Инспекторите на Град Скопје почнаа акција за чистење и казнување за приватни депонии

Инспекторите за животна средина на Град Скопје деновиве почнаа акција за чистење и казнување за приватни депонии, односно имот на кој сопствениците дозволиле од негрижа или од лукративни причини да се креира отпад во скопските општини, соопштија од Град Скопје.

Оттаму наведоа дека врз основа на пријава од граѓани или самоиницијативно, инспекторите за животна средина прво вршат инспекциски надзор, ја констатираат состојбата на терен со записник и издадаваат решение со кое ќе ги задолжат сопствениците на имотот во даден рок да постапат по даденото решение.

– Доколку сопствениците на имотот не постапат по тоа решение инспекторите ќе изготват ново решение, со кое се задолжува ЈП „Комунална хигиена“ да ја исчисти наведената локација. Трошоците за чистење се фактурираат на сопственикот на приватниот имот кој креирал или дозволил да се направи дива депонија. Во оваа постапка, инспекторите постапуваат според Законот за управување со отпад и Законот за животна средина, истакнаа од Град Скопје.

Во текот на минатата недела, како што додадоа оттаму, по издадено решение од инспекторите за животна средина, исчистена е дива депонија на раскрсницата меѓу булеварот „Гоце Делчев“ и улицата „Беласица“, кај трговскиот центар „Ист гејт“, која претставуваше децениски проблем за целата околина .