Инфектологот Марковски: Тогаш кога ќе сакаме, и со сите сили ќе се бориме да заврши пандемијава

Пронаоѓањето на безбедна и ефективна вакцина е долг процес, а очекувањата на луѓето дека таква ќе добијат најдоцна до 2022 година – очекувања кои се резултат на, како што вели, наметнатиот став дека вакцината е единствен спас од Ковид-19 – се пострашни од самиот вирус, инсистира инфектологот д-р Вело Марковски во интервју за порталот „Фактор“.

Марковски не запира тука. Имено, според него, доколку вакцина се појави пред 2022 година, тоа само ќе ги потврди теориите на заговор дека почнала да се произведува пред воопшто да биде прогласена пандемијата. За него, повеќе од очигледно е дека во светот постојат интереси пандемијата да потрае.

Во интервјуто во кое зборува на повеќе теми околу коронавирусот, Марковски објаснува зошто мисли така. Прашан кога ќе заврши пандемијата, тој одговара:

„Тогаш кога ќе сакаме, и со сите сили ќе се бориме да заврши пандемијава. Очигледно е дека во светот постојат интереси пандемијата да потрае. Кога навистина би се оставило исклучиво на науката да бара решение, верувам дека за краток период ќе се најде решение. Во време кога тие што знаат се маргинализирани (со стотина други ставови), кога јавноста лицитира кој колку може и знае, кога реферудумски треба да одлучиме кое е решението, само нѐ води кон дното. За сите големи проблеми во медицината, решение нашле поединци или одредени научни институции. Во паника не може сигурно да се носат добри и исправни решенија. Оваа пандемија веќе ги има најголемите последици по економијата, човековите права, здравјето на луѓето, а сето тоа не е поради реалните жртви од самиот вирус, туку од паниката која се создаде“.