсолутна доверба во држаниот систем кој опслужува висок процент од потребеите на граѓание, а кај нас се форсира паралелен приватен здравствен систем, кој за жал не може секој да си го дозволи. Се игра на карта да се исцрпи максимумот од докторите, медицинските сестри (техничари), болничари и вработени во здравствениот систем. Тие луѓе дежураат неколкукратно во текот на неделата, на повик се кога се „слободни“, a работат по 12 часа на ден и логично е дека не можат психофизички да бидат подеднакво спремни на почетокот и крајот од своето работно време. Сметам дека разочараноста кај пациентите се должи на недостатокот на кадар во нашите државни здраствени институции.
Неодамна имаше еден позитивен пример од соседна Србија, Ниш, каде лекари работеле без пари за да ги намалат листите на чекање на пациентите. Колку недостасуваат вакви гестови во земјава? Колку според Вас медицината е и треба да е хумана професија?
Апсолутно е за поздрав позитивниот пример од Србија и секоја чест за пожртвуваноста која ја покажа колективот од Клиниката за кардиохирургија во Ниш. Србија не е многу далеку во здравството од нас, но сепак имаат поставено еден одржлив систем на функционирање. Како што веќе споменав, во Европа, а за жал и во регионов сме на дното според статистиката на вработени во здравство по број на жители. Оддамна е вклучен алармот за нужните промени во здравството и инвестирање во истото, за нас и за здравјето на идните генерации. Се надевам дека нема да доживееме колективен „burnout“ и ќе сфатиме дека здравјето е пред сѐ, а квалитетно образование и здравство се врвни приоритети во едно општество. Според мене медицината била и ќе остане најхумана професија и не треба да не колебаат личните претензии на поединци (доктори) кои медицината ја гледаат низ призмата на материјална придобивка и бизнис.