Институции и обележја во Скопје ќе светнат во сина боја во чест на Денот на детето

Во знак на одбележување на Светскиот ден на детето денеска дел од институциите во Скопје ќе бидат осветлени во сина боја како симболичен гест на нивната заложба за унапредување на правата на децата.

Во сина боја ќе бидат осветлени Владата, Собранието, УНИЦЕФ, делегацијата на ЕУ, Министерството за образование и наука, Археолошкиот музеј, Музејот на современа уметност, Амбасадата на Италија, како и Халк банка и Рамстор мол кои се приклучијае кон иницијативата.

Секоја година на 20 ноември, денот кога е потпишана Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето, во светски рамки се одбележува Денот на детето, а зградите и обележјата се осветлуваат во сино. Во 2019 година во сино беа осветлени важни институции како Европскиот парламент во Брисел, Пантеон во Франција, Акрополис на Атина во Грција, Палатата на мирот во Хаг, Холандија, Раштрапати Бахаван во Индија, Петра во Јордан, мостовите на Босфор во Турција и многу други.

Годинава, Светскиот ден на детето се одбележува во услови на пандемија која, како што посочуваат од УНИЦЕФ, ги разоткри нееднаквостите во општествата, ставајќи ги децата под ризик да станат скриени жртви.

Имајќи го ова предвид, УНИЦЕФ ги повикува владите, бизнис заедницата и сите други чинители да го одбележат овој ден како можност да се слушне како децата и младите сакаат да ја преосмислат иднината.

– Надоврзувајќи се на успехот што во 2019 година го имаше првиот состанок на високо ниво во државата#KidsTakeover кога младите отворија дискусија со владините министри на теми што се однесуваат на нивниот живот, на 20 ноември оваа година, заедно со Владата и со Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија,УНИЦЕФ ќе го поддржи вториот #KidsTakeover на кој учесниците ќе се осврнат на најважното прашање што ги засега децата: како ја замислуваат иднината на образованието и како подобро да се надгради образованието по КОВИД-19, се наведува во соопштението од УНИЦЕФ.