Интервју со Бојан Никовски, младински активист: Потребни се нови политики и решенија кои ќе не поттикнат нас младите да останеме во државата, да придонесеме кон справувањето со локалните и националните предизвици

Бојан Никовски е дипломиран политиколог, во моментот студент на магистерски студии по применета политика на Правниот факултет „Јустинијан први“. Вклучен во различни иницијативи во општествената сфера уште од средношколските денови, редовен и активен студент, стипендист и член на програми во голем број на домашни и меѓународни организации. Како што тој вели, неговата идеја е да го даде својот придонес кон напредокот на Македонија, да промовира една позитивна генерациска промена и транзиција на македонското општество кон политичка арена што ќе се заснова врз идеологија, вредности и натпревар на идеи.  

Во денешното интервју разговараме со Бојан Никовски, младински активист и член и поддржувач на голем број младински иницијативи.

Бојан,  кои се твоите лични и професионални предизвици?

Мојот најголем личен предизвик е секој ден да бидам подобар од тоа што сум бил претходниот ден, а индивидуалниот развој, стекнатото знаење и стекнатите вештини да ги искористам за подобрување и унапредување на животот во Македонија. Ова што го споменав како лична заложба, треба да биде желба и мотив на секој поединец кој одлучил да цели кон кариера во општествената сфера и во политиката, а оттаму верувам дека само со ваков пристап можеме да го извлечеме најдоброто од нашиот народ и околина. Доколку живеев во друга држава, веројатно мојот професионален предизвик ќе го барав и исполнував во приватниот сектор, како што започнав и тука, но животот во Македонија и положбата во која се наоѓа државата бара еден поинаков ангажман од нас младите.

Спомена дека си дел од локални и регионални младински организации и иницијативи, каква е состојбата со младите?

Иако многумина со право се скептични во врска со иднината на државата и состојбата со младите, сметам дека Македонија се наоѓа во почетна фаза на една многу позитивна генерациска промена која ќе се одрази целосно на политиката. Транзицијата кон здрава демократија во Македонија сѐ уште не е потполно завршена, а голем дел од тоа се должи на одбивноста да се прифатат прогресот и промените што се случуваат на светско ниво. Како што одминува времето, сѐ повеќе млади луѓе се вклучуваат во политиката и општествената сфера, но истовремено и оние повозрасните кои ги преземаат клучните функции се личности што растеле во систем и средина кои се далеку подемократски и понапредни од претходно. Сепак, истовремено се соочуваме и со сѐ поголема апатија кај младите кон политиката и политичарите. Над 2/3 од младите иднината ја гледаат надвор од Македонија, бројот на политички активни млади луѓе е сѐ уште незадоволителен, а недостигот на капацитети и конкуренција значи одржување на статус кво ситуација во која е тешко да се истакнат најквалитетните поединци. Затоа, сите треба да придонесеме поединечно, да работиме на идеи и решенија кои ќе ги поттикнат нашите врсници да бидат политички активни и општествено одговорни, а заеднички да создадеме услови во кои сите ќе ја гледаат иднината во Македонија.

Кој земја за тебе е репер, и како според тебе би изгледало едно идеално општество?

Поимот идеално општество со причина не е дефиниран или реализиран со векови, а постојат огромен број различни ставови, мислења и дефиниции за како тоа би изгледало и дали воопштое остварливо. Токму затоа сметам дека ова прашање треба да се редефинира во тоа кој систем би бил идеален да се примени во Македонија со цел да сведочиме на вистински и позитивни промени. Секоја држава треба да се адаптира на специфичните услови и временскиот контекст во која постои и го доживува својот развој, а оттаму како земја што претходните децении и векови ги има поминато под окупација или авторитарно владеење, треба да ја извлечеме поуката дека токму тој систем и менталитетот наметнат од тој систем нѐ има донесено во оваа ситуација.

Околу тоа која земја би била пример по кој Македонија најдобро би се развивала и напредувала, треба најпрво да се прашаме, хипотетички, каде сите ние би живееле доколку ја напуштиме Македонија и каде најголем дел од нашите сограѓани за жал се иселуваат. Конкретна држава која би можела да се земе целосно како пример веројатно не постои, но јасно е дека успешните примери на западната цивилизација и начинот на кој денеска се создадени богатите, просперитетни и демократски општества треба да претставува водилка и урнек по кој ќе ја развиваме Македонија.

Најголемиот проблем кај нас кој често се занемарува е тоа што ние како нација низ годините немаме создадено систем што еднакво ги вреднува граѓаните. И тука не зборувам дека системот треба еднакво да ги наградува и да обезбеди еднаков исход на сите, туку да се создаде основа за еднакви можности, еднаква шанса за успех или неуспех на секој поединец во општеството. Македонија 30 години живее во транзициска фаза, во премин од авторитаризам кон демократија кој требаше да биде одамна завршен, но искоренувањето на авторитарниот менталитет, на покорноста и подаништвото одат многу бавно тешко. Затоа, ние, пред сѐ како нови генерации што се во тек со промените на светско ниво, треба да работиме кон имплементација на систем кој е сосема спротивен од она што се случувало во минатото и да се обидеме да изградиме вредности, начин на живот и поле за успех што ќе бидат специфични за овие простори.

