Константин Битраков е асистент на Катедрата по административно право и јавна администрација при Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Во разговорот, од стручен аспект ни појаснува за админстрацијата во земјава која често се споменува како проблем кој чека решение! Со Битраков зборувавме и за младите и студентите, но и за самата ситуација во земјава која често ги тера луѓето да побараат подобра идинина надвор од границите на Македонија!
Според министерот за јавна администрација главен проблем е недоволната компетентност, стручност и недоволниот професионализам на вработените во администацијата. Од друга страна постојано се нагласува превработеноста. Според Вас кој е поголем проблем во овој сектор – превработеноста или нестручноста?
Несомнено дека е тешко да се одговори на ова прашање, бидејќи не може да ги вагаме или споредиме двата проблеми. Но, ќе се обидам да дадам свое гледање на нештата. Прво, околу превработеноста, најнапред треба да појасниме за што зборуваме – за јавниот сектор, за јавната администрација или за државната управа. Ова се три различни поими, кои чинам дека често се мешаат.
Јавниот сектор ги опфаќа буквално сите институции кои се јавни, односно кои се финансираат од јавни средства и/или вршат јавни овластувања: органите на власт (Собрание, Влада, судови, претседател на Републиката), органите на државната управа (министерства, органи во состав на министерства, самостојни органи на државна управа) самостојни државни органи кои одговараат само пред Собранието (Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија и тн.), фондови, единиците на локалната самоуправа, јавни установи и јавни претпријатија кои се основани од Собранието и Владата или единиците на локалната самоуправа (даватели на јавни служби или јавни услуги).
Јавната администрација ја сочинуваат органите на државната управа, фондовите, општинската администрација во единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија основани од Собранието, Владата или единиците на локалната самоуправа. Државната управа, пак, како најтесен поим се министерствата, органите во состав на министерствата и самостојните органи на државната управа.
На ниво на јавниот сектор, не можеме со сигурност да кажеме дека постои превработеност ако ги погледнеме агрегатните цифри, но може да кажеме дека отстапуваме за малку од ОЕЦД просекот. Во земјите членки на ОЕЦД околу 19% од вкупниот број на вработени се вработени во јавниот сектор. Во некои земји (на пример скандинавските) процентите одат и до 30-35%, а некаде и 10% од вкупниот број на вработени се вработени во јавниот сектор (па и помалку како во Јапонија со 5%). Но, просекот е 19%. Ова е утврдено во публикацијата Government at Glance 2023 на ОЕЦД. Кај нас ако ги погледнеме податоците од Регистарот на вработените во јавниот сектор (кој го води Министерството за јавна администрација, како наследник на МИОА) и податоците за вкупниот број на вработени од Државниот завод за статистика, ќе видиме дека отприлика 22 – 23% од вкупниот број на вработени се вработени во јавниот сектор.
Значи, постои извесна отстапка од просекот на ОЕЦД, но не голема. Тоа само по себе не треба да не доведе до заклучок дека постои превработеност, бидејќи е потреба подлабинска анализа (споредба на статистички податоци никогаш не треба да доведе до цврст заклучок).
На ниво на државна управа, пак, можеме да кажеме дека дури постои и недостаток на кадри бидејќи во министерствата недостасуваат, според мене, клучни кадри кои ќе работат на нормативни работи, реформа на системот, креирање на политики и тн.
На ниво на јавна администрација, пак, забележуваме дека најголем дел од вработените се во јавните претпријатија и јавните установи, од кои за дел може да се ревидира дали треба да постојат, а во еден дел треба да се ревидира колку лица се вработени за кои задачи (на пример, нелогично е во едно јавно претпријатие за комунални услуги да има повеќе лица за вршење на правни работи одошто работници за комунални работи).
