
Антонио Павловски е културен работник и туристички водич кој знае како да ги заинтригира туристите, но и сите оние кои копнеат по нови, интересни приказни за нашата Македонија.
Страста за нови откритија, но и „културни авантури“ е таа која го води овој млад човек постојано да се надоградува со нови знаења и искуства, од кои голем дел му се тесно врзани со главниот град - Скопје.
На овие теми, поразговаравме со Павловски во едно навистина инспиративно интервју!
Потекнувате од Слепче, но веќе подолго време живеете и работите во Скопје. Зошто баш Скопје, што за Вас претставува градот кој темелно го истражувате и презентирате пред другите? Колку време сте во оваа професија?
Јас ја имав таа среќа да можам да растам и созревам (и духовно, и интелектуално) и во градот и во селото. Моето детство немаше баш вообичаен редослед: кога повеќето за распуст одеа на село, јас добар дел од летниот распуст го поминував во Скопје, кај моите баба и дедо. Така што, можам слободно да кажам дека тогашните посети на музеите и галериите, на концертите на Скопско лето, на откривањето на скриените места на Скопје, во тогаш детските очи биле првата искра за уметноста, за убавото, за нешто повозвишено.
Од друга страна пак, Слепче е едно од најстарите села во нашава земја, ако ги прашате селаните, ќе ви кажат дека го основале ослепените самоилови војници, ако пак консултирате историски извори ќе дознаете дека тука постоела населба уште од хеленистичко време. Тука, во средновековието, а особено во XVI век, постоеле книжевна препишувачка школа и резбарска школа која развила посебен уметнички правец.
Неизбежно е таквото опкружување да ви побуди љубопитност и желба за откривање, и како дете, и како возрасен. Сите тие предели, приказни и сцени од животот кои ги носам во себе, дополнително ме поттикнуваа дека треба и професионално да почнам да ја пренесувам и раскажувам мојата приказна, на начин на којшто јас знам. И еве, повеќе од една година тоа (верувам успешно) го правам.

Главниот град Скопје, особено во последните неколку години, се соочува со сериозни критики – дека не личи на метропола, дека е „умрен“ град, депресивен, нечист... Каква е вашата оценка за градот сега од овој аспект? Дали всушност градот „го прават“ и самите луѓе? Имаат ли жителите почит и желба да му понудат нешто на градот? Од вашето искуство на што најмногу се жалат посетителите, гостите во Скопје, а што најмногу ги воодушевува?
Сметам дека секоја генерација си има свое лично Скопје и дека природно е градот да се менува, да се развива, да гради нови приказни. Но, ова денешно Скопје, за жал, не е тоа кое што сакам јас да го гледам и кое што сакам јас да го претставам на странските посетители. Ова Скопје веќе не се сеќава на солидарноста, нема почит кон сопственото минато, кон јавното зеленило, градската чистота... и секако дека не ми е сеедно.
Големото сидро од бродот „Скопје“ кое се наоѓа на кејот на Вардар е затрупано со отпад, „преживеаниот“ портал од Учителската зграда е речиси недостапен, Музејот на илегалните работилници од НОВ најчесто е затворен... и за жал постојат уште многу вакви примери кои го одразуваат нашиот однос кон градот, но и каква слика покажуваме пред странските посетители.
Јас секогаш се обидувам да ја покажам онаа убава страна на Скопје, да ги водам посетителите на почиста и побезбедна патека, но некогаш лошите слики се неизбежни. Од друга страна, сметам дека не треба ни да се премолчуваат нашите лоши решенија и мора јасно да се зборува за тоа. Гостите коишто јас ги водам се воодушевуваат на нашиот начин на живот, на мешавината на западот и истокот, непосредноста на луѓето, на солидарноста која го гради одново Скопје, на брутализмот којшто сега, за жал го гледаат половично, зашто некој сметал дека треба да биде покриен со гипс-картон.