Колку нашите политичари, се разликуваат од европските и во што?

Една од најголемите маани што би ја забележал кај нашите политичари е кусогледоста и отпорноста кон промени. Не би сакал да генерализирам, но мнозинството од политичарите во Македонија не зборуваат за идеологија, немаат јасни ставови по клучните прашања, не нудат долгорочни решенија и не работат за воспоставување на повисоки и нови вредности во политичкиот живот. Првиот контакт во политиката на секој поединец, за жал, се заснова на следење на дневно-политички расправии, меѓусебни обвинувања на политичарите и токму врз овие импресии ние ја градиме општата слика за политиката. Принципот на владеење со коалиции доведе до тоа пратениците да бидат безгласни букви, а власта во државата да се концентрира во рацете на малцинствата и самопрогласените политички елити. За разлика од тоа, во најголем дел од европските земји, во САД и на други места, гледаме дека целата поларизација во општеството се одвива според идеолошката определба, различните гледишта за справување со предизвиците, а не на етнички или пак партиски поделби.

Нема да смени многу доколку единствено идентификуваме каде нашите политичари се разликуваат од оние во Европа, затоа што во политиката треба да се зборува за вредности, идеали и особини кои може во себе да ги инкоропорира секое човечко суштество, а секој политичар би имал придобивка доколку биде чесен, отчетен и работи во интерес на оние кои го избираат. Имајќи предвид дека ситуацијата во Европската унија, САД и останатите демократски земји е далеку од идеална бидејќи и таму можеме да најдеме примери на корумпирани поединци, треба да го извлечеме позитивниот пример и да проучиме зошто системот во овие држави не дозволува овој тип на политичари да преовлада над другите. 

Не би навлегувал во детали, но една од идеите зад која стојам најцврсто е промената на изборниот модел во Македонија во мнозински, каде државата би била поделена на изборни единици колку што има членови на Собранието, а граѓаните би гласале за еден кандидат. На овој начин, се зголемува личната интеракција со народните избраници, а многу полесно можеме да ги промениме и изолираме личностите што се корумпирани, работат спротивно на своите ветувања и креираат политики не според личните убедувања и ставови, туку според насоките “од горе” и партиските интереси. Токму на овој начин, според мене, во согласност со генерациските промени што се случуваат, ќе придонесеме кон побрзо искоренување на менталитетот што не кочи со години и би ги поставиле основите на позитивната промена.

Дел си од тимот на градоначалникот Муцунски, што опфаќа ова?

Спротивно на она што многумина би го очекувале како работна обврска во локалната самоуправа, станува збор за динамично работно место што бара високо ниво на посветеност, внесување на енергија и креативност во работата, справување со работа под притисок, како и изнаоѓање на начини за менаџирање и мултитаскинг. Најголем бенефит што јас лично а и многу луѓе околу мене го чувствуваме е тоа што можеме непосредно да следиме и да учиме од поискусните за тоа како се раководи со институција, процесот на креирање на политики, имплементацијата на проектите и важноста од непосредната и правилна интеракција со граѓаните на дневно ниво.

Пред сѐ останато и целото позитивно искуство, би сакал да ја истакнам важноста на самото тоа што по долги години гледаме промена во стереотипите и сретнуваме политичари кои даваат шанса на младите да учествуваат во креирањето на политики и работата на институциите. Сметам дека токму ова треба да биде основниот рецепт за успешност во работата, бидејќи како генерација што расте во најинтензивниот период на технолошки напредок и глобализација, можеме да понудиме многу повеќе од што се мисли. 

Живееме во време на изгубени вредности, корупција и недоверба. Што мислиш ти за ова?

Проблемот со овие работи е нешто што не постои само во Македонија, туку претставува еден глобален феномен и индикатор на тоа дека целото општество скршнува од правилната насока и во последно време премногу се насочува кон аспекти на живеењето кои не се клучни за човековиот опстанок и прогресот на цивилизацијата. Додека постојат луѓе кои гладуваат, немаат дом, живеат во диктатура и не можат да го изразат своето слободно мислење, немаат основни човекови права, одлика на едно нездраво општество е што главните напори ги става на прашања околу климатските промени, социјалната правда и идентитетските политики како клучни за нашиот опстанок.

Би било и премногу наивно и непрецизно доколку кажам дека човештвото се движи во погрешна насока, па затоа истото би го преформулирал во тоа дека сите ние имаме скршнато од основните вредности што ја формираа денешната цивилизација каква што ја познаваме.