Оттука, можеби не треба да говориме за превработеност туку за лоша алокација на човечките ресурси во јавниот сектор или јавната администрација. Премногу вработени во сфери каде не се потребни толку, а премалку вработени во органи и области каде апсолутно недостасува кадар. Она што, според мене, треба да го направиме во претстојниот период е да ја зајакнеме државната управа, т.е. државната служба која врши суштински функции за креирање на полтики, нормативно-правни работи, која издава решенија, лиценци и тн. Ова значи, повисоки плати, подобри услови за работа во државната управа, систем кој ќе ни дозволи задржување на најсолидните во министерствата и другите органи на државната управа, регрутација на студенти со особен успех и слично.
Исто така, да се подобрат јавните услуги преку фокусирање, во јавните претпријатија и јавните установи, на имање на одличен кадар во групата на носители на дејност (пр, учители во училишта, доктори во болница), а помалку редудантен кадар за вршење на административни работи.
Второ, што се однесува до нестручноста, не можам да дадам проценка колкав проблем е тоа, бидејќи е тешко да ја квантифицираме нестручноста. Но, дефинитивно е потребно да се работи повеќе на градење на компетенции во државната управа и јавната администрација.
Прво, регрутирање земајќи предвид компетенции, фер интервјуа во присуство на сите кандидати, ситуациони прашања кои ќе покажат колку кандидатот знае за работата, но и континуирана обука за веќе вработените (особено во државната управа). Ние, чинам, забораваме дека едно лице кое било одлично во даден момент мора континуирано да се наградува. На државните службеници не им нудиме, есенцијално, никаква можност континуирано да се надградат. Единствена држава сме во регионов, па и во Европа, без академија или центар или друг тип на орган за континуирана обука на службениците и градењето на нивните компетенции.
Кое е решението според Вас за јавната администрација да ја тргне негативната етикета?
Мислам дека одговорот на ова прашање се наоѓа во одговорот на претходното: подобра алокација на човечките ресурси, регрутирање согласно компетенции, континуирано градење на компетенции и задржување на најдобрите во службата (а, не, да ги губиме најдобрите и да пополнуваме места со помалку квалитетни лица, бидејќи најдобрите наоѓаат многу посолидно платена работа во приватниот сектор).
На вашиот фејсбук профил често коментирате за немањето елементарна култура кај народов, нешто на што сведочиме повеќето, но состојбата продолжува... Отпад, несредени патишта, корупција, недоволна грижа за она што е наше... Далеку ли сме од европските вредности? Има ли надеж новите генерации да променат нешто да подобро, да не бидат толку апатични?
Новите генерации чинам се обидуваат нешто да променат, особено земајќи предвид дека сѐ повеќе забележуваме акции за чистење на природата и урбани средини, настани на кои се промовира култура и слично. Надеж има. Но, не смееме да се потпреме на новите генерации (без разлика на кого точно алудираме), т.е. само на граѓаните.
Во контекст на она што претходно го зборував – време е да го искористиме потенцијалот кој го имаат институциите и тие да бидат оние кои ќе ја исполнат својата причина на постоење: ќе ни овозможат чиста и здрава животна средина во која ќе добиваме квалитетни јавни услуги. Политичките чинители, особено Владата и градоначалниците, треба да именуваат квалитетни менаџери (директори) во институциите под нив кои ќе имаат сериозни програми за работа на институциите и искуство во раководење.
Единствено на тој начин ќе постигнеме ефикасност во работата на институциите, правилна алокација на финансиските и човечките ресурси, интегритет и, на посреден начин, задоволство кај граѓанинот (кој наместо во загадени, отсечени и нефункционални градови ќе живее во адекватна средина и ќе има пристап до адекватни услуги).
Ќе дадам едноставен пример како соодветното вршење на работите од страна на институција влијае и на подобрување на однесувањето на поединците. Ако едно лице се најде на улица која е беспрекорно чиста, без расфрлан смет, без паднати лисја, без непрописно паркирани коли и слично, тогаш поверојатно е дека и тоа ќе се однесува соодветно – нема да фрли џебен отпад, нема да ја остави колата на среде улица додека влезе во продавница или го посети кафулето и слично. Но, ако истото тоа лице се најде на улица во која нередот преовладува и тоа ќе биде поопуштено да се однесува недолично. Значи, институциите се оние кои треба да ја вршат работата, а на граѓаните можеме да се потпреме во многу помал дел на сугерирање и подготовка на нови креативни начини да ја покажеме љубовта кон земјата. На крајот, сметам дека треба да се размисли и на образовна реформа, каде значително ќе се зајакне граѓанското образование уште од најмала возраст. Но, ќе признаам дека не сум толку запознаен со сегашните програми и курикулуми во најниските степени на образование, така што не би коментирал повеќе.