Скопје во 2028 ќе биде Европска престолнина на културата – Има ли градот капацитет да се носи со оваа престижна титула?
Скопје ја имаше среќата и честа да се вброи во градовите кои ја носат титулата Европска престолнина на културата, но истовремено, ја имаше и несреќата не секогаш тие кои го водеа/водат да знаат што значи таа титула и да ја сфатат нејзината суштина.
Во периодот 2018-2022 јас директно бев вклучен во координативното тело кое што ја подготвуваше апликацијата за ЕПК 2028, така што добро сум упатен во целиот тој процес. И еве после толку години, за жал, не мислам дека Скопје е спремно за 2028 година. Тоа е долг процес, не е нешто што се случува преку ноќ, но не гледам ни дека нешто особено се прави.
Дали има Скопје капацитет?
Да, но тој капацитет треба да се насочи, да се доразвива, да се надградува. Изминатиов период Градот требаше активно да се занимава со дисперзија на културата (сите културни институции се во строг центар), со отворање нови културни центри (Шуто Оризари, Сарај, Драчево...), со градење на публика, со поддршка на независната културна сцена, со транспарентна распределба на средствата, со поддршка на маргинализираните заедници, со културна понуда достапна за секој... Титулата ЕПК не значи престиж, ЕПК ни треба нам, на Скопје, за да прерасне во еден европски град на културата, како што и му доликува.
Културата може да биде двигател на урбаниот, социјалниот и економскиот развој на градот, но за тоа се потребни правилни политики.

Се ближи и датумот за повторно пуштање на Универзачна сала – едно култно место за скопјани. Тука се и Камениот мост, Старата скопска чаршија, Аквадуктот, Калето за кое исто така има најави за преуредување... Кое од овие места (или друго во Скопје) посебно ве инспирира, ви значи и сакате да го истакнете како симбол на Скопје?
За мене најголемо и највредно богатство на Скопје е наследството од светската солидарност која го изградила разрушениот град. Не знам дали постои во светот уште еден таков пример каде што буквално целиот свет се ангажира и придонесува кон обновата на животот на еден град. И токму поради светската солидарност ние го имаме светот во маало. Погледнете ги само имињата на нашите улици: Осло, Багдадска, Финска, Стокхолмска, Париска, Лондонска, Московска, Њуделхиска...
Ја споменавте Универзална сала, којашто самата по себе е посебна приказна, таа е направена со помошта на 35 земји, а дополнителна вредност ѝ дава тоа кои сè светски уметници настапувале во неа. Доволно е само да ги споменам сториите на девојчето Гудвин Мец од Германија, што целата своја заштеда од касичката ја испраќа за настраданите од земјотресот или на младата јапонска студентка Еико Музики којашто го донирала својот дијамантски прстен, пренесуван со генерации во семејството. Ете тоа е вистинската слика на Скопје којашто ние треба да ја покажеме на светот.

Ви пречи ли прекумерното градење во Скопје? Згради, трговски центри... Доволно ли е зеленилото низ Скопје со оглед на аерозагадувањето во зима?
Не ми пречи градењето, туку ми пречи непланското градење, без почит и однос кон минатите слоеви на градот и кон хуманото живеење. До пред петнаесетина години Скопје бил еден од најзелените градови во Европа, а сега цело централно градско подрачје ни е бетонизирано и обеззеленето.
Друго што сакам да посочам е тоа што не сме доволно свесни дека имаме планина во центарот на градот. Ако тргнеме пешки од плоштад, ние за 20 минути веќе ќе бидеме на планина. Таа привилегија не смееме да ја изгубиме. Една од приказните која ги воодушевува туристите е тоа дека постарите скопјани добро се сеќаваат дека Водно била гола планина, без шума. Ова што го гледаме денес е антропогена шума, но и прекрасен пример како заеднички човекот и природата можат да направат убави нешта.

Приватно, како се рекреирате, имате ли омилено место за кафе, пијалак, десерт во Скопје? Го „фаќате“ ли темпото на градот?
Јас сум човек којшто многу пешачи, всушност така и го дооткривам градот. Речиси секојдневна точка ми е Старата скопска чаршија, со попатно застанување на падобранец или орасница во „Ригара“ или на лахмаџун во „Галерија 7“ каде што своевремено гостин бил и големиот американски поет Ален Гинзберг. Посебно ги сакав „Менада“ и „Дамар“, кои за жал веќе не постојат и мислам дека без нив чаршијата изгуби дел од својата душа.
Многу често гравитирам и во Дебар Маало, на пладневно кафе, на вечерна пијачка... Знам да свратам во посета на некоја од моите омилени книжарници: Матица, Илика, Чудна шума, Или-или... на кафе-муабет.
Овој период гледам да „фатам“ нешто од Мајските оперски вечери и од Филозофскиот филмски фестивал, а во текот на летото задолжителни ми се концертите и изложбите на Скопско лето. Во Скопје секој ден може да ти биде интересен и посебен.