Изгубените вредности во голема мера се должат на тоа што барем ние во Македонија 30 години не зборуваме за никакви вредности, туку се занимаваме со дневна политика, црна и негативна кампања, пресметки со политички неистомисленици. Токму овој недостиг на идеолошки поткрепени дебати, недостиг на понуда пред граѓаните што се заснова врз изграден став, принципи и вредности, претставува извор на корупција, недоверба и движење во погрешна насока каде што личниот интерес реализиран преку искористување на системот е најважен. Убеден сум дека нашата генерација, со сите отворени можности пред себе, ќе биде онаа која ќе го промени овој менталитет и начин на живот, а сето тоа позитивно ќе се одрази на нашта иднина и иднината на генерациите по нас.

Колку Аеродром се грижи за младите?

Грижата за младите се гледа токму од она што е сработено во оваа прва година од мандатот. Најголем дел од проектите, инвестициите и политиките кои се креирани се однесуваат на подобрување на спортската и образовната инфраструктура, внесување на нови содржини во наставата, нови детски игралишта, спортски центри и игралишта, финансиска помош за новороденчиња и првачиња и ред други мерки преземени во согласност со надлежностите кои ги има општината како единица на локалната самоуправа. Во оваа насока има уште многу за работа. Потребни се нови политики и решенија кои ќе не поттикнат нас младите да останеме во државата, да придонесеме како кон справувањето со локалните предизвици, така и кон целата држава. Како општина со едно од најбројните млади населенија, неопходно е приоритетот да се стави токму на овие категории. Мерките, проектите и новите воведени стандарди во политиката кои се однесуваат на младите, се надевам дека ќе бидат пример кој ќе го преземат и другите општини, но и во иднина ќе се применат на централно ниво.

Каде државата греши во односот со младите луѓе? Што би можело да се подобри во тој аспект?

Во денешно време, според мене, се става премногу голем акцент за изнаоѓање на начини како младите луѓе кои се веќе општествено и политички активни делумично да се вклучат во процесите, но во посебни тела со некаков вид на советодавна улога. Иако има бројни придобивки и од овие мерки, гледајќи пошироко ова е погрешно почнувајќи од самиот факт дека на овој начин се оддалечуваат младите од носењето на одлуките, се прави поделба помеѓу младите и повозрасните и се ограничува начинот за можно влијание во рамките на политиката и носењето на одлуки. Второ и што е уште поважно е погрешното мислење кое политичарите го имаат за младите. Самото ставање на сите напори во носење закони и мерки за млади кои обезбедуваат обични младински советодавни тела без да им се даде никаква значајна моќ е многу погрешен почеток, а она каде вистински се греши е целосното промашување на темата. На младиот човек во Македонија, држава која се соочува со висока стапка на одлив на мозоци, држава во која младите се сѐ поразочарани од системот, во која 80% од младите иднината ја гледаат надвор, му е потребна добро-платена работа, поттик за претприемаштво, поттик за лично остварување и градење на финансиска независност од државата, родителите или друга страна. Се надевам дека токму во Аеродром, а во иднина и на централно ниво, ќе успееме да воведеме пракса на политики за младите кои ги ставаат нивните реални проблеми во прв план.

Како млад човек, каде ја гледаш Македонија за 10 години од сега?

Надежно и малку утопистички, за десет години од сега Македонија ја гледам како држава во која, за промена, владее мнозинството, држава која е способна да го практикува својот суверенитет, да носи независни одлуки за сопствениот раст и развој, да развива принципиелни пријателски односи со другите земји, да не се става свесно во подредена положба и да создаде средина што ќе ги вреднува талентираните, способните и работливите, средина во која секој човек ќе има еднакви шанси за развој и успех во животот. Сето ова секако, зависи од тоа дали промените ќе се случат во годините што доаѓаат. Дали ќе видиме промена на генерации, промена во начинот на размислување или пак ќе останеме во состојбата во која се наоѓаме.

Македонскиот народ веројатно најмногу низ историјата пател од тоа чекање за некоја трета држава или страна да ги реши нашите проблеми, па оттаму сметам дека со генерациската промена и новите политики ова е нештото што треба најпрво да се промени. Наместо да чекаме магично решавање на најголемите проблеми со кои се соочуваме, најпрво треба да се фокусираме да работиме на промени на микро-ниво, да го пронајдеме сопствениот интерес и полето каде најмногу би придонеле и да сфатиме дека промената треба да почне од секој еден од нас.

Која е твојата порака до младите?

Водејќи се од сето она што го кажав претходно, да сфатат дека и еден човек како поединец може да биде двигател и иницијатор на големи промени, да земат активно учество во решавањето на предизвиците со кои се соочуваат, да се пронајдат себеси и своите таленти во областа во која би можеле најмногу да придонесат за околината. На Македонија во моментот и се потребни нови идеи и енергија, нови начини за политички активизам, нови иницијативи и влијание кон позитивни промени, а тоа претставува доволно широко поле за секој млад човек да се пронајде и на свој начин да придонесе кон подобро утре.