Кои се главните совети кои ги давате на вашите студенти на Правниот факултет?
Јас ги давам советите кои и мене ми ги давале моите професори, оние кои ми предавале во текот на моите студии, но и оние кои денес се мои претпоставени на Катедрата по административно право и јавна администрација: дека никогаш не треба да престанат да вложуваат во себе и да гледаат на нештата песимистички и дефетистички.
Факт е дека во македонското општество постојат бројни проблеми, кои и самите Вие ги спомнавте, но исто така факт е дека постојат бројни успешни примери кои постигнале многу за себе и за околината преку константно надградување, унапредување на сопственото знаење, професионален однос и аспирација за подобро утре. Затоа, секој студент кој бил на моите вежби може да потврди дека сите ги охрабрувам да доаѓаат редовно на наставата (предавањата и вежби), да следат секојдневни случувања во земјата, но и да се обидат да следат и глобални настани (како не би паднале во јамата на македонската реалност без да ја имаат предвид пошироката слика), да бидат активни во младински организации и невладини организации воопшто, да читаат и да прашуваат сѐ што ги интересира на часовите, во контакт со институциите и слично. Едноставно речено, ќе се согласам со она што многумина низ историјата го рекле – ако сакаме подобро општество, треба да појдеме од себе.
Иселувањето е, се чини, главен проблем во земјава. Прашањето за крај, е можеби малку необично - Еве Вие како млада личност сте во земјава, тука градите кариера и, на некој начин сте пример за младите дека може и треба и тука да се вложуваат – во својата татковина. Како гледате на ова? Вреди ли трудот тука или ги поддржувате младите кога иднината ја гледаат во странство?
Најнапред, драго ми е што ме гледате како позитивен пример. Тоа за мене е најголем комплимент и мотив да продолжам. Јас апсолутно верувам да се вложуваат напори во сопствената татковина, наместо веднаш да се пристапи кон отселување. Моето лично искуство мене ми покажало дека овде може, како и во странство, да се постигне многу, но и дека наративот дека апсолутно сѐ е поттикнато или заматено од корупција не е точен.
Јас сум имал прекрасни професори во средно училиште и во текот на студиите кои ме поддржувале кога виделе потенцијал кај мене, постари колеги кои до ден денес ми помагаат и ме подучуваат, колеги од невладиниот сектор и деловните субјекти кои секогаш биле отворени за соработка ... во суштина, не можам да кажам дека не постои можност да се успее овде без да си дел од поголеми коруптивни шеми, без непотизам, кронизам и слично. Се разбира, тоа не значи дека во државата нема предизвици кои, за жал, на многу други места се незамисливи – недостаток на патна инфраструктура, немање на функционален железнички и патен превоз, носење на арбитрерни и не секогаш издржани одлуки од страна на институциите на власта (односно од страна на политичарите), немање на соодветни јавни услуги и слично. Но, во други држави па постојат други проблеми. Оттаму, да резимирам – да, ценам дека вреди да се вложи време и енергија во градење на кариера дома. Ова не значи дека секој млад човек, па и повозрасен, не треба да ги искористи сите можности да види каков е животот и во поразвиените земји и да ги донесе искуствата овде. Секоја индивидуа треба да искуси студентски размени, истражувачки престои, натпревари за ученици и студенти со учесници од странство и слично. Но, трајното иселување дефинитивно не е единствена опција. Секако, секоја чест и на оние кои се иселиле и покажале во странство дека македонските граѓани се исклучително бистри, трудољубиви и талентирани.