Интервју со 18-годишниот Марко Балоски, шеф-диригент на оркестарот од СУГС „Орце Николов“: Кога застанав на сцената во Њујорк, сфатив каде сме денес, а каде бевме пред две години

На само 18 години, Марко Балоски е основач и шеф-диригент на младинскиот народен оркестар при СУГС „Орце Николов“, проект кој од училишна идеја прерасна во оркестар со кој младите музичари настапија и на една од најголемите светски сцени. Со оркестарот стигнаа до златен пехар, а во Њујорк ја претставија македонската традиционална музика пред меѓународна публика. 

Со Марко разговаравме за тоа како е создаден оркестарот, што значи да се биде негов шеф-диригент на 18 години, за предизвиците во работата со млади музичари и за искуството од настапот во Њујорк.

Како започна твојата приказна со оркестарот на „Орце Николов“ и како дојде до тоа токму ти да застанеш зад диригентскиот пулт?

Оркестарот при гимназијата „Орце Николов“ од Скопје го формирав во 2024 година заедно со мои двајца пријатели од гимназијата, Ведран и Иво, сосема случајно, без некаква визија за некое достигнување, само едноставен училишен оркестар кој ќе функционира во рамките на гимназијата, секако со огромна желба и нетрпение македонската народна музика да прозвучи и во холот на Орце. Застанувањето зад диригентскиот пулт настана една година по формирањето на оркестарот, природно, без претходна едукација и искуство во диригирањето, но свирењето во мандолински оркестар како мандолинист, и единствена форма на музичко образование, беше огромна музичка предност за совладување на сите предизвици.

Како се подготвувавте за настапот во Њујорк? Што се случуваше на пробите што публиката никогаш не би можела да го види? 

Подготовките се одвиваа последна недела пред тргањето за Њујорк во доста поинтензивна атмосфера. Кога притисокот ќе почне да преовладува, предивизкот е уште поголем. Во текот на тие проби најбитното е да се остане фокусиран, и да се научи совладувањето на позитивната трема, која сите знаевме дека ќе не пречека на американската сцена. Тие проби беа доказ дека оркестарот е тим кој заедно победува, успева и не се откажува.

Како изгледа моментот кога стоиш пред оркестарот, гледаш во твоите врсници и знаеш дека за неколку секунди треба да започнете концерт пред публика, баш во Њујорк?

Најголемата трема и емоција беа токму во првите секунди. Публиката се сместува, дава аплауз и чека да ги поздравам со краток говор, по кој ќе проследи нешто, што го немаат видено и слушнато до сега. Јас кога застанав на сцена и ја издиригирав првата песна, се соочив со реалноста и фактот, каде сме ние во моментов, и каде бевме пред 2 години.

Кој момент од престојот и настапот во Њујорк најмногу ќе го паметиш?

Како диригент најмногу ќе го паметам концертниот настап во Њујорк, бидејќи воедно тоа беше и нашиот прв концерт одржан во професионална класична сала, и секако дружбата со оркестрантите во мегаломанскиот град, далеку поразличен од светот кој ние го знаеме. Но, нема заборавам и што сѐ направив за ние да отпатуваме до Њујорк, а верувам дека ни моите членови.

Дали веќе знаеш дали музиката и диригирањето ќе бидат дел од твојот професионален пат, или сè уште си оставаш простор да истражуваш?

Професионалноста и перфекционизмот се составен дел од мене. За да работиш нешто професионално, не секогаш мора да имаш завршено некакво формално образование. Во иднина јас планирам да се занимавам со мојата прва љубов, медицината, но секако дека моето хоби и добро познатата комбинација од доктор музичар, ќе бидат присутни и понатаму во животот.

За крај, што би им кажал на учениците кои имаат талент, но се плашат да излезат пред публика или да преземат лидерска улога?

Една порака како за крај до сите мои врсници и соученици е да го земат овој успех за пример.
Не е потребно да ги имаш одговорите на сите прашања, туку најбитно е да го исчекориш првиот чекор и да започнеш. Не грижи се од тоа што ќе ти речат другите, или колку е возможно, туку гледај ти да научиш нешто од тоа што го правиш. Не ја губи довербата во себе и немој да се откажеш, дури и кога е најтешко. Но, и најбитно е да запаметиш: кога го правиш, прави го со многу, ама многу љубов.